„Дојдете сите вие кои го славите сепразничното, светло и славно Воскресение, пак да го празнуваме светлото торжество на маченикот Георгија, и со пролетни цветови, како непобедлив, да го овенчаме, та, по неговите молитви, да примиме избавување од неволјите и од гревовите“ (хвалитна стихира на Утрена на св. вмч. Георгиј).

 

Прославувањето на великиот маченик, победоносец и чудотворец Георгиј започна во вечерните часови на 05.05.2022 година, со празнична Вечерна богослужба, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во с. Кнежино, Кичево, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Александар Матески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодно слово, во кое го восфали Христовото Воскресение, но и великиот подвиг на светителот, кој со својата пожртвувана љубов си го запечати учеството во тоа Христово Воскресение.

 

Празнувањето на великиот светител продолжи утредента, на 06.05.2022 година, во Кнежинскиот манастир, со свечена архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Александар Матески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Чудесен си Ти, Боже во твоите светии!" (Пс. 67, 35).

Драги браќа и сестри!

Празнувањето на светите маченици е причина за нашето спасение и ни донесува голема сладост на душата, како на благочестиви луѓе. Празнувањето на мачениците е простување на гревовите, лекување на болните, утешување на ожалостените, сила на слабите, спасение на грешните и веселба на душите. Затоа, кога го фалиме маченикот, Бог се прославува и луѓето биваат повикани кон небесните добродетели. Славењето на светиите е за наше спасение. Но, тоа е угодно на Бога и на светиите само тогаш кога се прави онака како што доликува. Ако празнуваме како Елините со јадење и пиење и светски песни, тогаш од тоа немаме никаква полза. Тоа не им е угодно на светиите. Светиите трпеле маки и смрт за да нѐ научат како се влегува во небесното царство. Луѓето се спасуваат со труд. Светиите гладувале и жеднееле заради Христовото име, но сега се наситуваат, опкружувајќи Го Христа и се радуваат и веселат во Неговото царство. Тоа можеме да го видиме и од житието на денешниот славеник – свети великомаченик Георгиј. Тој заради големите страдања и мачења, кои сепак, биле времени, од Бога примил вечна слава и наслада.

Но, да слушнеме нешто и од неговото житие. За време на злочестивиот цар Диоклецијан христијаните биле гонети. Овој римски император го почитувал Аполон – бог кој му претскажувал што ќе се случува. Но, бидејќи во идолот живеел ѓавол кој одговарал на царевите прашања, тој најчесто добивал лажни претскажувања. Во една прилика, императорот Диоклецијан отишол кај богот Аполон и го прашал нешто, но не добил одговор, зашто му била попречена силата „од побожните праведници". Тогаш царот ги прашал идолските жреци, кои се тие праведници на земјата што му пречат на Аполон. Жреците му кажале дека тоа се луѓето наречени христијани. Кога слушнал за тоа, тој се разгневил на христијаните и свикал советување на војсководците во Никомидија. Таму било одлучено христијаните да се истребат од римската империја. Тогаш императорот дал наредба со сите сили да бидат истребени христијаните кои му се спротивставуваат на неговиот бог. По некое време, повторно наредил да се свикаат војсководците и да изложат што направил секој од нив во таа насока. Во оваа прилика се јавил и младиот војсководец Георгиј. Тој без страв застанал во одбрана на христијаните. Тој бил многу сакан и почитуван од императорот. Затоа најпрво императорот со ласкања и убедувања се обидел да го придобие младиот Георгиј во борбата против христијаните. Но, овој млад човек се откажал од сите почести, не подлегнувајќи на ласкањата и исповедајќи Го Распнатиот и Воскреснатиот Кој е единствениот Бог што му носи спасение на човечкиот род. Откако не помогнале убедувањата, Георгиј бил подложен на страшни мачења. Но, тој во ниеден момент не се откажал од Христа. За време на мачењата Бог преку него направил многу чуда. Токму неговата вера била причина за Бог да го обдари со благодатта да прави разни чуда. Откако страдањата не го поколебале, Диоклецијан наредил да биде убиен со меч на почетокот на IV век.

Животот на светиот великомаченик Георгиј нѐ поучува. Слушнавме какви маки и страдања поднел. Тоа значи дека и ние треба да го подражаваме во трпението. Затоа и се опишани овие настани во житијата – за и ние да ги подражаваме и да живееме во трпение и добродетели. Сега од нас не се бара мачеништво. Бог од нас бара да постапуваме според Неговиот закон, како што вели Самиот: „Ако Ме сакате, пазете ги Моите заповеди" (Јн. 14, 15). Затоа вистинскиот христијанин треба да има трпение и да се пази од гревот. Со трпение мачениците за Христовата вера го победиле ѓаволот и извршиле големи чуда.

Да се потрудиме да се очистиме духовно, па да ја добиеме Божествената благодат. Таа да нѐ пази и води во добродетелен живот и да нѐ воведе во царството небесно. По молитвите на свети Георгиј Победоносец така нека биде! Амин!

Христос воскресе!

Свети Георгиј Победоносец

ман. „Свети Георгиј Победоносец" Кнежино

06.05.2022 год.

 

gjurgjov2022 1gjurgjov2022 2gjurgjov2022 3gjurgjov2022 4gjurgjov2022 5gjurgjov2022 6gjurgjov2022 7gjurgjov2022 8gjurgjov2022 9gjurgjov2022 10gjurgjov2022 11gjurgjov2022 12gjurgjov2022 13gjurgjov2022 14gjurgjov2022 15gjurgjov2022 16gjurgjov2022 17gjurgjov2022 18gjurgjov2022 19gjurgjov2022 20gjurgjov2022 21gjurgjov2022 22gjurgjov2022 23gjurgjov2022 24gjurgjov2022 25gjurgjov2022 26gjurgjov2022 27gjurgjov2022 28gjurgjov2022 29

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3