„Со архангелите да го воспееме Христовото Воскресение, зашто Он е Избавителот и Спасител на душите наши, и во страшна слава, и во крепка сила, пак доаѓа да му суди на светот што го создаде“ (песна на Господи повикав... на Вечерна во Светата и велика недела на Пасха).
На 24.04.2022 година, во попладневните часови, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, во Светата и велика недела на Пасха, беше отслужена Вечерна богослужба со читање на Евангелието на повеќе јазици, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Александар Димоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј и свештенослужителите заедно со верниот народ си го честитаа најторжествениот празник со радосниот поздрав Христос воскресе, а Митрополитот им подели на верниците по едно велигденско јајце. На самиот крај, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри!
Овие зборови сведочат за нашата длабока вера, за тоа дека во овие повеќе од 2000 години низ кои поминала нашата света Црква во својот историски пат, не се изгубило она што е најважно и ја сочинува срцевината на духовниот живот на родот човечки. Тоа е убедувањето дека Синот Божји и Син Човечки доаѓа во овој свет, страда и умира за нас, воскреснува со силата Божја и нас нѐ воскреснува со Себе.
Само по себе чувањето на оваа вера е чудо. Многу добро е познато низ што сè поминала Црквата во овие изминати векови и какви недоразбирања се јавуваат во светот во секоја нова епоха. Една империја се менува со друга, а една култура ја разрушува претходната. Се менуваат филозофските погледи и убедувања на луѓето, се менуваат општествените уредувања, системи и сл. Колку луѓето војувале, уништувајќи се помеѓу себе и бришејќи од лицето на земјата сѐ што создале претходниците! Од некои епохи не останало ништо освен гробници. Сѐ било претворено во прав и пепел. Но, верата дека во третиот ден по смртта нашиот Спасител и Господ воскреснал е невозможно да се уништи. Дури и радикалните потреси и прогони кои претходно биле непознати не успеале да го сторат тоа.
Само едно е објаснувањето: Верата не е нешто смислено. Таа не е само емоционално чувство или некакво убедување. Верата е жива врска на човекот со Бога. Имено, преку верата, божествената сила се доближува до човекот и ја облагородува неговата душа. Таа ги засилува неговите телесни сили и му дава мудрост за правилно да го изоди животниот пат. На тој начин човекот може да го сочува она што родот човечки го научил од Господ Исус Христос.
Христовиот живот бил исполнет со маки и страдања. Не само последната недела од земниот живот пред воскресението туку Целиот Негов живот бил исполнет со труд и маки. Тој гледал како луѓето ги потценуваат Неговите зборови кои во себе носат огромна духовна сила. Овие зборови се способни да го преобразат светот. Но, тие не биле усвојувани зашто луѓето не ја разбирале Божјата семоќност. Тој го видел сомнежот на Неговите ученици, кои виделе многу Негови чуда и слушнале многу Негови зборови. Но, и покрај сето тоа останале само рибари, приврзани за човечките земни грижи – кој да биде прв и поблизок и сл. На крај, се случува кошмарот – токму во страсната седмица. Сѐ започнува со предавството од блискиот човек. Следува отстапувањето и бегството на апостолите, судењето, страдањето и крстната смрт. Оној што на светот му донесе голема слава и божествена мудрост, Оној што ги потврди Своите зборови со големи чуда е убиен пред толпата која ја барала Неговата смрт. Што може да се спореди со оваа бездна на страдања во која се нашол Спасителот? Нема ништо во овој свет, ниту во животот на луѓето што може да се спореди со страдањата на Спасителот. Но, Господ воскреснал и со Своето воскресение ја потврдил Својата победа. Ја потврдил победата на Неговите зборови и дела. Тој ги испратил на служба апостолите кои го примиле дарот на Светиот Дух. Од прости рибари тие станале вдахновени проповедници и сведоци на Христовото воскресение. Воскресението Христово отвора нова страница во човековата историја. Таа историја повеќе е мета-историја зашто нема крај и влегува во вечноста. И сите ние кои живееме по воскресението, преку овој настан постануваме соучесници во едно поинакво битисување. Пред нас се отвораат вратите на вечниот живот. Ете зошто срцата ни се исполнуваат со радост. Можеби не секој размислува за тоа за што ние размислуваме сега. Но, срцето на секој човек – и на учен и на прост, ја чувствува радоста на Велигденската прослава. Таа божествена радост ни е подарена нам на грешните луѓе. Исто така таа се јавува и како свидетел на спасителната сила на воскресението. Сето тоа што се случува со нашиот Спасител се јавува за нас како пример и лекција. И ние, кога поминуваме низ маки и страдања, должни сме да си спомнеме што претходело во страсната седмица пред победата и воскресението.
И ова наше воскресение веруваме дека ќе не измени и ќе не вооружи со духовна сила. Тоа ќе ни даде можност преку сопственото искуство да разбереме што значат крстот и воскресението. Така Господ ни покажува дека силата Божја е посилна од демоните и дека силата Божја ја сочувала верата без разлика на непријатностите со кои се среќавала во изминатите векови. Таа не нѐ остава ниту сега во овие сложени услови за живот.
На крај, уште еднаш ви го честитаме светлото Христово воскресение, посакувајќи ви Христос да воскресне и во вашите срца и души. Секогаш да ве запазува со Својата божествена сила. Христос воскресе! Амин!
Второ Воскресение (Пасхална вечерна)
Храм „Света Софија" Охрид
24.04.2022 год.