„На жените мироносици си им заповедал да се радуваат, плачот на прамајката Ева си го прекратил со Твоето Воскресение, Христе Боже, а на Твоите апостоли си им наредил да проповедаат: Спасителот воскресна од гробот“ (кондак на Утрена во Неделата на жените мироносици).
На 08.05.2022 година, во Неделата на жените мироносици, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри!
Секој воскресен ден е посебен. Тоа е ден за молитва, а истовремено и ден за одмор. Тоа е денот во кој нашиот Спасител воскреснал од мртвите. Овој ден ни е даден за да не го минуваме нашиот живот само во суетни и земни нешта. Како луѓе, ние имаме потреба да ја видиме незаодната светлина на Христовото воскресение. Светото Евангелие денеска ни благовестува за светите жени мироносици.
Се поставува прашањето: Зошто Црквата ги удостоила овие жени со ваква чест и ги слави веднаш по Христовото воскресение? Кои се тие? Во Евангелието не е кажано многу за нив. До крстното распнување на Господа Исуса Христа има само неколку зборови за нив. Но, благодарниот народ засекогаш ги запомнил нивните имиња. Се поставува прашањето: Зошто е тоа така? Може да се каже дека тие не биле секогаш со Господа. Тие не ги слушале сите Негови беседи. Не присуствувале на сите Негови чуда. Не ги делеле приликите, неприликите и опасностите со Учителот. Ние го гледаме Никодим – тајниот Христов ученик, кој доаѓал само ноќно време да го слуша Учителот заради страв од Јудејците (Јн. 19, 38). За жените е кажано нешто повеќе во Евангелието според Матеј (27, 55). Но, во секој случај, тие не биле постојано со Христа. Да се потсетиме дека кога Христос прави чудо со петте леба (Јн. 6, 5) и со ловот на рибите (Мт. 17, 27), тие не биле присутни.
Се поставува прашањето: Што ја побудило Црквата за да им оддава ваква посебна почит? Поводот е тоа што тие имале преголема љубов и одданост кон Исуса Христа. Таа нивна предаденост до самозаборав и самоодрекување од себе е тоа што е должно за почит. Кога при страдањата, поточно при крстното распнување на Христа сите се разбегале, плашејќи се од Јудејците, само Мајката Божја, свети Јован Богослов и жените мироносици останале под крстот. Злобата на Јудејците не била упатена само кон Господа Исуса Христа туку и кон сите што Го следеле. Но, овие жени останале верни на Господа до крајот. Тие не само што присуствувале на Голгота туку Го следеле до гробот, каде што бил положен. Нивната силна и непоколеблива вера кон Учителот се појавила и во осмиот ден. Тогаш многу рано отишле да го помазаат телото Христово, не плашејќи се ниту од воената стража, ниту од темнината. Нив не ги исплашила ниедна непријатност. Тие поитале да го исполнат обичајот и телото да биде помазано според Законот (Мк. 16, 1-2). Помазувањето на телото било обичај на Исток. Во глувата темнина, тие разговарале за тоа како ќе го отворат гробот, зашто бил покриен со голем камен и запечатен. Кога пришле кон гробот се зачудиле, зашто гробот бил отворен од светлоносниот силен ангел. По воскресението на Господа ангелот дошол од небото кон гробот и најпрво ги утешил, седејќи на каменот. Откако им кажал да не се плашат, ги известил дека Господ Христос Кој беше сместен во гроб, е несместлив Бог и од небото со ужас ги поразил, стражарите и ги скршил печатите. Ангелот побарал за оваа радосна вест жените да ги известат и апостолите. Така, овие жени мироносици се удостоиле први да дознаат за воскресението Христово.
Заради нивната предаденост на Господа и Самиот воскреснат Спасител прво им се јавува ним. Од тоа и ние треба да се поучиме колку е важно да се биде доследен на науката на Спасителот Господ Исус Христос. Светата Црква ја почитува токму таа одданост на жените мироносици и по тоа го истакнува нивниот пример. Така треба да постапиме и ние за да ја стекнеме благодатта Божја.
Да се обратиме со молитва кон жените мироносици. Тие да бидат наши молитвеници пред престолот на семилостивиот Бог. Преку нивните молитви, да ни ја засили нашата православна вера и да ни ја умножи љубовта. Да одиме по Христовиот пат кој е тесен и стрмен, но е единствениот пат кој води во вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. По молитвите на светите жени мироносици така нека биде! Амин!
Христос воскресе!
Недела на жени мироносици
Храм „Успение на Пресвета Богородица - Каменско" Охрид
08.05.2022 год.