„Уште од детството посака живот подобар, и совршената мудрост си ја возљубил од младоста, оче, и по нарав и по мудрост си бил како твојот имењак, оче Григорие“ (песна од канонот на утрена во Втората недела од Великиот пост).
На 20.03.2022 година, во Втората недела од Великиот пост - Неделата на св. Григориј Палама, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
„Многу може да направи усрдната молитва на праведникот" (Јк. 5, 16).
Денеска светата православна Црква прославува еден значаен угодник Божји. Поточно, го прославува свети Григориј Палама. Оваа втора недела од Велигденскиот пост неслучајно Црквата ја посветила на овој голем Божји угодник. Тој е пример за чисто срце и издигнат дух – карактеристики кои се неопходни за секој христијанин кој оди по благодатниот пат на постот и се стреми кон духовно усовршување. Целокупниот негов живот сведочи за вистинската христијанска вера и праведност. Со сета своја душа и срце тој го примил Божјиот повик: „Ако некој сака да Ме следи нека го земе својот крст и нека оди по Мене" (Мт. 16, 24).
Св. Григориј потекнувал од благородничко семејство, а татко му бил познат чиновник на царскиот двор, па затоа и овој голем подвижник не бил веднаш разбран од своите блиски и родители за одлучноста да постане монах и испосник. Но, подоцна тие го разбрале ова и го следеле неговиот вдахновен пример. Познато е дека и неговите мајка и сестра примиле монашки потстриг и достојно се подвизувале во еден женски манастир.
За време на богослуженијата ние ги слушаме зборовите за духовното совршенство на свети Григориј каде што се вели: „Демонските воини со Божја помош секогаш си ги победувал и со сеноќни бдеења и со извор на солзи душата си ја очистувал; сад Божји со Духот Божји си постанал и боговиденија си гледал". Преку чудата и пророштвата била потврдена особената благодат Божја во него. Познато е дека уште на почетокот на монаштвото, на младиот Григориј му се јавил светиот апостол и евангелист Јован Богослов и му ветил дека тој ќе биде неговиот духовен покровител. На крајот од неговиот живот му се јавил свети Јован Златоуст кој го известил за скорото негово скончание и преселувањето во небесните обители. Затоа во историјата на Црквата солунскиот архипастир е запомнет како силен заштитник на православието. Свети Григориј Палама е достоинствен заштитник на подвижниците. Тој е бранител на атонските браќа од секакви клевети. Преку умственото делување тој достигнал такви височини што бил удостоен да ја види божествената светлина која се споредува со Таворската несоздадена светлина.
Ние денеска го прославуваме свети Григориј Палама како Божји угодник, зашто тој со својот свет живот и со своите подвизи и богословски трудови им го покажал на христијаните вистинското христијанско поведение. Им го покажал патот кон внатрешната молитва и воздигнувањето преку постот и духовното работење. Ете зошто ние денеска со вас на торжествен начин го прославуваме свети Григориј Палама. Пред нас се наоѓа не само еден од духовните Божји угодници, туку и силен пример за подвижништво, ослободен од секакви скверности. Тој ги очиситил душата, телото и помислите и станал сад Божји и неракотворен храм во кој присуствува Господ. Поради неговите подвизи и молитви тој бил удостоен преку благодатта да Го види Бога. Овој светител се удостоил да стои пред престолот на Севишниот Бог. Тој има смелост да се моли за нас пред Божјиот престол. Да се помолиме и ние за свети Григориј да нѐ заштити особено во периодот на Велигденскиот пост. Воздржувањето од мрсни јадења и жестоки пијалаци да не ни биде залудно, туку постот да го поминеме во борба со сите наши лоши навики, гревови и страсти. Да се поучиме од зборовите на Господа Христа Кој вели: „Ако Ме сакате Мене пазете ги Моите заповеди" (Јн. 14, 15).
Да измолиме милост од Бога, па пред Него да се појавиме со смирение и кротост, наместо со роптање и надменост. Да се јавиме со љубов наместо со завидливост и злонамерност. Да ги отфрлиме сите пороци и духовна скверност и духовно да се очистиме. Така ќе се озариме со светлината Христова, која така силно ја заштитувал и воспевал свети Григориј Палама. Амин!
Недела на свети Григориј Палама
храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга
23.03.2022 год.