„Се исплашија хоровите ангелски, гледајќи Го Оној Кој седи во прегратките на Отецот, како Бесмртниот се полага во гроб како мртов, како ангелските чинови Го окружуваат и со мртвите во адот Го слават, како Создател и Господ!“ (седален на Утрена во Светата и велика сабота).

 

На 22.04.2022 година, во Светиот и велик петок, во вечерните часови, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена Утрена богослужба со Опело на нашиот Спасител Господ Христос, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска е распнат нашиот Спасител на Голгота. Божествената љубов е изведена на срамна глетка. Божјото милосрдие се приковува на дрво. Од Божеството тече крв. Која жива душа нема да се трогне од оваа ужасна глетка? Во овој страшен ден сонцето потемнело, а земјата се затресла. Камењата попаѓале, а мртвите не можеле да издржат и ги напуштиле гробовите. Тешко е да си претставиме нешто слично, но уште потешко е да се сознае дека секој од нас е виновен за страдањето и смртта на Синот Божји. Да, секој од нас го вперил својот шепот во непријателството на Јуда, односно во неговото предавство. Секој еден забодува по еден клинец во Спасителот. Секој еден од нас додал по некоја горчлива капка во чашата која безмерно Го мачела Христа. Затоа крстната жртва ги опфаќа не само минатите туку и идните распнувања, страдања и злодела на сите поколенија и на сите луѓе до крајот на векот. Христос се распна за нас кои сѐ уште престојуваме во гревот.


Таа е жртвата на бесконечкната Божја љубов кон светот кој потонал во грев, а следствено на тоа – за сите нас. Синот Божји ги зеде на Себе сите наши престапи. Тој го поднесе сето она што требаше да го поднесеме ние заради нашите гревови. Но, ние останавме грешни и неблагодарни, како што вели свети Јован Кронштатски.


Како да се опише сета оваа невиност и чудните Спасителови страдања на крстот? Во тие страшни мигови, пречистото тело на Спасителот било измачувано од сите удари што можела да ги измисли човечката злоба. Гледаме дека Неговото тело било подеднакво немоќно како и нашето. Но, собирајќи ги последните сили, Христос ги зел на Себе сите маки на сите живи и умрени. Ги зел сите солзи на сите мајки и татковци и ги поставил во Своето срце, велејќи: „Мојата душа смртно е нажалена" (Мт. 26, 38).


Синот Божји се принесува Себеси како жртва за гревовите на луѓето. Бог Отецот е Оној што жртвувал заради спасение на паднатиот човечки род. Господ не Го поштедил ни Својот возљубен Син. Тој Го изложил на адските маки и Го поминал преку вратата на смртта. Со сопствените сили луѓето не можеле да го извршат подвигот на искупување. Затоа Бог го направил тоа за нас. Таква е безграничната љубов кон нас од семилостивото триипостасно Божество. „Пријдете вие многу нажалени и возљубени од Христа. Примете ја скрушената љубов на Спасителот. Пријдете и сознајте што се случило во Сион градот Давидов и што направило избраното семе Авраамово. Пречистиот е предаден на смрт од неправедни раце и распнат на крстното дрво. Дојдете за со воздишки да ги облееме нашите тела со солзи, зашто Господ наш – Царот на Славата е предаден на смрт за нас нечестивите" (Свети Ефрем Сирин).


Денес на крст умира нашиот Спасител Господ Исус Христос. Под Него толпата се радува и ужива во маките и страдањата на Праведникот. Навистина, огревовената човечка природа наоѓа задоволство во туѓи маки и страдања. Господа не Го распнале само фарисеите, садукеите и Пилат, туку и толпата која извикувала и барала: „Да биде распнат!" (Лк. 23, 23). Да се запрашаме дали и ние не учествуваме во Христовото распнување со нашите гревови и порочен живот? Ние ќе бидеме вистински христијани тогаш кога од себе ќе ги искорениме сите ужасни пороци.


Секој човек, колку ниско и да падне, тој Му е драг на Господа. Ние гледаме што се случило за време на крстните страдања на Спасителот. Кога благоразумниот разбојник се покајал, од Синот Божји добил вечно блаженство. Ако ние како верници се загледаме длабоко во нашите срца и не најдеме божествена љубов каква што покажал распнатиот Спасител, тогаш нема да бидеме достојни да ја добиеме Неговата божествена милост. Но, со тоа сознание за нашето спасение е можно во себе да најдеме сили и да ги разгориме братољубието и богољубието. Така, да се покаеме со чисто срце и да повикаме како разбојникот: „Спомни си за мене Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!" Амин!


Велики петок
Храм „Свети Георгиј Победоносец" Охрид
22.04.2022 год.

 

velpetvec2022 1velpetvec2022 2velpetvec2022 3velpetvec2022 4velpetvec2022 5velpetvec2022 6velpetvec2022 7velpetvec2022 8velpetvec2022 9velpetvec2022 10velpetvec2022 11velpetvec2022 12velpetvec2022 13velpetvec2022 14 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3