„Откако стигнавме, верни, до спасителното страдање на Христа Бога, да го прославиме Неговото неискажливо долготрпение, та со Своето милосрдие, да нѐ издигне со Себе и нас умртвените од гревот, како добар и Човекољубец“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во Велики понеделник).

 

На 18.04.2022 година, во светиот и Велик понеделник, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Со денешниот ден ние влегуваме во Страсната седмица. Во неа се сеќаваме на страдањата на нашиот Господ Исус Христос. Неслучајно овие денови се нарекуваат велики. Преку секој ден од оваа седмица се изнесуваат најзначајните собитија од страдањето Господово. На тој начин христијаните се повикуваат за да сострадуваат со Господа Христа. Со посебен трепет и чувство во овие денови влегуваме во храмовите со понизност и смиреност. Секоја суета од овој свет оди во втор план. Сите настани од секојдневниот живот сега како да немаат значење и како да не го заслужуваат нашето внимание. Сите наши мисли, чувства, помисли се насочени кон Синот Божји, Кој треба да ја помине целата патека на предавство, болно страдање, понижување, исмевање и на крај срамната крстна смрт.


Господ оди на доброволно страдање. Самиот Тој по неискажливата Своја волја се жртвува како јагне и на апостолите за тоа им вели: „Синот Човечки се предава како што е напишано" (Мк. 14, 21). Со овие зборови Господ ги повикува сите што Го слушаат да се однесуваат со внимание кон овие зборови. Ова е неминовно и мора да се случи. Дали овие зборови биле упатени само кон Неговите ученици? Не! Овие зборови се однесуваат на секој христијанин, па затоа на сите ни претстои да сострадуваме со Господа Христа. Секој според својата сила и духовен раст треба да оди уште повисоко кон Господа Христа.


Сострадање значи да се сподели страдањето. Колку висока и важна задача ни се наложува на плеќите! Да се преживеат овие последни и истовремено најтешки денови на земниот животот на Спасителот! Да се видат сите маки, тешкотии, кои Тој како Син Божји ги поднесува за нас луѓето! Да се стои заедно со Него на Голгота и да се плаче пред фактот дека ништо не може да се смени. Сето тоа Тој го прави од љубов кон нас, зашто Бог е љубов. Тој нѐ сака. Ќе можеме ли и ќе умееме ли да ги очистиме нашите мисли и дела и да Му возвратиме на Господа со нашата љубов?


Денеска го слушнавме извадокот од светото Евангелие според Матеј (21, 18-43). Кога Господ се враќал од Ерусалим и видел една смоква без плод ја проколнал и таа веднаш се исушила. Учениците се зачудиле како тоа здраво дрво веднаш се исушило. Но, Христос им рекол: „Вистина, ви велам: ако имате вера и не се посомните, не само тоа што стана со смоквата ќе извршите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете: ‚Дигни се и фрли се в море!' ќе биде". Ги поучува дека молитвата со љубов и вера може многу да направи. Потоа Христос ја кажува параболата за лошите лозари. Место да дадат свој дел, тие ги убивале испратените кај нив. Христос завршува со укажувањето дека на таквите им се одзема царството Божјо. Зошто Господ Исус Христос ги кажал овие две параболи? Што има слично помеѓу нив? Тие се сосема различни. И бесплодната смоква и лошите лозари се состојбите на душите на луѓето. Порано или подоцна сите ние ќе појдеме кај Христа за да дадеме одговор за нашиот живот. Каков одговор ќе дадеме? Каде се плодовите на нашата вера, каде е нашето молитвено издигнување и каде е нашиот духовен стремеж кон совршенството? Дали не се само празни лисја од смоквата без плодови? Дали нашиот живот е само суета со безбројни животни грижи и страсти? Но, дали за тоа нѐ создал Господ на земјата и богато нѐ обдарил со сила и способност? Да се запрашаме: какви се тие духовни плодови кои Спасителот ги очекува од нас? Свети апостол Павле вели: „Плод на духот е љубов, радост, мир, долготрпеливост... вера" (Гал. 5, 22). Да се загледаме во нашите срца. Дали во нив се наоѓаат овие духовни драгоцености кои за Господа се добри дела или, пак, кај нас се само смоквините лисја или лошите лозари кои не сакаат да ги дадат плодовите? Колку страшно звучат зборовите: ви се одзема царството!


Има уште еден пат за да се следи страдањето на Господа. Тоа се добрите дела извршени во Негово име. Се вели дека тоа е најоддалечен пат кој не е прав и рамен. Но, нема ниту еден поблизок од него. На страшниот суд според делата на милосрдието ќе се оправдаат или осудат луѓето. Да облечеме беден и да нахраниме гладен е нашето дело кое ќе биде примено од Бога. Тоа не е поневажно од постот и молитвата. Затоа што во Евангелието се вели: „Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг и така ќе го исполните законот Христов" (Гал. 6, 2).


Да ја дадеме сета наша сила со христијанска љубов во оваа Страсна седмица и преку таа љубов да ги изразиме сите наши добродетели. Таа љубов ни дозволува не само да Го следиме Христа и не само да преживуваме и сострадуваме и да се молиме, туку и да се сораспнуваме со Господа. Така радосно и ќе воскреснеме со Него. Амин!


Велики понеделник
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи" Струга
18.04.2022 год.

 

velpon2022 1velpon2022 2velpon2022 3velpon2022 4velpon2022 5velpon2022 6velpon2022 7velpon2022 8velpon2022 9velpon2022 10velpon2022 11velpon2022 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3