„Претставувајќи го на икона Твојот Божествен лик, Христе, јасно ги воспеваме Твоето раѓање, неискажливите чудеса и доброволното распнување. Од тоа и демоните во страв бегаат и безбожните во срам редат, како нивни соучесници“ (седален на Утрена во Прва недела од Великиот пост).

 

На 13.03.2022 година, во Првата недела од Великиот пост - Неделата на православието, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати коне верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Во првата недела од Велигденскиот пост ги прославуваме сите оние кои со својот живот и подвиг, како и со своите мисли и дела ја утврдиле нашата православна вера. Овој празник Црквата го востановила во 843 г. во Цариград во црквата Света Софија. Имено, во таа година цариградскиот патријарх Методиј и царицата Теодора на свечен начин ги внеле иконите во Света Софија и објавиле победа над иконоборството. Како што знаеме, оваа ерес направила многу штета на Црквата Христова. Иконоборците не употребувале само убедувања, туку со помош на императорската власт која ги поддржувала, имале за цел да ги истребат сите оние кои биле верни на православната традиција – сите оние кои ги почитувале иконите. Нашите далечни предци на денешниот ден не прославувале само победа над иконоборството туку над сите ереси во историјата. Тоа го правеле со надеж дека вистинската вера Христова нема никогаш повеќе да биде гонета.


Но, за жал, од историјата знаеме дека ниту ересите, ниту гонењата на Црквата никогаш не престанале. Телото на Црквата и денеска е потресувано од такви гонења, па така во неа е присутно и мачеништвото и исповедништвото. Така ќе биде веројатно и до свршетокот на светот. Се поставува прашањето: Зошто луѓето се подготвени да одат во страдања и смрт заштитувајќи ја својата вера. Одговорот на ова прашање лежи во денешниот Апостол, односно во посланието до Евреите. Таму се зборува за верата на Мојсеј и за старозаветните пророци, кои помагале да се надминат сите тешкотии. Тие правеле чуда во името на Бога. Ова четиво завршува со прекрасни зборови: „имајќи го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји" (Евр. 12, 2).


Во која смисла во ова послание Господ се нарекува „Зачетник и Довршител на верата"? Се нарекува така, зашто Христовата вера на Црквата се нарекува вера на светите апостоли, предадена на последователите и на идните поколенија. Таа е предадена на луѓето и таа е основа на сѐ. Таа вера не е основана на човечката сила туку на Самиот Господ Исус Христос. Неговите зборови се зборови на откровение кои постанале основа на нашата вера. Во посланието се зборува и за старозаветните подвизи, а по тоа се кажува дека нам Бог ни дал нешто повеќе, односно ни ја дал верата на која почеток е Исус Христос. Имено, во Христа се содржи целокупното откровение на Бога кое му било дадено на родот човечки. Тој е Алфа и Омега – Почеток и Крај (Откр. 1, 8). Ете зошто многу христијани како во минатото така и денес се подготвени за маки и страдања поради верата во Христа. За нив верата е најголемо богатство и во неа тие не се колебаат. И денеска постои верата и ќе постои, зашто таа е главниот критериум на вистината. Таа има способност да ги разликува духовите.


Верата дава посебен поглед на смислата на животот и ги гледа нештата многу подобро од сите филозофски и политички гледишта. Таа им помага на луѓето да ја согледаат реалноста на животот. Понекогаш таа може да ни изгледа и како противречна на модерните трендови и на овоземните мудрувања. Од историјата на Црквата знаеме дека за да се сочува верата во Христа потребен е подвиг и храброст. Во овој поглед и нашето време не се разликува од другите времиња. И денешните филозофски и политички размислувања често се противречни на верата во Исуса Христа. Од нас верниците се бара храброст и сила за да ја сочуваме верата во Господа и Спасителот, Кој е началник и извршител на нашата вера. Како одговор на тоа, Бог ни дава сила да проникнеме и да ги разликуваме духовите.


За да се сочува верата православна, да се сочува способноста за разликување на доброто и злото, потребно е во животот да стоиме на страната која го сака доброто и се стреми кон него. Верата и надежта треба да ни бидат водителки на тој пат.


Да Му допуштиме на Господа да ни помогне за да продолжиме да ја сведочиме нашата вера. Да ја чуваме во нашите срца и со таа вера да ги градиме односите со сите околу нас. Да помниме дека Црквата е на живиот Бог и таа е столб и тврдина на вистината (1 Тим. 3, 15) и вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мт. 16, 18). Амин!

Недела на православието
Храм „Свети Никола Геракомија" Охрид
13.03.2022 год.

 

nednaprav2022 1nednaprav2022 2nednaprav2022 3nednaprav2022 4nednaprav2022 5nednaprav2022 6nednaprav2022 7nednaprav2022 8nednaprav2022 9nednaprav2022 10nednaprav2022 11nednaprav2022 12nednaprav2022 13nednaprav2022 14nednaprav2022 15nednaprav2022 16nednaprav2022 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3