„Поткрепени со твојата сила, верно ти викаме: Радувај се, граде на Царот на сите; горо несечена, за која јавно беа раскажувани и слушани чудесни нешта! Радувај се, длабочино неизмерна“ (песна од канонот на Мало повечерие на Акатист на Пресвета Богородица).
На 18.03.2022 година, во вечерните часови, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, во петокот од Втората седмица на Великиот пост, беше отслужен Акатист на Пресвета Богородица, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Игор Никовски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Акатистот, а со благослов на Митрополитот Тимотеј, протоерејот-ставрофор Игор Никовски се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
протоереј-ставрофор Игор Никовски
Беседа на Вториот акатист на Пресвета Богородица
петок 18 март 2022 година
Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци,
Браќа и сестри во Господа Исуса Христа, распнатиот но воскреснат наш Спасител.
Во овој петок од втората седмица од светата и благословена Четирие–сетница, присуствувавме на заедничката акатистна молитва, принесена на Пресветата Мајка Божја, Марија Богородица. Односно беше испеана втората статија од Акатистот на Пресвета Богородица, со 4, 5 и 6 икос. На сите вам, овде присутни, ви е познато историското собитие кое се случило пред 14 векови во престолнината на Византиското царство, кое довело до создавањето на овој Акатист посветен на Пресвета Богородица. Константинопол бил окружен од персиската војска и од копно и од море, така што за византијците не останувала никаква надеж во човечка сила и помош, за да би можеле не да ги разбијат воинствените персијци, туку да преживеат тие и нивното царство. Тогаш сите луѓе од Цариград, православни во верата и наследството, својата надеж ја впериле кон единствената брза помошничка на родот човечки, на Небесната Царица, која што има сила непобедлива и ги ослободува верните од секакви неволји. И помошта не изостанала преку Богородица, која им дала победа над непријателските војски и градот бил сочуван од иноплемени разорнувања. Тогаш целиот народ, царската свита и свештенослужителите, стоејќи ноќта сите простум во големата црква посветена на Премудроста Божја, СВЕТА СОФИЈА, испеале долга песна, наречена Акатист, како благодарствен изблик од верните срца кон Пресвета Богородица. Таа, пак, својата заштитничка сила ја покажала последователно и два пати по овој настан, кога на царскиот град нападнале освојувачките муслимански војски. Богородица ја распрострела својата заштита врз градот, затоа што во него живееле верни христијани, и тој бил спасен. Од тие причини во царството се озаконил богослужбениот поредок во текот на светата Четириесетница да се чита овој Акатист посветен на Мајката Божја. И оваа богољубива традиција, во која што сме соучесници и ние, постои до ден денешен во секоја православна црква во светов.
Акатистот, пак, е поделен на 4 статии, и тие се пеат во првите 4 петоци од светата Четириесетница, додека, пак, во петтиот петок, се пее целиот Акатист пред иконата на Пресвета Богородица. Секоја статија се состои од 3 икоси, во која се разработува по една тема, односно, за да можеме тоа подобро да го разбереме, трите икоси се како три строфи. Во денешната Втора статија составувачот на Актистот нѐ воведе во серадосниот и таинствен домострој на Христовото раѓање во тело. Токму затоа сите денес слушнавме дека кон Богородица во 4 икос радосно ѝ се обраќаат пастирите, во 5 икос израдувани се мудреците што ја следеа ѕвездата и во 6 икос кон Богородица извикуваат луѓето избавени од идолските египетски мрежи. Сега, пак, да се навратиме малку и да се потсетиме на тоа што беше пеано вечерва на оваа богослужба.
Во четвртиот икос Акатистната пофалба започнува со пастирите, односно тоа се овчари, кои ги паселе своите стада овци во Витлеем Јудејски, кои слушнале невообичаени гласови во височините, исполнувани од ангелските сили, кои го воспевале Христовото раѓање и Неговото доаѓање во тело. И тие отрчале да Го видат својот Пастир, као лежи како Јагне непорочно во рацете на Богородица. Тие зарадувани ѝ повикале на израдуваната: Радувај се! Радувај се, Ти која си Мајка на Јагнето Божјо и нашиот велик и единствен Пастир. Со Неговото раѓање, ти, Мајко Божја, ги порази сите вражји невидливи непријатели на родот човечки, и ни ги отвори заклучените рајски двери, та секој што има цврста вера во Христа и ги исполнува евангелските заповеди, низ оваа рајската врата влегува во Рајот на сладоста. Радувај се, ѝ велат, бидејќи преку тебе сите ние добиваме цврста поткрепа на нашата вера и светло познание на благодатта. Радувај се, и велат, оти ти си за нас духовно трло, во кое се засолнуваат разумните овци. Како што забележувате, пастирите не користат модерни и мудри зборови, туку говорат на својот најобичен пастирски јазик.
Во петтиот икос кон Богородица ѝ се обраќаат тројцата халдејски мудреци, кои водени од ѕвездата и нејзините зраци, пристигнале во Ерусалим, барајќи го новородениот силен Цар. И тие извикале Алилуја, и се зарадувале кога виделе како Недостижниот како младо Дете почива во рацете на Дева. Тие го препознале Оној Кој со Своите раце ги создал луѓето, а сега примајќи облик на слуга, за него се грижи млада Мајка. Затоа извикале: Радувај се! Радувај се, ти која си Мајка на вистинската Sвезда која никогаш не заоѓа – нашиот човекољубец Господ Христос. Радувај се, бидејќи преку тебе во нашата татковина ќе престане незнабожното поклонување на огнот и ќе се открие верата во единиот Спасител на светот, Кој ќе биде радост за сите народи. Радувај се, Богородице, бидејќи и ние тројцата сега ќе станеме богоносни проповедници во Вавилон и на сите ќе им објавиме дека Христос е роден, Спасителот на светот.
Во шестиот икос, Акатистната пофалба ни го изложува заминувањето на Исус со Својата мајка во Египет, поради ѕверската злоба на Ирод, кој ќе сака со сите сили да го убие Богомаденецот, не стравувајќи ниту пред страшниот ѕверски злостор со убиства на неколку илјади невини младенци. Во Акатистот ни е пренесен еден настан, којшто не е запишан во светите Евангелија, но е сочуван во светото православно Предание, а се однесува на доаѓањето на Христос и Богородица во Египет, кога египетските идоли паднале и се здробиле не можејќи да ја поднесат силата Христова. Со нивниот пад, мноштво луѓе преку Светлината на вистината се избавиле од идолските мрежи и тие зарадувани ѝ повикале на Богородица: Радувај се! Радувај се, бидејќи ти ги подигаш луѓето паднати и воедно ги соборуваш зломислените бесови, кои ја сакаат пропаста на секој човек. Радувај се, Мајко Божја, бидејќи со твојата Рожба ја уништи моќта на прелеста и ја разобличи идолската лага. Радувај се, бидејќи ти како огнен столб ги водиш сите луѓе кои се наоѓаат во мракот и ги избавуваш од темнината. Луѓето кои се избавени, иако незнабошци, сознале дека Богородица е вистинскиот покров и заштита на секој што поверувал во нејзиниот Син и дека нејзината заштита е поголема од сите облаци на небото.
И денес верните православни чеда ја препознаваат помошта која штедро се нуди преку застапништвото на Мајката Божја за секој верник. Бидејќи помошта е потребна да се понуди онаму каде што е најпотребна, затоа секој православен човек знае дека Богородица одбрала местото на нејзиното престојувалиште да биде не на небесата, не во Рајот на сладоста, туку овде на земјата, која што е тешко притисната од гревовите на човекот. Таа е секогаш тука, онаму каде што е најпотребна. Пресвета Богородица секому му помага и со својата мајчинска слобода ги приведува сите луѓе до својот Син, нашиот Господ Исус Христос, за Христос да го отвори за секој од нас човекољубивото срце на Својата благост и добрина, и откако ќе ги презре сите безбројни наши прегрешенија, да нѐ обрати кон покајание и да нѐ направи искусни исполнители на Неговите свети заповеди.
По молитвите на Пресветата, Владичица наша Богородица и Приснодева Марија и човекољубието на единородниот Син Божји, Господ наш Исус Христос, на Кого Му прилега секаква слава, чест и поклонување, заедно со Неговиот беспочетен Отец и Пресветиот и Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и во вечни векови.