„Како ќе влезам јас, недостојниот, во светлината на Твоите светии, оти, ако се осмелам да влезам во брачната одаја, облеката ќе ме разобличи, затоа што не е свадбена, и врзан ќе бидам исфрлен од ангелите. Господи, очисти ја скверноста на мојата душа и, како Човекољубец, спаси ме“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во Светиот и Велик вторник).
На 19.04.2022 година, во Светиот и Велик вторник, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Еден Божји угодник, размислувајќи за усовршувањето на човекот, рекол: „Колку птицата е повисоко кон небото, толку е побезбедна. Колку се спушта кон земјата, толку полесно може да биде застрелана". Примерот со птицата ни помага да ја разбереме внатрешната логика на духовниот живот кај луѓето. Колку повеќе се зацврстуваме во добродетелите, толку повеќе постануваме пример во духовниот живот. Исто така, на тој начин стануваме поблиски до Бога и се наоѓаме во сигурност. Понекогаш, сакајќи да постигнат духовно совршенство, луѓето сметаат дека можат да бидат поблиску до Бога ако физички се оддалечат од другите. Некои одат во манастир, сметајќи дека ако се наоѓаат во изолација и ако се оддалечиле од своите блиски, со леснотија ќе спечалат добродетели. Но, во реалниот живот не е така. Посакуваното подвижништво, дури и да се извршува во манастир или во пустина, никогаш не е поврзано со оддалечувањето од луѓето кои не опкружуваат. Подвижникот се наоружува со духовни сили за да ги подели со другите луѓе. Токму во тоа е смислата на подвижничкото делување. Пронаоѓајќи ги навиките кои водат кон спасение, благочестивиот човек е должен да ги ползува овие нешта и во општењето со другите луѓе. Тогаш уште повеќе духовно се збогатува.
Говорејќи за птицата која се издигнува кон небото и се избавува од опасноста, светителот ја има предвид блискоста на човекот со Бога. Тоа се постигнува со надминување на своите пороци и гревови и правење на добри дела. Можеби некој во оваа седмица ги посетува сите богослужби и размислува за својот духовен живот. Слушајќи ги зборовите од псалмите и молитвите, тој може да го почувствува духовното издигнување. Да се каже искрено, човекот не може тоа да не го почувствува, зашто молитвата е размислување за целта на човековиот живот. Созерцанието на убавината и поредокот на православното богослужение ја закрепнува нашата душа и нè издигнува кон небото. Затоа е многу важно да ги памтиме зборовите на овој Божји угодник и да не се спуштаме ниско над гревовната земја каде лесно може да бидеме уловени од непријателот на нашето спасение.
Ако се обидуваме да се издигнеме кон небото и се потпираме само на нашите немоќи, тогаш не можеме да ја постигнеме вистинската цел. Како што нашето физичко тело не е во состојба да ги надмине земните препреки, така и издигнувањето кон Бога не може да се оствари само на основа на личните сили. Силата што го издигнува човекот се добива од Бога. Само Тој може вистински да нѐ издигне и да нè привлече кон Себе. Бог го прави тоа и ни ги дава Својот дар, Својата благодат и Својата енергија. Тоа уште еднаш значи дека човекот не се издигнува нагоре со своите сили, туку со силата Божја.
Се поставува прашањето: За што можеме да ги употребиме нашите сили? Со нашите сили можеме да се ослободиме од гревовниот товар и да ги отфрлиме тешкотиите што ја оптоваруваат нашата душа. Тие ја врзуваат душата и ја влечат кон земјата. Така, ѓаволот со леснотија може да ја завладее нашата душа, да ги рашири своите замки и да нѐ воведе во искушение. За да се издигнеме кон небото, потребно е да се спротивставиме на нашите лоши навики и да се ослободиме од гревовните тешкотии. Тоа е патот кој води до успех. Треба да ги напрегнеме нашиот ум, нашата волја и чувствата и да ги мобилизираме нашите духовни сили. Потребно е да го воспитаме нашето тело за да разликува добро од зло. Треба да се каеме за своите гревови и да правиме добри дела. Употребувајќи ги сите овие средства ние ја спасуваме својата душа. Ние се ослободуваме од тешкото гревовно бреме и Му се доверуваме на Господа. Тој ја излева Својата благодат на нас. Таа е способна да нѐ издигне од земјата и да нѐ приближи кон небесниот Отец. Амин!
Велики вторник
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи" Охрид
19.04.2022 год.