„Откако го насеа православнато учење, го исече трњето на погрешното учење и го умножи семето на верата, со Духот пор4осено. Затоа те воспеваме, преподобен Атанасие“ (кондак на утрена на св. Атанасиј Велики).
На 15.05.2022 година, во Неделата на раслабениот и на празникот пренос на моштите на св. Атанасиј Велики и на св. мч-ци Борис и Глеб, во храмот „Св. Атанасиј Велики“ во с. Премка, Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговотото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Повод за овој наш собир беше и Јубилејот 150 години од сликањето на фреските на влезот од храмот. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денешното воскресно Евангелие на светата Литургија ни раскажува како нашиот Спасител Господ Исус Христос наоѓајќи се во Ерусалим за големиот еврејски празник Пасха во еден од петте тремови од бањата Витезда го излекувал парализираниот човек кој боледувал триесет и осум години. Кога Господ Христос го забележал овој страдалник го прашал дали сака да оздрави. Страдалникот одговорил: „Да, сакам! Но, немам човек за да ме спушти во бањата". Христос на тоа одговорил: „Стани, земи си го одарот и оди си!" Кога подоцна го видел во Ерусалимскиот храм му рекол: „Ете, сега си здрав и не греши повеќе за да не те снајде нешто уште полошо" (Јн. 5, 1-14).
Од Евангелието заклучуваме дека Господ Исус Христос ја сметал болеста за последица на гревот. Тоа може да биде грев на самиот човек или на неговите родители. Гревот е, значи, причина не само за болестите туку и за сето зло во светот. Од таму е и врската со гревот и ставот на човекот за моралот. Каков став има човекот кон гревот, таков му е ставот и кон моралот и неморалот. Религиозниот човек признава дека Бог му дал на човекот морален закон – било да е тоа природен, кој се наоѓа во совеста на човекот, било како напишан морален закон во Светото писмо. Човекот треба да живее според тој закон. Како што секое прекршување на законот, независно дали тој е Божји или човечки, се казнува, така и оној што го нарушува моралниот закон одговара за прекршувањето на тој закон. Секој човек кој прави грев ги поднесува и последиците на гревот. За тоа ни сведочи целата историја на сите народи и во сите форми на живот. Во целокупната историја на човештвото се гледа јасно дека гревот, независно дали е личен или колективен, бил главниот причинител на злото и страдањето на човекот на земјата. Така е од Адама и Каина, па сѐ до нашите денови.
Тоа што 'рѓата е за железото, тоа е гревот за душата и телото на човекот. 'Рѓата полека но сигурно го нагризува железото сѐ додека потполно не го уништи. Гревот полека но сигурно го помрачува умот на луѓето, ја слабее волјата и ги расипува чувствата, ја нагризува човековата душа, сѐ додека потполно не ја одвои од Бога и додека не ја уништи. Душата одвоена од Бога е мртва за Бога. Исто така и гревот го разболува телото сѐ додека не го парализира и уништи. Затоа и нема ништо поцрно и полошо од гревот. Гревот е првиот непријател на човечкиот род. Тој е причина за телесните и душевните болести и на крај, тој е причина за смртта која како неминовен закон господари со светот од Адама до денес.
За гревот ни зборува и денешното Евангелие што го слушнавме. Христос му вели на болниот: „Сега си здрав и не греши повеќе за да не те снајде нешто уште полошо. Овој потресен настан е исполнет со поука за секој христијанин и за спасение на човечката душа. Затоа треба да извлечеме и поука од Евангелското четиво.
Гревот е причина за болест на телото. Болниот во својата младост бил порочен. Затоа и триесет и осум години ја носел оваа тешка болест. Гревовите од младоста го нагризувале телото на болниот како што 'рѓата го нагризува железото. Полека, но сигурно гревот ја одзема целата сила и го остава човекот немоќен, прикован на постела и парализиран. Тешките гревови се од младоста. Посебно од онаа младост на која сѐ ѝ е дозволено. Таа се карактеризира со распуштеност и со неморалниот живот.
Демонот е непријател на човекот од самиот почеток. Како што се вели во нашиот народ, тој ниту ора, ниту копа, туку бара некој за да му наштети и да му направи зло. Дозволениот неморал е најпривлечна замка на демонот. Тој таа замка ја распнува секаде – по улиците и школите, по телевизиските канали и интернетот; со еден збор – насекаде. Затоа родителите во ова време се посебно должни да поводат грижа за воспитување на своите деца. Сегашните деца живеат во време кога сѐ им е дозволено и сѐ е слободно. Затоа тие можат и лесно да појдат по лоши патишта, кои им нанесуваат големи штети – како ним, така и на нивните блиски. Родителите ги сакаат своите деца повеќе од себе. Сакаат тие да бидат подобри од нив. Затоа и нашиот апел е кон родителите да се погрижат повеќе за воспитување и упатување на своите чеда на христијанскиот пат кој е единствен исправен, чесен и спасоносен.
Од денешното Евангелие можеме да извлечеме уште една порака: Овој страдалник триесет и осум години со трпение чекал некој да се смилува и да го спушти во бањата за да се излекува. Триесет и осум години се предолг период. Важно е да кажеме дека човекот ја поднесувал болеста со огромно трпение. Тој не губел надеж дека ќе биде излекуван. И ние како христијани кога ќе се најдеме во било какви маки и страдања, да ги поднесеме без роптање на Бога и на Божјите угодници. Стрпливо и христијански да молиме милост од Бога. Да бараме да нè одмине маката и страдањето, а истовремено да нè поучи за да се покаеме за нашите гревови и престапи. Така ќе измолиме милост пред Бога за спасение на нашите души. Амин!
Недела на раслабениот
Храм „Свети Атанасиј Велики" с. Премка, Кичево
15.05.2022 год.