„Верни, со песни денес да го прославиме сепразничниот спомен на Атанасија и Кирила, зашто во бездната на погибелта тие го фрлија измамникот Арија, заедно со Евномија и Савелија, и ги предадоа да горат во вечниот оган, зашто тие неправедно похулија на Спасителовото воплотување. Затоа те воспеваме, Атанасие“ (Икос на св. Атанасиј Велики и св. Кирил Александриски).

На ден 31.01.2012 година го прославивме споменот на двајца големи светители и исповедници на православната вера, свети Атанасиј Велики и св. Кирил Александриски. По тој повод, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Игор Никовски, свештеник Горан Ставрески и ѓакон Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше прекршен славскиот колач, а Митрополитот Тимотеј им подели нафора на присутните и се обрати кон своето верно стадо со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Buy Kicks | Sneakers

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

„Прекрасен е Бог во своите светии“! Во нашите православни цркви и манастири, многупати ги слушаме овие прекрасни зборови на старозаветниот псалмопеач, царот Давид. Голем е Бог во Своите светии. Големината Божја, покрај другото, се согледува и во Неговите свети угодници, во  оние праведници и угодници Божји, кои со нивниот чесен живот и работа во земниот живот ја исполниле Божјата волја и ги извршувале сите Негови заповеди. Тие, со нивниот живот, Го прославиле Божјото име на Земјата помеѓу луѓето, а затоа, пак, Бог ги прославил нив на Небото. Еден од таквите Божји угодници, кого нашата света православна Црква денеска го прославува, а и на кого е посветен овој манастирски метох, е свети Атанасиј Велики.

Овој светител е постојана светла ѕвезда на небото, како и на земјата. Тој е таа света и светла ѕвезда на православниот хоризонт, која на сите христијански верници им свети и им го осветлува патот и им дава морална поткрепа и сила да можат успешно да ги совладаат сите препреки кои им искрснуваат на нивниот трновит пат кон стекнувањето на Царството Божјо. А тоа, пак, Царство, се поистоветува со Царството на љубовта, на правдата, на вистината и на сè она што треба да ја краси нашата бесмртна и вечна душа.

Свети Атанасиј уште од младоста бил воспитан во христијанството и ги засакал принципите на Христовата Божествена и спасоносна наука. Тој со посебен труд и љубов, а и со неизмерна благодат на Светиот Дух, изградил од себе една комплетна христијанска личност, слична во сè на Христовиот Дух. Свети Атанасиј, обдарен од Бога, но, исто така и работлив и со извонредна умна способност, брзо и лесно ги совладал тогашните науки и бил забележан од сите негови сограѓани. Овој прекрасен светител, истакнувајќи се со својата силна приврзаност кон науката Христова, ќе биде забележан од тогашниот Александриски архиепископ Александар и ќе биде ракоположен во ѓаконски чин. Брзо по неговото ракополагање ќе биде свикан и Првиот вселенски собор во 325 година во Никеја, денешна Турција. Соборот ќе биде свикан поради лажното учење на Ариј, александриски презвитер, кој ќе учи погрешно за природата на Христа. На соборот ќе се соберат 318 епископи, исповедници и маченици, кои претрпеле многу заради верата Христова. Ѓаконот Атанасиј ќе се истакне со својата ученост и со својот прониклив дух, како и со својата способност во формулирањето на учењето на светата Црква и ќе биде поставен за записничар на решенијата што ги донесува овој Вселенски собор. Тој, заедно со светите отци на овој собор, ќе биде составувач и на првиот дел од нашиот Символ на верата.

Светите отци кои учествуваат на овој собор ги вкусиле Христовите зборови: „Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е Царството Небесно“ (Мат. 5,10). Прогонството заради правда и поради своите добродетели и своето Богоугодништво, не е ништо друго освен следење на Христа Спасителот, Кој е прв прогонет заради својата праведност и Кој има речено: „Ако Мене Ме гонеа и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат“ (Јов. 15,20).

Распнувањето и страдањето се составен дел на христијанското постоење на оваа земја. Тоа ни го посведочуваат житијата на светите пророци, кои живееле пред Христа, како и житијата на апостолите кои се современици на Христа, како и житијата на безброј маченици и христијани на Црквата Христова, во овие изминати дваесет века.

Сите Божји луѓе на овој или оној начин го носеле крстот Христов. Светите отци велат дека постојат два вида на сведочења на Христа - исповедништво и мачеништво. Со својата крв Го посведочиле Господа и апостолите, како и безброј христијани во изминатите векови. Исповедувањето на Христа е сведочење со совеста, внатрешно носење на крстот и непрекинат подвиг преку себераспнување за овој свет и одење по патот Господов. Тоа е носење на крстот Христов во своето срце, во својот ум, во секојдневниот живот, па затоа и не се знае кој од овие два подвига е потежок, дали еднаш човек да пострада за Господа со својата крв или она другото, исповедништвото, целиот живот да се носи крстот Господов, достоинствено и непоколебливо. Навистина е тешко да се стои низ целиот живот без померување од вистинскиот пат до последното свое издивнување за името Христово, исполнувајќи ги заповедите Негови и одбивајќи да се откаже од Христа Спасителот и во малку и во многу и во тајноста на своето срце, но ако затреба и јавно да Го исповедаат, ако треба и со поднесување на големи маки и страдања. И исповедништвото и мачеништвото претставуваат живо сведочење на живиот и вечниот Бог. Милиони луѓе го имаат посведочено Господа Исуса Христа преку овие два начина во овие изминати векови.

Свети Атанасиј, уште релативно млад, ќе биде избран по смртта на веќе стариот Архиепископ Александар и ќе продолжи, но овој пат како епископ, да ја брани правата вера и учењето на светата Црква од следбениците на осудениот Ариј. И покрај тоа што Првиот вселенски собор ќе го осуди аријанството, тоа ќе продолжи уште долго време да ја потресува светата Христова Црква, како внатрешно така и надворешно, бидејќи императорскиот двор ќе има симпатии кон Аријаните. Така свети Атанасиј ќе биде на правдина симнуван од епископската столица и прогонуван заради вистината и правдината на Црквата Христова. Свети Атанасиј, како ретко кој друг епископ, ќе биде многу пати поставуван и симнуван од епископската катедра, а половина од своето епископство, кое не е кратко, ќе го помине во прогонство. Свети Атанасиј, поднесувајќи ги сите овие прогони, измачувања, малтретирања и навредувања, останал нескршлив столб на вистината, правдата, верата, учењето и исповедништвото. Тој ќе напише и повеќе трудови во одбрана на светата Црква и вера, а, пак, заради неговиот голем придонес во одбраната на догмите, светата Црква ќе му даде епитет кој ретко го дава на други Божји угодници - Велики.

И ние, денеска, кои го прославуваме неговиот свет спомен, да се обратиме со искрена молитва кон  свети Атанасиј, тој од неговата силна и непоколеблива вера да всади и во нашите срца и души, та и ние на секое место и на секое време да ја исповедаме нашата света православна вера и да живееме според неа, за да го добиеме Царството небесно. Светиот Атанасиј секогаш нека биде наш застапник и молитвеник пред Бога. Амин!

Митрополит Тимотеј

свети Атанасиј Велики
31.01.2012 година, ман. „Св. Атанасиј Велики“ Охрид

svatan2012

svatan2012 2

svatan2012 4

svatan2012 6

svatan2012 8

svatan2012 10

svatan2012 12

svatan2012 14

svatan2012 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1