„Вежбајќи се во законите на подвизите, во реките на твоите солзи си ги потопил страстите, како што некогаш беа потопени војските фараонови“ (песна од канонот на Утрена во Недела од Четвртата седмица на Великиот пост).
На 03.04.2022 година, во Неделата од Четвртата седмица на Великиот пост - Неделата на преп. Јован Лествичник, во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Во оваа четврта недела од Велигденскиот пост го прославуваме преп. Јован Лествичник. Во текот на целата Четириесетница Црквата нѐ повикува на молитва, пост и покајание. Сите ние некогаш поревносно, а некогаш помалку ревносно се трудиме да го поминеме овој период во пост и молитва со покајани срца. Постот е нешто добро. Тој е востановен мудро од светата Црква. Таа се грижи за своите деца и сака да создаде услови кои ќе им го олеснат духовното издигнување преку практикување на поголеми подвизи со покајание и молитва. Всушност постот е Божја установа и го гледаме уште во Стариот завет. Но, уште појасно го гледаме во Новиот завет. Целата негова полнота ја гледаме во новозаветната Црква.
Од историјата знаеме дека не постеле само избраниците Божји кои се труделе на секој начин да Му угодат на Бога. Но, исто така постеле и сите оние кои со своите срца се обраќале кон Бога и барале од Него милост за себе. Ние сега се наоѓаме во втората половина од Велигденскиот пост. Затоа треба сериозно да размислиме за значењето на постот и за нашето духовно издигнување и спасение. Затоа сериозно да се замислиме што ни претстои да направиме во преостанатиот период.
Постот е воздржување. Тоа сите го знаеме. Тој е не само воздржување од мрсна храна, туку и целосно воздржување на телото и на душата, на срцето и на мислите. Постот е воздржување кое се раководи според правилата за духовно усовршување. Постот Му е угоден на Бога. Ако недостасуваат овие два мотива, подвигот на постот нема голема смисла. Постиме за духовно да се издигнеме, за да ги издигнеме нашите срца и души. Нашето срце многу често сака нешто што се наоѓа ниско во нашиот живот. Срцето човечко многу често се вознемирува од нештата кои се случуваат во обичниот живот и кои сакаме да ги надминеме, зашто тие нѐ притеснуваат и не ни даваат можност да ги постигнеме целите на нашиот живот. Срцето живее вистински кога е издигнато и кога е над маглите на земјата. Тоа треба постојано да се капе во сончевите зраци и да дише божествен воздух. Вистинското срце живее во височината од каде му се откриваат широките хоризонти на животот. Дејствителна способност е на земјата да го посакува само неопходното. Ако срцето се издигне високо и самото се раширува. Тоа постанува способно да ги сака сите луѓе и да ја дава својата љубов и на праведните и на грешните. Таквиот човек ги сака сите луѓе и го љуби сиот свет. Од височината срцето ги гледа земните патишта и има можност да увиди кој пат води нагоре, а кој надолу. Таквиот човек може да ги избегнува патиштата што водат надолу зашто тие се погубни и гревовни.
Постот и воздржувањето се особен поттик на издигнувањето на човечкиот ум. Тие го мотивираат да ги надмине границите на обичниот живот. Колку повеќе се издигнува човечкиот ум, толку повеќе се открива бескрајноста на битието и толку подлабоко се гледа величието на Создателот. Човечкиот ум треба да се издигне нагоре за да се сретне со Божјиот Дух и да биде осенет од Него. Така почнува да ја согледува реалноста и да го разликува она што е божествено.
Вториот поттик за нашиот пост е угодувањето на Бога. Ние треба да се издигнеме нагоре не само за да бидеме горе, зашто таквото издигнување може да биде погубно за нас. Често пати ваквото самоиздигнување е лажно. Кога срцето не се издигнало високо на здрава основа, тогаш не може да се зборува за духовен напредок. Ние веруваме дека вистинското искачување може да биде поттикнато само од желбата да Му се угоди на нашиот Отец небесен. Сѐ треба да правиме во слава Божја (1 Кор. 10, 31). Затоа Бога треба да Го прославиме и во телата и во душите (1 Кор. 6, 20). Ако сакаме правилно да се издигнеме нагоре, треба тоа да го правиме со желба да Му угодиме на Бога, како Негови добри чеда.
Од ова заклучуваме дека нашиот пост треба да биде и телесен и духовен и да не биде лицемерен како што се вели во Евангелието (Мт. 6, 16). Свети Јован Лествичник, кого денеска го прославуваме, напишал книга која ги покажува скалилата за постепено искачување кон духовните висини. По нив духовно да се издигнуваме кон царството небесно. Амин!
Недела на свети Јован Лествичник
Ман. „Св. Наум Охридски" Охрид
03.04.2022 год.