„Како пролет ни засветли - светлото Господово и божествено воскресение, од земната кон небесната Пасха преведувајќи не. Со неа, пак, ни сјае светлозарниот спомен на сеславниот Маченик Георгија, што светло го извршуваме, за да се удостоиме за божествената благодат од Спасителот Христа“ (светилен на Утрена на св. вмч. Георгиј Победоносец).

 

И покрај сите препреки што ни се испречија годинивие наназад, свечената Струша литија - Еордија, не престана да им светли на стружани и на околните жители, секогаш потсетувајќи ги верните чеда за силата на православието и за силата на Христовото Воскресение, нешта што ги зацврстуваат и засилуваат верата, надежта и љубовта во оние кои веруваат и се надеваат на Христовото Воскресение. Оваа година, свечената еордија се врати во сиот полн сјај, благодарение на пожртвуваната љубов и грижа на струшките свештеници, на братствата и сестринствата од Бигорскиот, Рајчичкиот и Пречистанскиот манастир, а сето ова со благослов на нашиот духовен водач - Митрополитот Тимотеј. Според обичајот, на 07.05.2022 година, ден по прославата на светиот великомаченик Георгиј, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга, во утринските часови беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодно слово во слава на Христовото Воскресение.

 

Во попладневните часови, најпрво беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Епископот Хераклејски г. Климент, Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше отслужен Парастос за сите порано упокоени ктитори, свештенослужители и верни чеда кои дале свој придонес во материјалното и духовното градење на струшкиот храм. Потоа Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. Потоа верниот народ, предводен од архиереите, свештенството и монаштвото тргна на свечената литија низ градот Струга, носејќи ги светителските мошти и чудотворната икона. Оваа година честа да ги носат моштите ја имаа: Славчо Чакар, Ивица Томоски, Цветко Чолески и Димитар Јованоски. Иконата ја носеа: Сергеј Аврамоски, Христијан Шапески, Теодор Дурацоски и Ламбе Алабакоски. Литијата беше збогатена и со звуците на Градскиот оркестар од Скопје, а неизбројниот верен народ се наслади и со прекрасниот настап на членовите на ансамблот „Македонија“. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Човекот е создаден од Бога за да биде постојано со Бога. Затоа и Бог го создал човекот по Својот лик. Од Создателот на човекот му е дадено да се уподоби на Бога. Ликот му е даден, а подобието зададено за да го оствари со своите постапки. Така човекот стекнува богоподобие. Но, уште нашите прародители Адам и Ева го нарушиле тој сојуз и таа блискост со Бога. Затоа биле истерани од рајската градина за со пот и мака да го заработуваат својот леб. Но, наместо да се покае и да се сврти кон Бога, човечкиот род сѐ повеќе грешел, оддалечувајќи се од Бога, од вистината и од правдата. На тој начин сѐ повеќе тонел во гревот и пропаѓал и физички и духовно.

Но, семилостивиот Бог се смилувал врз родот човечки и Го испратил Својот единороден Син за да се роди од света Дева Марија и да постане човек во сѐ сличен на нас освен во гревот. Христос ја примил и телесната и духовната човекова природа за да направи помирување со Создателот, принесувајќи се Себеси како непорочна жртва за избавување на родот човечки и за помирување со Бога. Враќајќи се повторно во првобитната убавина, човекот одново добил можност да биде со Бога и да ги ползува сите благодети што Бог ги создал за родот човечки.

Божјата промисла отсекогаш била наклонета кон родот човечки. Но, сето тоа зависело и од луѓето – дали вистински верувале и се однесувале онака како што барал моралниот непишан закон кој постои во сечија совест. Секој човек ја има таа способност да го разликува доброто од злото. Тој е создаден за да бега од злото и да прави добро. За тоа најдобро во Стариот завет ни зборува примерот на праведниот Јов. Тој постојано бил клеветен кај Бога дека е праведник само затоа што е толку богат и ужива во многуте физички и духовни богатства. Ѓаволот сметал дека само заради тоа Јов е толку предаден на Бога. Бог знаел дека ова е ѓаволска лага. Но, за да го посрами ѓаволот, дозволил праведниот Јов да го изгуби целото свое материјално и духовно богатство. Тој изгубил сѐ што имал – своето потомство, имотот, а на крај и здравјето. Бил исфрлен на буниште откако изгубил сѐ. Во овие жалосни моменти, неговата жена, која најдобро ја познавала неговата душа и знаеле дека тој е покорен на Бога, го советувала да похули на Бога и да умре. Но, праведниот Јов одговорил: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово!" (Јов 1, 21). Откако јасно и гласно Го исповедал Господа, Бог му подарил нов имот и ново потомство, а тој продолжил да го слави и велича името Господово.

И во новозаветната Црква Христова имаме многубројни примери за следбеници Христови кои се истакнале со верата во Бога. Црквата во првите три века е страшно прогонувана од своите непријатели, а особено од римската власт. Христијаните биле обвинувани дури и за временските непогоди. Ако Тибар се излеел, за тоа биле обвинувани христијаните. Ако имало суша –повторно биле виновни христијаните. Затоа римскиот колосеум е најголемото светилиште за христијаните, во кое секојдневно се леела крвта на безброј маченици. Но, и покрај тоа страдање, како што вели црковниот писател Тертулијан, крвта на мачениците станала семе за нови христијани.

Еден од таквите маченици, кој го положил својот живот за верата Христова е и свети великомаченик Георгиј Победоносец. Иако на млади години бил на висока воена позиција и му претстоела уште посјајна кариера, кога започнало гонењето на христијаните, тој смело и без двоумење застанал во нивна одбрана. Исто така Го исповедал Христос за свој Спасител и за Син Божји кој дошол во светот да го спаси човекот. Му биле нудени разни овоземни привилегии и почести за да се откаже од Христос. Откако сето тоа го презрел, тој бил подложен на страшни маки и страдања. Но, свети Георгиј останал цврст во христијанската вера и маченички го завршил својот живот.

Ние денеска во Струга го прославуваме овој Божји угодник веќе втор ден. Тој е заштитник на градот и на христијаните. Поточно, денеска земната Црква која сѐ уште војува со злото и гревот заедно со победничката небесна Црква торжествува заедно и Го прославува Бога. Затоа ние денеска направивме и парастас за сите познати и непознати ктитори и приложници, свештенослужители, епитропи, служители и посетители на овој свет храм, од неговото создавање до денес. Тоа е смислата на денешната литија низ Струга.

Да се обратиме со искрена молитва кон свети великомаченик Георгиј и свети апостол и евангелист Марко, чиј спомен денеска Црквта го прославува. Тие да бидат наши молитвеници пред престолот Божји. Ние како христијани да се поучиме од нивните животи, од нивната цврста и непоколеблива вера. И нашата вера да биде цврста и непоколеблива и исполнета со добри дела. Да Го прославиме Триединиот Бог, Кому нека е слава, чест и поклонение, сега и во сета вечност. Амин!

Струшка литија во чест на свети Георгиј

Храм „Свети Георгиј Победоносец" Струга

07.05.2022 год.

 

eordija2022 1eordija2022 2eordija2022 3eordija2022 4eordija2022 5eordija2022 6eordija2022 7eordija2022 8eordija2022 9eordija2022 10eordija2022 11eordija2022 12eordija2022 13eordija2022 14eordija2022 15eordija2022 16eordija2022 17eordija2022 18eordija2022 19eordija2022 20eordija2022 21eordija2022 22eordija2022 23eordija2022 24eordija2022 25eordija2022 26eordija2022 27eordija2022 28eordija2022 29eordija2022 30eordija2022 31eordija2022 32eordija2022 33

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3