„Господ, Кој те поткрепи во страдањата, те даде како божествен дар за спасение на целата вселена, душевните наши болки исцелувајќи ги, и телесните страсти победувајќи ги мачениче Теодоре! Христа Бога моли Го, да ни дарува милост голема“ (седален на Утрена на Тодорова сабота).

 

На 12.03.2022 година, во саботата од Првата седмица на Великиот пост - Тодорова сабота, и на празникот на светиот маченик Агатангел Битолски, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Во првата сабота од Велигденскиот пост, светата Црква го прославува свети Теодор Тирон. Овој маченик пострадал за Христовата вера во почетокот на четвртиот век. Но, тој посебно се прославува денеска за чудото што го извршил педесет години по своето упокојување за време на византискиот император Јулијан Отстапник, кој бил голем непријател на христијаните. Знаејќи дека христијаните во првата седмица од Велигденскиот пост строго постат за да се причестат, наредил во империјата, а особено во Цариград, со крвта од идолски принесени жртви да бидат попрскани сите производи на пазарите. Преку тоа сакал да ги оскверни христијаните. Но, од Бога бил испратен свети Теодор Тирон кој му се јавил на архиепископот Цариградски. Нему му кажал да ги извести христијаните да не одат по пазарите, а тие што немаат доволно храна во нивните домови, да варат пченица со мед и така да се запазат од осквернување. Архиепископот така и наредил. Христијаните го послушале и од тогаш останал обичај во православната Црква да се подготвува варена пченица, односно коливо во чест на свети Теодор Тирон.


Но, ние знаеме дека на денешен ден, најголемиот дел од христијаните доаѓаат за да се причестат со Телото и Крвта на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Велигденскиот пост е најпогодно време кога ние се соединуваме со Христа. Ние живееме во период кога страстите господарат во овој свет. Се намножија неправдите, клеветите, злобите, конфликтите, па затоа нашиот одговор на сите овие предизвици треба да биде поубедителен. Ние не треба да се угледуваме на тие што остануваат во својот гнев, злоба, раздразнетост, клевета и сл. Ние сме должни да одиме по друг пат и да одговориме на сè со духовен подвиг и со силна молитва – и на доброто и на лошото. Ова се однесува на сите луѓе и на сите христијани. Можеби некој ќе постави прашање, зошто Господ дал таква строга и страна заповед: „Ако некој те удри по десниот образ, сврти му го и другиот" (Мт. 5, 39). Многу луѓе до денеска не можат да ја разберат смислата на овие зборови, но тука станува збор за сочувување на внатрешниот мир. Ако ти одговориш на зло со зло, тогаш непријателот кој ти направил зло те победува. Ти си бил мирен, спокоен, добронамерен, си го живеел животот свој и ете се нашол човек кој те нажалил. Ако ти му одговориш со иста мера, тогаш неговата злоба и неговиот пекол постануваат твој ад. Тој те победил тебе, ти го разрушил внатрешниот живот и твоето спокојство. Но, ако ние не му одговориме на злото со зло, тогаш ние победуваме, тогаш нашата крепост или тврдина останува непристапна и непријателот се разбил од таа стена. Таквата сила на духот може да ја сочуваме само тогаш кога пристапуваме кон Бога. Ако нашите подвизи не произлегуваат од чисто и срдечно религиозно чувство, ако човек не чувствува молитвена врска со Господа, ако не се сврти кон Него и не Го слуша Неговиот одговор, тогаш секое наше дело е безначајно. Тогаш не помагаат никакви негови подвизи. Затоа потребно е сѐ да биде во склад со законот и прописот на Црквата. И молитвата ако е искрена, тогаш дава можност за наше спасение, а тоа се добива само со милоста Божја и љубовта на Семилостивиот Господ Исус Христос. Од многумина спасението се восприема како превисоко или претешко дело, за кое немаме никакви човечки сили. Но, ако е така, тогаш Бог не би го предлагал на луѓето. Во светото Евангелие според Матеј се вели: „Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно" (Мт. 11, 30). Затоа носењето на тоа бреме е наша животна задача.


Молитвата и богомислието се неопходни за спасение. Затоа со нив да се засилуваме за време на Велигденскиот пост и да се движиме кон Бога со нашите срца. Благодатта Божја е способна да нè зацврсти така што секое дејстување на грев се покажува немоќно врз нас. Господ да ни помогне токму по таков образ и пример да го уредиме нашиот живот. По молитвите на свети Теодор Тирон и свети Агатангел Битолски чиј спомен денес го празнуваме, Бог нека ги услиши нашите молитви и така нека биде. Амин!

 

Тодорова сабота
Плаошки манастир „Свети Климент и Пантелејмон" Охрид
12.03.2022 год.

 

todorosab2022 1todorosab2022 2todorosab2022 3todorosab2022 4todorosab2022 5todorosab2022 6todorosab2022 7todorosab2022 8todorosab2022 9todorosab2022 10todorosab2022 11todorosab2022 12todorosab2022 13todorosab2022 14todorosab2022 15todorosab2022 16todorosab2022 17todorosab2022 18todorosab2022 19

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3