„Малку зборови кажа разбојникот на крстот, но неговата вера беше голема; за еден миг се спаси и прв влезе низ рајската врата: Господи, Кој го прими неговото покајание, слава Ти“ (четиринаесетти антифон на Утрена на Велики петок).
На 21.04.2022 година, во Светиот и велик четврток вечерта, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена Утрена богослужба со читање на Дванаесетте страдални Евангелија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Утрената богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
На Велики четврток се прославува востановувањето на светата Тајна вечера која нашиот Спасител ја извршил со Своите ученици во предвечерието на Неговите страдања. На вечерата која била обредна Пасхална вечера, Тој отстапил од правилата и традицијата, пропишана за оваа обредна вечера. Тој направил нешто што ќе стане основа на животот на Неговите следбеници. Благословувајќи го лебот на вечерата, рекол: „Ова е Моето тело кое се прекршува за простување на гревовите". По вечерата зел чаша со вино и рекол: „Ова е Мојата крв, која се пролева за вас, за простување на гревовите". Преку ова ја востановил светата тајна Евхаристија, а како заклучок, рекол: „Ова правете го во Мој спомен" (Лк. 22, 19-20).
Од тоа време, апостолската заедница, а потоа и целата христијанска Црква постојано го врши ова споменување за страдањето, смртта и воскресението на Господа Исуса Христа. Секогаш кога христијаните се собираат и кога го прекршуваат лебот и го благословуваат виното и кога се причестуваат со лебот и виното, тие се причестуваат со вистинското тело и вистинската крв на Спасителот. На тој начин, тие се соединуваат со живиот Бог. Така, живееме и се соединуваме, постанувајќи соучесници на сето она што Бог го извршил во Исуса Христа за спасение на човечкиот род.
Евангелските настани, страдањата и смртта на Спасителот, се единствени и неповторливи. Голготската жртва ги спасува луѓето. Таа била принесена од Бога за сите луѓе да примат ослободување од гревот и од власта на ѓаволот – од таа гревовна сила која безмилосно владеела над родот човечки. Затоа секој човек е неопходно да биде соучесник на тоа што го направил Господ. Секој човек треба да стане соучесник во Неговиот живот, во страдањето, смртта и воскресението. Физички, во природата на нашето битие, тоа е невозможно. Тоа што Бог го прави преку силата на Светиот Дух, го прави во светите тајни на Црквата. Господ Го испраќа Светиот Дух за тоа Евангелско случување – страдањето, смртта и воскресението, да бидат актуелни кај секој следбеник Христов и во идните поколенија. Целта на ова е сите луѓе да имаат можност да учествуваат во овие настани и да го примат на себе искупувањето од Голготската жртва. Тоа се случува во тајните на Црквата, а особено во светата Евхаристија кога човекот реално се соединува со телото и крвта Христови. Без учество во Христовите страдања, смрт и воскресение, човекот не може да се спаси. Токму преку овие нешта Бог нѐ спасува. Малкумина знаат, а уште помалку веруваат во тоа. Но, ние како христијани е неопходно да учествуваме во светата Евхаристија. Преку неа ние ја примаме благодатната помош од Бога. Со неа сме подготвени да ги надминеме сите искушенија.
За време на Велигденскиот пост ние честопати размислуваме што е тоа покајание, што е тоа молитва, а што е тоа воздржување. Размислуваме како е можно да ги напрегнеме нашиот ум, мислата и волјата. Преку ова напрегнување се изменува нашиот живот и се преобразува нашата душа. На овој начин се бориме со гревот и растеме духовно. Светата Црква ни приведува многубројни примери од житијата на Божјите угодници. Тие ни даваат пример на вера и на подвизи.
Денеска е Велики четврток – денот во кој Господ ја востановил светата Евхаристија. Должни сме уште еднаш да кажеме дека со никакви подвизи, аскетски изолации и други делувања, човекот не може сам да го победи демонот, зашто тој е посилен од човекот. Но, ние можеме да го победиме, зашто Бог како одговор на нашата немоќ и нашите усилби во светата тајна Евхаристија ни ја дава благодатта на Светиот Дух. Со таа божествена енергија, со таа Божја благодат ние го победуваме непријателот. Со Божјата благодат себеси се издигнуваме на патот на спасението и тогаш кога нашите сили не можат да го сфатат тоа.
Да ни помогне Господ на сите нас. Да го помниме овој голем дар што ни е даден за наше спасение. Да одговориме на тој дар со подвизи во нашиот живот. Да сакаме да бидеме со Христа и да најдеме спасение и вечен и блажен живот. Амин!
Велики четврток
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи" Струга
21.04.2022 год.