„Те величаме, Животодавче Христе, осана во висините, и ние Тебе Ти пеем: Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа“ (Величание на утрена во Недела цветна - Цветници).
На 17.04.2022 година, во Неделата цветна - Цветници, кога го празнуваме Влегувањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос во Ерусалим, каде доаѓа да пострада заради нас и нашето спасение, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Еразмо, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Нашиот Спасител Господ Исус Христос за време на Неговиот земен живот многупати одел во Ерусалим. Уште како четиригодишно дете, мајка Му го исполнила Мојсеевиот закон и Го однела во Ерусалимскиот храм. Подоцна откако пораснал секоја година одел во свештениот град за време на Пасха. Започнувајќи ја, пак, општествената служба во својство на Учител и Чудотворец, Тој исто така го посетувал Ерусалим. Тој повеќе пати присуствувал во Ерусалим заедно со Неговите апостоли. Што Го привлекувало Спасителот во Ерусалим? Ерусалим е свештен град за сите Јудејци. Ерусалим е место каде престојува Божјата слава. Таму се наоѓа единствениот храм на земјата, создаден во чест на вистинскиот Бог. Таму некогаш проповедале и учеле древните пророци, кои со нивните пророштва најјасно и најубедливо го претскажале доаѓањето на Месијата и детално ја опишале Неговата личност. Секогаш Ерусалим бил посетуван од Јудејците кои живееле по разни краишта на земјата, бидејќи за Пасха биле должни да ги надминат сите препреки и да дојдат во Ерусалим на поклонение. И во годината во која Спасителот е распнат, по повод празникот Пасха, Ерусалим бил исполнет со илјадници луѓе за поклонение. Истата година, само неколку дена претходно, Господ Исус Христос во Витанија го воскреснал својот пријател Лазар, кој веќе лежел четири дена во гроб. Кога се слушнало дека Оној што го воскреснал Лазара доаѓа во Ерусалим, целиот народ побрзал да излезе и да Го пресретне Христа. Го пресретнувале како што се пресретнувале цареви или војсководци после силни победоносни војни. Христа Го дочекуваат со песни: „Осана на Синот Давидов, благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, осана во висините" (Мт. 21, 19).
Торжественото влегување на Господа Исуса Христа во Ерусалим, со голема радост било пресретнато од јудејскиот народ. Сите Му се поклонувале како на јудејски Цар. Го дочекале како долгоочекуваниот Месија. Но, тие очекувале земен цар, а Христос е небесен Цар. Тие очекувале земни богатства, а Христос нуди небесни. Тие очекувале земна слава, која е времена, а Христос нуди вечна и непреодна. Затоа истите тие луѓе, што сега Го слават како Цар, само по неколку дена ќе викаат: „Распни го, распни го! Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!" (Мт. 27, 21).
Да се загледаме внимателно во сопствените души. Зар примерот на јудејскиот народ не ни напомнува за нашата малодушност, за нашата слаба вера и несигурноста во нашето убедување? Понекогаш се однесуваме според општочовечкото мислење, а понекогаш по личното мислење. На моменти се издигнуваме високо до небото, а потоа се спуштаме до бездна на уништување. Ние гледаме колку променлива и противречна била убеденоста на еврејскиот народ. Честопати ние се поставуваме како праведни судии, едни осудуваме, а други оправдуваме. Но, кој ни го дал таквото право и таквото овластување? На крај од ова Евангелие да се поучиме од Ерусалимските жители. Да ги видиме нивните поплаки и радоста за средба со Господа, па да ги подражаваме и ние во општењето со Бога. Да отфрлиме секаков грев што нѐ оптоварува и да се облечеме во чиста облека во добра и духовна чистота.
Израелскиот народ Го пресретнал Господа Исуса Христа со палмови гранчиња, а ние да Го пресретнеме со духовни подвизи, благоугодни на Бога и ближните. Секогаш да Го славиме Бога во нашите молитви и песнопенија и да се облечеме со таква облека со која ќе бидеме достојни да Го сретнеме Царот небесен. При таа средба никогаш да не се откажеме од вистинската радост, од полнотата на Божествената љубов и да не се уподобуваме на јудејското отстапништво, независно од тоа какви богатства и земни слави ни се нудат. Господ влегол во Ерусалим, не за сопствена слава, туку за доброволно да прими крст и страдања. Со тоа Спасителот наш ни дал пример на одговорност. Преку страдањата, распнувањето и смртта Го извршил делото на спасението, а потоа влегол во Својата слава. И ние да се потрудиме да се соединиме со Боженствената слава. За тоа треба да бидеме подготвени да стапиме во саможртвена борба против нашите гревови и престапи. Така ќе се подготвиме за средба со Господа. Да правиме добри дела кои Му се угодни на Бога. Само со искрено покајание човек може да биде способен да се очисти и да ја види вистинската слава на небесниот Отец, сега и во сета вечност. Амин!
Цветници
Манастир „Пресвета Богородица Пречиста" Кичево
17.04.2022 год.