„Кога се јави во Јордан, Спасителу, и кога се крсти од (Јован) Претеча, Христе, си бил посведочен за возљубен Син. Затоа се покажа и како собеспочетен на Отецот, а Светиот Дух на Тебе слегуваше. Од Него, пак, просветлени, викаме: Слава Му на Бога Кој е во Троица“ (прв седален на утрена на Богојавление).

Оној Кој е од пред вековите и Кој заради спасение на луѓето се понижи и се роди од Дева, денес се крштева во водите на Јордан, „за да се исполни секоја правда“ и да покаже дека е во сè сличен на нас, освен во гревот. Овој преголем чин на човекољубие го забележаа и морето и водите на Јордан „кои почнаа назад да се враќаат“. И ние не можеме, а да не го славиме овој празник со најголеми торжества и со уште поголема радост.

best Running shoes | Sneakers

Прославувањето започна уште спроти денот на Водокрст, со сеноќно бдение во Бигорскиот манастир, на кое чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј, игумен на манастирот, протоереј Игор Никовски, еромонасите Доситеј, Макариј и Јосиф и ѓаконот Васко Голабоски. По завршувањето на богослужбата, според обичајот на нашата света Црква, беше извршен и Голем Богојавленски водосвет.  

Празнувањето продолжи на денот на Богојавление, на 19.01.2012 година, со света архиерејска Литургија во храмот „Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј Игор Никовски, свештениците Никола Христоски и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Владо Недески. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Голем Богојавленски водосвет, а потоа, со свечена литија, предводена од нашиот Митрополит, сите верници се упатија кон пристаништето на Охридското Езеро, каде беа осветени водите и беше фрлен чесниот Крст. Оваа година, Господ благоволи Крстот да заврши во рацете на Митко Топенчаров од Охрид, кој го фаќа Крстот по јубилеен петти пат. На манифестацијта присутни беа и Претседателот на Р. Македонија, г-дин Ѓорѓе Иванов, Градоначалникот на град Охрид, г-дин Александар Петрески, како и повеќе видни гости од земјава и странство. Малку подоцна, во водите на Белото Езеро, а кај месноста викана Сараиште, се одржа и групно крштение, а истото го изврши свештеникот Љупчо Симиџиески.

По завршувањето на Богојавленската прослава во Охрид, Митрополитот Тимотеј ги освети водите и на реката Црни Дрим во Струга и го фрли светиот Крст, кој по трет пат заврши во рацете на 22 годишниот Ристе Талески.

Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон верниот народ, која во целост ви ја пренесуваме:

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Од преголема љубов кон човечкиот род и со желба да го спаси од гревот и смртта, Сèмилостивиот Бог, на Предвечниот совет на Светата Троица, благоволил Второто Лице од Светата Троица да се воплоти и роди од света Дева Марија. Така, Синот Божји, Господ Исус Христос, се овоплотува во утробата на света Дева Марија и постанува човек во сè сличен на нас, освен во гревот. Тој ќе поживее на земјава триесет години, исполнувајќи ги сите обврски на дете и човек и прехранувајќи се со трудот и потта на сопствените раце. Кога ќе наполни триесет години, односно кога според еврејскиот закон ќе постане полнолетен, Христос ќе ја започне Својата месијанска улога во Светата земја - Палестина. Во тоа време, на реката Јордан, Јован Крстител ќе ја започне подготовката на Израелскиот народ за дочекување на Месијата, Спасителот на светот Господ Исус Христос. Тој ќе ја започне својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно“ (Мат. 3,2). Толпи народ се собирал на бреговите на реката Јордан, каде свети Јован Крстител ги крштевал со покајно крштение, поучувајќи ги дека „тој крштева со вода, но по него доаѓа Оној Кој ќе крштева со Дух Свети“ (Мат. 3,11).

Во една таква глетка на многуилјаден народ на брегот на реката Јордан, доаѓа и Синот Божји, Господ Исус Христос, за да прими крштение од раката на Јована Крстител. Волјата Божја, во моментот на крштевањето на Господа Исуса Христа, била на најјасен и очигледен начин да се открие Светата Троица и тоа: Второто Лице се крштева во реката Јордан, Светиот Дух во вид на гулаб слегува врз Него, а Бог Отец сведочи од небесата: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Мат. 3,17). Токму овој настан од животниот пат на нашиот Спасител, светата Црква денеска го прославува. Господ Исус Христос потоа ќе ја основа Својата света Црква и во неа ќе востанови повеќе свети тајни кои служат за спасение на човечкиот род. Но, прва и основна света тајна е светото Крштение, преку кое секој еден кој ќе се крсти станува член на едната, света, соборна и апостолска Црква. Преку крштевањето тој се удостојува да ги ползува и сите останати Божествени свети тајни на нашата света Црква.

И ние денеска, кои сме собрани на ова прекрасно Бело Езеро, да ги послушаме зборовите на свети Јован Крстител, та и ние да се измениме, препородиме, осветиме и да ги отвориме нашите срца и души. Господ Исус Христос кој денес се крштева и нас да нè просвети, та да го примиме Неговото крштение како почеток на нашето покајание и да го измениме нашиот живот. Да го оставиме гревот и злото, а да го примиме и засакаме доброто, светото, мирољубивото, возвишеното, да правиме добри дела и да Го исповедаме вистински Господа Исуса Христа, за да добиеме вечен живот, сега и во сета вечност. Амин!

Митрополит Тимотеј

Богојавление-Водици
19.01.2012 година, Охрид

03x

04x

08x

vod2012

vod2012 2

vod2012 4

vod2012 6

vod2012 8

vod2012 10

vod2012 12

vod2012 14

vod2012 16

vod2012 18

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1