На 08.04.2022 година, во петокот од Петтата седмица на Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужен петтиот и последен Акатист на Пресвета Богородица во Великиот пост, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевси и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Акатистот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.


Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска сме собрани во овој свет храм за да ја воспееме и прославиме Пресвета Богородица со песни и химни во богослужбата наречена акатист. Преку молитвите и прославувањето ја привлекуваме на нас милоста на Царицата небесна, а во исто време и ги потврдуваме пророштвата за неа: „од сега ќе ме нарекуваат блажена сите поколенија" (Лк. 1, 48). Светата Црква Христова во одговор на овие пророштва и вознесува на Мајката Божја пофални химни и ја воспева: „кој тебе нема да те нарече блажена, пресвета Дево, кој ли нема да го воспее твоето пречисто рождество..." (Догматик, глас 6ти). Така ѝ пее зашто од неа произлегол Избавителот на светот, Сонцето на правдата, Христос нашиот Бог.


Преку гревот и престапот на првите луѓе, тие се лишени од благодатта и нивната природа како да се помрачила. Како последица на тоа, тие биле истерани од животот, од Рајот – место на вечен живот, примајќи времен живот, смрт и пропадливост. Сите започнале да ја претпочитаат земјата пред небото и не останале никакви надежи за спасение, доколку не се појавела помош од небото, односно од Бога. Човечкото тело било лишено од благодатното општење со Бога. Во текот на неколку илјади години, човештвото талкало по темнината очекувајќи го спасението. Тоа е нешто слично како патник кој се наоѓа во ноќната темнина и го очекува изгрејсонцето. Колку поминувало времето, толку подлабоко морално паѓало човештвото, покривајќи се со мракот на духовната ноќ со затемнување на разумот и постапувајќи неразумно.


Уште древните пророци го опишуваат моралното паѓање, односно состојбата на човештвото, па затоа и возгласуваат: „Нема праведен ниту еден, нема разумен, нема кој да Го бара Бога; сите се отклонија, заедно станаа развратни; нема кој да прави добро, нема ниту еден. Грлото нивно - отворен гроб, со јазиците свои мамат; под јазиците нивни змиски отров, устата нивна е полна со клевета и горчина. Нозете нивни им се брзи за крвопролевање; пустошење и маки по нивните патишта; тие не го познаа патот на мирот, страв Божји нема пред очите нивни" (Рим. 3, 10-19). Вака ги пренесува зборовите на пророците светиот апостол Павле. Никој не знаел како да ја исправи човечката природа и да ја врати во првобитното достоинство. Ниту природниот закон, ниту писанијата, ниту вестите на пратениците Божји не биле во сила да ја излекуваат раната на човештвото. Болеста на луѓето можел да ја излекува само Оној Кој го создал човекот и сè што постои, а тоа е Господ Бог.


Но, за тоа да се случи било потребно Бог да се воплоти и да ја прослави обеславената наша природа од Адама. И сега, премилостивиот Бог избира сад од наша природа, го украсува како славен и велелепен храм и Самиот во него се вселува за да го измири со Отецот човечкиот род. За таа величествена тајна, за соединување на Словото со нашата природа послужила Пресвета Дева Марија. Таа во себе Го сместила Несместливиот и Го родила Избавителот на светот, нашиот Спасител Господ Исус Христос. Создателот на Адама, станал нов Адам, за да го спаси древниот Адам.


Пресвета Дева како избрана од Бога, послужила за тајната на воплотувањето на Синот Божји. Тоа било претскажано уште во Стариот завет и таа се нарекува со најразлични имиња, укажувајќи на нејзините добродетели и на таа радост што ја донела на вселената. При внимателно читање на Светото писмо, можно е да се најдат разјаснувања на пророштвата, што укажуваат на света Богородица. Ако ги собереме во едно, тогаш можно е појасно да разбереме каква слава примила од Бога Пресветата Дева. Патријархот Јаков укажува на тоа дека од неа ќе произлезе славен потомок. Таа исто така се нарекува златен светилник, лествица Јаковова, жезол Аронов, корен Јесеев, капина несогорлива, златна кадилница итн.


Преку тоа, јасно е дека света Дева донела во светот радост. Таа постанала посредница помеѓу величието Божјо и нашата ништожност. Исто така послужила како почеток на снисходењето Божјо кон луѓето. По нејзиното успение, таа е опкружена со небесна слава во бројот на светите ангели и е застапник заедно со апостолите како сесилна помошница и молитвеница пред престолот на Својот Син и Бог. Таа се моли за сите кои со вера и љубов бараат од неа помош. Затоа Црквата ѝ се обраќа: Немаме друга помош и немаме друга надеж. Таа е наша покровителка и тивко пристаниште и помошница на сите што очекуваат спасение.


Во црковната литература и во животот на Црквата знаеме за многу нејзини јавувања и застапувања пред Господа за спасение на луѓето. Да спомнеме само еден пример: Преподобен Козма Зографски се молел на Богородица да му го покаже патот на спасението и веднаш ги слушнал зборовите на Богородица: „Сине мој! Научи го овој Твој раб, како да се спаси". Тогаш Козма од Господа слушнал глас: „Оддалечи се од манастирот во тихување".


Светата Богородица е наша молитвеница и треба да ја почитуваме, да и се молиме и да ја воспеваме со зборовите – радувај се застапнице усрдна на родот христијански, радувај се радост наша и покриј нè од секакво зло со твојот омофор. Амин!


Петти акатист
Храм „Пресвета Богородица Каменско" Охрид
08.04.2022 год.

 

pettiakat2022 1pettiakat2022 2pettiakat2022 3pettiakat2022 4pettiakat2022 5pettiakat2022 6pettiakat2022 7pettiakat2022 8pettiakat2022 9pettiakat2022 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3