„Блудницата ги пружи косите свои пред Тебе, Господи, а Јуда ги пружи рацете пред беззакониците: таа - за да прими простување, а тој - за да земе сребреници. Затоа Тебе, продадениот и Кој нас нѐ ослободи, Ти викаме: Господи, слава Ти“ (стихира на Господи повикав... во Светата и велика среда).
На 20.04.2022 година, во Светата и велика среда, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Сашо Ристески, Димче Азески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Великата среда во оваа Страсна седмица е посветена на две собитија. Денес си спомнуваме за жената која го излеала скапоцениот мирис на главата на Господа Исуса Христа и на Јуда кој се вознемирил од огромната загуба. Озлобен поради ваквата постапка на жената, тој отишол кај првосвештениците и за триесет сребреници Го продал својот Учител (Мт. 26, 6-15).
Темата на предавството е многу важна. Таа не може да се заобиколи кога се размислува не само за духовниот живот туку и воопшто за човештвото и однесувањето на луѓето. Предавството е разрушување на верноста, откажување од времените обврски земени на себе. Во основа таа е мотивирана од стремежот кон власт, насладување, материјални добивки и сл. Предавството секогаш е поврзано со лицемерието, во чија основа лежи лагата. Но, не секое откажување од земените обврски претставува предавство. Се случува луѓето да започнат да не се согласуваат со туѓите убедувања и јасно или откриено зборуваат за тоа. Во тој случај тие не извлекуваат никаква полза и сметаат дека да се следат различни убедувања и да се живее според нив не води кон погибел. Ако е вакво откажувањето од земените обврски, тогаш тоа нема никакви тајни и скриени цели и таквиот човек не се смета за предавник. Многу често колективни и други човечки здруженија се распаѓаат на оваа основа. Луѓето сметаат дека не можат да ги исполнат земените обврски и за тоа зборуваат отворено. Тие не се трудат никому да нанесат неправда или да наштетат.
Во предавството секогаш е присутен стремежот да се нанесе зло некому и преку тоа да се спечали полза за себе. Затоа предавството се спроведува со лицемерие. Предавникот создава илузија за добродетелност и единство. Тој општи со околината и заедницата и не зборува за својата подготвеност да се откаже од земените обврски. Тој демонстрира верност и го очекува само моментот кога човекот или групата ќе пројават слабост пред некој посилен од нив. Тогаш тој го покажува правото лице и се придружува на противникот за да нанесе уште поголема штета и навреда. Преку тоа сака да исползува благодети кои ги имал како свои скриени цели. Предавникот се јавува како резултат на лага и лицемерие. Преку нив тој нанесува удар на ближниот со цел да се постигнат лични цели. Ова е голем и страшен грев. Како што ни сведочи словото Божјо за предавникот Јуда, ваквиот живот завршува со пропаст.
Денешниот ден ни дава можност да размислиме за предавството на Јуда. Тоа треба да ни помогне за да ја сознаеме сета наша гревовност и погубноста на предавството кое може да биде насочено кон Бога или кон ближните. Оној што зачекорил по патот на лицемерието и се насочил кон лагата, нека го сознае фактот дека ниту еден човек во историјата не завршил добро одејќи по овој пат. Предавникот секогаш е отфрлен од Бога и од луѓето. Од животот знаеме дека секој предавник останува без чест дури и од најблиските. Затоа да се потрудиме и ние со благодатта Божја, која ја просиме во овие денови, да бидеме просветлени. Бог да нѐ утврди на вистинскиот пат, па со нашите дела да не го следиме предавникот Јуда, туку да ги победиме злото и гревот во нас. Така ќе станеме вистински Христови следбеници и Негови синови. Да се надеваме на Неговата милост за спасение на нашите души. Амин!
Велика среда
Храм „Пресвета Богородица - Каменско" Охрид
20.04.2022 год.