„Чесниот Христов крст гледајќи го денес изложен, да му се поклониме, и верно да се развеселиме со љубов целивајќи го, доброволно распнатиот на него Господа молејќи Го, да нѐ удостои сите нас, и на чесниот крст да се поклониме, та и воскресението неосудено да го достигнеме“ (егзапостилар воскресен на Утрена во Трета недела од Великиот пост).

 

На 27.03.2022 година, во Неделата од третата седмица на Великиот пост, како и на празникот на преподобниот Бенедикт Нурсиски, во параклисот „Преп. Бенедикт Нурсиски“ во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Ефросиниј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а по повод именденот на настојателот на манастирот, монахот Бенедикт, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Оваа недела ја нарекуваме Крстопоклона. Таа се наоѓа во средината на Велигденскиот пост. Потребно е достојно и праведно да се поклониме на крстот Христов, бидејќи со благословеното дрво била убиена смртта и бил даруван живот. Преку рајското дрво се убивме, а со крстното дрво оживеавме. Со првото сме истерани од Рајот, а со второто се искачивме на небото. Со првото нѐ победи непријателот, а со второто ние ги победуваме нашите непријатели. Затоа ова дрво е достојно за секаква почит и поклонение.


Овој ден е радосен, зашто ни донесува голема тајна. Оваа тајна не може до крај да ја разбере ниеден човек како во Стариот завет, така и во Новиот. Ова е голема тајна зашто на овој крст и на овој жртвеник, на овој величествен престол починал Господ. Тоа го направил за нас да нѐ исцели со Својата љубов и да нè издигне во живеалиштата на царството небесно.


Крстот во многубожечкиот свет бил орудие за срамна смрт. На него ги распнувале разбојниците. Праобраз на крстот било рајското дрво, кое претходело на смртта. Бакарната змија и дрвото на кое Мојсеј ја издигнал биле праобраз на крстното распнување на Христос. Самиот Господ Исус Христос говори за него: „И како што Мојсеј ја издигна змијата во пустината..." (Јн. 3, 14-15). По ова за сите луѓе и за сите времиња крстот станал лекарство против ѓаволската казна. Што е, пак, за нас крстот? Христос го избрал ова дрво на презир за нас да нè спаси од смртта и да ни даде почивалиште во вечниот живот. Затоа крстот е симбол на сојузот на Бога со грешниот човечки род и извор на благодатта Божја која обилно ни се дава во црковните тајни. Тие се извршуваат со помош на крстот. Крстот е знаме на победи. Држејќи го во рацете, апостолите пошле во светот и го покориле сиот свет. Пред крстот бега секое зло. Со крстот се победуваат бесовите и се уништува гревот. Свети Климент Александриски вели: „Осени се со крстот и лошиот дух ќе бега од тебе, зашто крстот е закон на победа на Христовото воскресение". Затоа Христовиот крст го придружува секој христијанин од неговото раѓање, низ сите страдања и маки, па сѐ до крајот на животот. За христијаните тој е знак на победата над смртта. Затоа светата Црква го прославува крстот како надеж на христијаните и прибежиште во животните бури.


Господ ги приковал Своите нозе на крстот за да ги повика сите народи кои сакаат и очекуваат спасение и кои сакаат да бидат наследници на царството небесно. Свети Јован Златоуст вели дека крстот бил поставен на тоа место како што го опишува цар Давид: „сета земја нека ти се поклонува Тебе и да му пее на името Твое" (Пс. 65, 4). Крстот е поставен во центарот на земјата на тој начин што понискиот дел од крстот ги разрушува силите на адот. Високиот дел на крстот им ги отвора вратите на верниците за влез во царството небесно. Левата и десната страна покажуваат дека сите луѓе се повикани да Го следат Христа и да најдат обилни живеалишта. Животворниот крст за нас без сомнение е сила која спасува. Тој е сведоштво дека преку голготската жртва ние се соединуваме со небесниот Отец. Во Евангелието се вели: „Земете го својот крст и следете Ме". Што значи земањето на крстот? Дали тоа значи да се земе крст дрвен, железен, сребрен или златен? Не, туку тоа значи да се смириме во својот живот, преку страдањата, болестите, семејните недоразбирања, зависта, клеветата, понижувањата, исмејувањата и сл. Сите овие нешта го прават нашиот животен крст. И кога ние сето тоа без роптање и со вера ќе го понесеме на себе, знаејќи дека тоа е волјата Божја, тоа ќе значи дека Го следиме Христа. Нашиот крст е нашиот живот. Тоа е сето она што ни го дарува Господ. Христос вели: „Дојдете кај Мене сите обременети и Јас ќе ве успокојам. Земете го Мојот јарем..." (Мт. 11, 28-29). Само кротоста и смирението ни помагаат да го носиме животниот крст. Овие нешта ни помагаат да го носиме крстот црковен слично на Симон Киринеецот кој го носеше крстот до Голгота.


Да се поклониме на чесниот и животворен крст Господов. Ова е празник кој ни напомнува дека Господ се искачил на Голгота и ги распнал нашите гревови и сите наши лоши постапки кои ги правиме во животот. Тој од нас не бара таква жртва, мачеништво и толкави страдања. Денеска Господ бара само едно од нас: „Синко, дај Ми го своето срце" (Прот. 23, 26). Кога човек ќе Му го даде своето срце на Создателот, тој никогаш нема да направи лоши дела, зашто Бог е љубов. Престојувајќи во љубовта, човекот постојано ќе Го слави Бога и ќе прави добри дела. Затоа ние повторно и повторно просиме од Господа Тој да се смилува на нас грешните. Просиме божествената сила на животворниот крст секогаш да нѐ води во љубовта Божја. Секој кој ја исполнува волјата Божја се јавува и како наследник на царството небесно. Амин!


Крстопоклона недела
Параклис „Преп. Бенедикт Нурсиски"
Ман. „Рождество на Прес. Богородица" Г. Манастирец
27.03.2022 год.

krstopokl2022 1krstopokl2022 2krstopokl2022 3krstopokl2022 4krstopokl2022 5krstopokl2022 6krstopokl2022 7krstopokl2022 8krstopokl2022 9krstopokl2022 10krstopokl2022 11krstopokl2022 12krstopokl2022 13krstopokl2022 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3