На 10.04.2022 година, во Неделата од Петтата седмица на Великиот пост - Неделата на преп. Марија Египетска, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Свети Ефрем Сирин ја именува тајната на покајанието како ризница на исцеление. Навистина, таа ризница е неоценлива. Секоја голема и страшна рана, секоја болест душевна и телесна, дури и најтешки гревови, освен ѓаволската гордост, се исцелуваат со ова лекарство. Што би било со нас, ако Семилостивиот Господ ни ја немаше дадено оваа тајна на покајанието? Во Светото писмо, апостолот Павле вели: „Нема праведен ниту еден, зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој" (Рим. 3, 10; 20). Сите ние сме потопени во грев и би биле без можности да се излекуваме, доколку не постоеше покајанието. Без него, според праведниот суд би подлегнале на вечно проклетство.
Но, добриот Господ давајќи ни надеж нам грешните ни дарува спасение. Единствено што бара од нас е да се покаеме. Еве во оваа последна недела пред Страсната седмица ја прославуваме преподобната Марија Египетска. Таа со силата на покајанието се издигнала од адската пропаст и се возвишила до невидена светост. Во младоста света Марија Египетска била оптоварена со големи гревови, особено со блуд. Гледајќи на нејзиниот живот се веселеле демоните, додека, пак, нејзиниот ангел пазител плачел. Но, Господ не ја отстранил Својата милост за да не се покаже безнадежна оваа загубена душа. Имајќи го знакот испратен од Бога, Марија Египетска нашла сила во себе за невиден подвиг на покајание и од длабина на гревовноста се издигнала на рамноангелска висина. Оние што размислуваат за гревовите од младоста на Марија Египетска и сметаат дека нејзините гревови биле мали, па затоа Господ и ги простил, се наоѓаат во голема загуба и душепогубно мислење. Затоа, најголемиот и најправедниот судија вели вака: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што меѓу луѓето се цени, пред Бога е одвратност" (Лк. 16, 15).
Нема големи и мали гревови, а има само покајани и непокајани грешници. Преподобна Марија Египетска се повлекла во пустина и во извонредно тешки и ужасни услови го помилана своето покајание, заради нејзиното темно минато. Подеднакво, може да погине човечката душа од демонските сили ако падне во јадосување, очајание и оддавајќи се на непотребно прекумерно жалење. Како ја избавила преподобната Марија Египетска својата душа од ропството на гревот? Околу половина век се подвизувала во постојана молитва, каејќи се за гревовите со солзи, живеејќи без храна и вода во жешката пустинска жега. Од печењето на сонцето нејзиното тело целосно потемнело. Дури по седумнаесет години поминати во тежок подвиг, таа добила очистување и благодат. Така осветена, света Марија Египетска била удостоена да ѝ служи лав и да оди по вода како по копно. Можела да помине неверојатно големи пространства како да е ангел небесен.
Треба да нагласиме дека најголем дел од луѓето не се способни да направат такви подвизи на кои само можеме да се восхитуваме. Но, милостивиот Господ знаејќи ги нашите немоќи не бара од нас ништо што ги надминува нашите сили. Тој не бара од нас да правиме такво нешто, туку секогаш дава и бара онолку колку што сме подготвени и можеме да поднесеме. Свети Пајсиј Величковски вели: „Не може да има едно правило за подвиг, затоа што едни се силни, а други немоќни, едни се како железо, други како бакар, а некои се, пак, како восок". Затоа секој е должен да се подвизува според своите сили.
Секој човек има свои гревови и сите тие, како некоја аждаја го јадат неговото срце. Преку тајната на покајанието ние сме должни да ги умртвиме сите внатрешни непријатели на нашето спасение пред тие да ја воведат во погибел нашата душа. Господ не ја сака смртта на грешниците, туку ги проштева гревовите на оние кои што се каат. Но, во Неговите очи е одвратно секое лукавство и самоугодување.
На младата Марија Египетска која била потоната во гревови, Духот Свети ѝ го попречил патот во храмот и таа препрека ѝ помогнала за да се сврти кон праведниот пат. А ние уште колку долго ќе го искушуваме Божјото долготрпение? Најразлични знаменија и чуда Господови се јавуваат во животот на секој од нас. Тие нè опкружуваат како воздухот, а ние просто не ги забележуваме, односно не сакаме да ги забележиме. Светата Црква го востановила постот како невидлива борба со душевните страсти. Ова е време кога посебно треба да размислиме за душата и да се обратиме кон Господа. Но, за жал денес повеќе ќе слушнеме роптање кај луѓето, слично како некогаш во незнабожечкиот Рим, кога се барало од власта леб и игри.
Денеска кога ја прославуваме света Марија Египетска, да ја земеме неа како пример на надеж и живо сведоштво за тоа дека и најголемите гревови ги проштева Господ со Неговата сила. И ние да се потрудиме да излеземе од бездната на гревот и со вера и надеж да повикаме кон Господа, нашиот Исус Христос, бидејќи Тој дојде „да го побара и спаси загубеното" (Лк. 19, 10). Амин!
Недела на света Марија Египетска
ХрамСв. вмч. Ѓорѓи „" Охрид
10.04.2022 год.