„Силата на Севишниот ја осени Безбрачната за да зачне, нејзината доброплодна утроба ја покажа како плодна нива за сите кои сакаат да жнеат спасение и да пеат вак: Алилуја!“ (Кондак 3 од Акатистот на Пресвета Богородица).

 

На 11.03.2022 година, во вечерните часови, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужено Мало повечерие со Акатист на Пресвета Богородица, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Акатистот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Светата православна Црква според Цариградскиот типик за време на Велигденскиот пост во првите пет петоци на малото повечерие го вметнува и акатистот на Пресвета Богородица. Во првите четири петоци, се читаат по три кондаци и три икоси, а во петтиот петок се чита целиот акатист. Ние денеска ја служиме првата статија од акатистот на Пресвета Богородица. Света Богородица како во акатистот така уште и во Стариот завет се нарекува со многу различни имиња. Во втората книга Мојсеева се опишува еден настан: Кога Мојсеј здогледал како една грмушка гори, но не согорува си рекол во себе: „Да појдам, да го видам ова чудо, зашто грмушката не изгорува" (2 Мој. 3, 3). Господ, пак, од грмушката проговорил со зборовите: „Не приоѓај ваму. Собуј си ги обувките од нозете, зашто ова место, на кое стоиш е света земја" (2Мој. 3, 5). Тоа било посебно јавување Божјо, кое светите отци го толкуваат како праслика на Богородица, бидејќи грмушката или капината не согорува, но исто така некои свети отци овој настан го толкуваат и како праобраз на Црквата Христова.


Се поставува прашањето во која смисла несогорливата капина се јавува како праобраз на света Богородица? Богородица се јавила како онаа која Го сместила Несместливот и во неа се вселил Самиот Господ Исус Христос. Самото предвечно Слово Божјо се вселило во нејзината утроба без да ја изгори и без да ја разруши нејзината внатрешност. Се случило токму спротивното – Бог ја осветил, ја оживотворил и ја обоготворил сета нејзина човечка природа. Тоа било јавување на славата и силата Божја. Затоа и свети архангел Гаврил кога ѝ се јавува на Дева Марија ѝ вели: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени" (Лк. 1, 35). А, сето ова чудо го надминува секое човечко умување и разбирање.


Од овој момент започнува и нашето спасение со овоплотувањето на Бога. По овие зборови на архангелот Гаврил, непорочната Дева зачнала и Го родила Синот, Кој станал Спасител на светот. Исто така, и ние кога ги примаме во себе Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос, стануваме слични на несогорливата капина, која гори со оган, но не согорува. Во молитвата се вели дека Телото и Крвта Христови во Светата Причест се јавуваат и како свети и огнени и ја изгоруваат осквернетоста или нечистотијата. Сепак ние продолжуваме да живееме и да делуваме имајќи Го внатре во себе Самиот Бог. И самата Црква Божја се јавува како несогорлива капина, затоа што божествениот оган присуствува во Црквата, во нејзиниот живот и во светите тајни. Ние знаеме од житијата на Божјите угодници, дека многумина од нив кога служеле света Литургија и Го повикувале Светиот Дух да слезе на Светите дарови, Го виделе Духот Свети како слегува во вид на оган. Ова го виделе многумина продуховени и свети луѓе.


Секоја света тајна содржи во себе оган и секое наше допирање кон светите тајни е допирање до божествениот оган. Денеска кога ние сме членови на Црквата Христова, Господ на чудесен начин го оладил за нас својот божествен оган, ја намалил неговата сила, за да не нè изгори, туку да нè затоплува и да нè просветлува. Тој ја просветлува целокупната наша човечка природа. Сето тоа е овозможено благодарение на Богородица, која послужила за големата тајна, за Бог да стане човек, за ние луѓето да постанеме богови по благодат.


Света Богородица отсекогаш била помошничка и закрилница на човечкиот род. Затоа таа, освен капина која не согорува, се нарекува и скала по која нашите души се искачуваат од земјата кон небото. Да се обратиме со искрена молитва кон света Богородица. Таа да биде наша покровителка и застапница пред престолот Божји и пред ликот на нејзиниот Син, нашиот Господ Исус Христос. Сите наши маки, двоумења и страдања да ѝ ги принесеме на Богородица и од неа да побараме поткрепа и застапништво за помош од Господа Исуса Христа. Тој ги услишува сите прозби на секој верник кој со искрена вера се обраќа и проси помош. По молитвите на света Богородица, нека бидат слушнати нашите прозби и нека овој акатист биде на помош на сите нас. Амин!


Прв акатист на Пресвета Богородица
Храм „Пресвета Богородица Каменско" Охрид
11.03.2022 год.

 

prvakatist2022 1prvakatist2022 2prvakatist2022 3prvakatist2022 4prvakatist2022 5prvakatist2022 6prvakatist2022 7prvakatist2022 8prvakatist2022 9

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2