„Ти ми откриваш дека нематеријалната Светлина, поради своето големо милосрдие, се соединува со материјалното тело: - светла вест и радосна, проповед божествена! И затоа ми велиш: Благословен е, Сечиста, плодот на твојата утроба!“ (песна од канонот на утрена на Благовештение на Пресвета Богородица).
На 07.04.2022 година, на празникот Благовештение на Пресвета Богородица, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј и Константин (од Бугарската православна црква), протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Кирил Јованоски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Во тропарот на секој празник е искажана смислата на празникот. На денешниот празник тропарот започнува со зборовите: „Денеска е почетокот на нашето спасение". Се поставува прашањето: Зошто е почеток на нашето спасение? Затоа што на денешен ден архангелот Гаврил ѝ ја донел на Дева Марија, а преку неа и на сите народи, добрата вест. Ја известил дека таа ќе Го роди Спасителот на светот. „Силата на Севишниот ќе те осени, па затоа и Родениот ќе биде свет и ќе се нарече Син Божји" (Лк. 1, 35).
Од Адама па сѐ до Дева Марија со илјадници години луѓето живееле со сознанието дека на земјата ќе се појави едно повисоко божествено битие кое ќе им ја донесе вистинската вера и спасение. Ова исчекување некогаш било појасно, а некогаш понејасно. Таа сеопшта вера во доаѓањето на Спасителот – Месија има своја длабока историја во целокупното битисување на човечкиот род. Традицијата кај сите народи била таква независно дали била усна или писмена, во проза или во поезија. Таа ги сочувала основните елементи на оваа вера. Научниците од целиот свет – археолози, етнолози и историчари докажувале дека сите, па дури и таканаречените примитивни народи имаат и вера за доаѓањето на едно божествено битие како Спасител на светот.
Од каде доаѓа тоа сите народи да ја имаат таа вера? Секако, тоа е од таму што сите денеска познати народи имале заедничко божествено откровение за тоа. Верата за доаѓањето на Спасителот била дадена уште на првите луѓе во Рајот. Откако згрешиле и биле истерани од Рајот, Бог им ветил на луѓето дека ќе испрати Спасител кога за тоа ќе дојде време. Оваа мисла била центар во верата на народите кои живееле во Месопотамија, која според кажувањето на Библијата е колевката на човештвото и каде што се наоѓала Едемската градина или Рајот. Централен град на овие народи бил Вавилон. Подоцна, кога овие народи се раселиле по целата земја, ја понеле со себе и таа вера за доаѓањето на Спасителот. Оваа вера со текот на вековите се јавувала во разни облици, но основата се сочувала непроменета. Оваа идеја најмногу се сочувала кај синовите на Ное, па затоа тие се нарекуваат Аријанска или чиста раса. Овие народи го примиле Исуса Христа како Спасител, односно станале христијани.
Што се однесува, пак, на времето на појавувањето на Спасителот, и тоа било точно претскажано од пророкот Даниил. Во врска со времето кога ќе се појави Спасителот, сите религии се согласуваат дека тоа ќе се случи кога луѓето толку морално ќе паднат што ниту еден човечки авторитет нема да може да ги поправи. И навистина, Господ Исус Христос се појавил во време кога во грчко-римскиот свет моралот опаднал на толку ниско ниво што се копнеело само по физичко уживање. Три нешта биле основни за тогашните луѓе: да се владее, да се граба и да се ужива. Поради овие работи, човекот обично ја губи својата душа, а ја упропастува и туѓата. Во такви околности се раѓа Спасителот и за таа морална состојба апостолот Павле вели: „Тврдејќи дека се мудри, тие обезумија. Затоа и Бог, поради желбите нивни, ги предаде на нечистотија, па сами да си ги обесчестуваат своите тела" (Рим. 1, 22 и 24).
Но, и покрај таквиот морален пад, имало многумина кои знаеле за ветениот Спасител и со голема надеж го очекувале тој ден за да се ослободат од општото насилство и понижување. Многумина со мака го очекувале тој ден и ги барале зборовите на вистината. И ете, се слушнале зборовите на архангелот Гаврил за благата вест упатена кон Дева Марија – дека ќе Го роди Спасителот Кој ќе ги ослободи сите народи кои робувале на гревот. Света Дева Марија кога ги слушнала овие зборови, рекла: „Мојата душа Го велича Господа" (Лк. 1, 35).
Кога оваа вест ќе ја слушнат многуте народи преку проповедта на апостолите, тие тргнеле по нив и ја прифатиле веста, па ништо не можело да ги попречи да веруваат дека дошол Спасителот на светот. Затоа првите христијани поднесувале различни маки, прогонства и смрт, но не се откажале од Господа Христа и од Неговата наука. Нашиот Спасител, преку светото Евангелие, вели: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам. Поучете се од Мене, зашто Сум кроток и смирен по срце и ќе најдете спокој за вашите души" (Мт. 11, 28-29). И ова е дел од таа блага вест или од Благовештението, како што го нарекуваме овој празник. Затоа и светата Црква во денешниот тропар пее: „Синот Божји Син на Дева постанува, а Гаврил благодат благовестува. Затоа и ние со него да ѝ запееме на Богородица: Радувај се, благодатна, Господ е со тебе". Амин!
Благовештение на Прес. Богородица
Храм „Света Софија" Охрид
07.04.2022 год.