„Сите луѓе, да Му запееме на Христа, Кој се вознесе во слава на плеќите херувимски, за да нѐ стави и нас со Себе од десната страна на Отецот, песна победничка, зашто се прослави“ (песна од Канонот на Утрена на Вознесение на Господ Исус Христос).

 

На 02.06.2022 година, денот кога го прославивме светлото Вознесение на Господ Бог наш и Спасителот Исус Христос, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Горно Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола ХРистоски, протоерејот Кирил Јованоски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа се направи и свечена празнична литија околу светиот храм, по што литијната поворка продолжи до светиот Крст, поставен на височините над селото. На самиот крај, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Вознесението Господово уште еднаш ни сведочи за тоа дека Господ ни дал големо ветување и не утврдил во знаење за тоа дека ние не сме само земни туку истовремено сме и небесни жители. Ние имаме Дух Божји, кој ни е вдахнат. На тој начин сме постанале со жива душа која сме ја примиле од Бога при нашето создавање. Господ ни го покажал патот, а исто така ни кажал дека нашиот Отец небесен нè очекува. Секој што верува во Неговиот Син, Кого Тој Го испратил заради нашето спасение, нема да биде отфрлен на судниот ден. Но, ние не треба да се откажеме од Неговото име, Неговото страдање, крстната смрт и славното воскресение. Со вера во овие нешта ние се искачуваме во небесното блаженство во кое биле и нашите прародители.


Еден Божји угодник вели: „Господ, вознесувајќи се на небото, не нѐ оставил сираци. Вознесувајќи се, Тој го благословил народот". Овие зборови „вознесувајќи се и благословувајќи", сведочат дека благословот Господов не завршил со Неговото вознесение на небото. Неговиот благослов е дејствителен и потоа. Тој е дејствителен и денеска. Неговиот благослов е животодавен и ќе биде свет во сите времиња, сѐ до второто Негово доаѓање на земјата за на секого да му даде според заслугите, односно според неговиот живот на земјата.


Вознесението Христово ни кажува дека секој Христијанин кој верува во Него како во Син Божји и се чувствува како син на светата Црква Божја, има надеж не само дека ќе воскресне туку и дека ќе седна од десната страна на Бога. Тоа ни го ветил Господ на светата Тајна вечера. Секој кој се удостоил да е Негов, ќе биде наследник на овие вечни богатства. За нас православните христијани Тајната вечера е светата Евхаристија во која ние се соединуваме со Христа, за простување на нашите престапи и гревови. Црквата Христова примила најголема милост и во неа Господ положил сѐ што е неопходно за нашето спасение. Затоа ние сме должни духовно да се издигнуваме. Потребно е да го примаме тоа торжество со благодарност кон Бога, зашто Тој ни ги отворил вратите на царството небесно. Тој не нѐ лишил од можноста да Го прославиме на земјата и да празнуваме заедно со издигнување на духот кон царството небесно.


Секој човек е должен да се замисли за својот живот. Дали мислиме или не мислиме за него, ние ќе бидеме на небото. Ние можеме да ја сакаме земјата и да се прилепуваме кон неа, но сигурно еден ден ќе ја оставиме. Нашето место како христијани не е тука на земјата, туку на небото или во пеколот. Така, подобро е да ги употребиме сите сили и да ги поднесеме сите потешкотии, па да се јавиме подготвени за небото, без да се вовлекуваме во сите соблазни. Треба да се стремиме да го оствариме нашето жителство на небото.


Затоа потребно е духовно да се издигнеме над земјата. Должни сме да ги заборавиме сите навреди, обвинувања, клевети упатени кон нас и да се покаеме за нашите гревови, оддалечувајќи се од нив. Нашите престапи и гревови го распнуваат срцето на Спасителот. Ние сме должни да ги надвладееме тие слабости и да памтиме дека Господ Исус Христос рекол: „Нема да влезе во царството небесно ниеден нечист кој се предал на лага, туку само тие кои се запишани во книгата на Јагнето на животот" (Откр. 21, 27). Нам ни е даден залог и не треба да се сомневаме. Да не ја губиме надежта во Божјото милосрдие. Тој е себлаг и семилостив. Ако не беше таков, немаше да го направи сето тоа што ни е дадено и не би ги измил нашите гревови со Својата невина и света крв. Затоа овој празник е ден на радост и веселба. Ние духовно се искачуваме на гората на вознесението – на тој прекрасен Сион, од каде нѐ благословува Спасителот. Тој не нѐ оставил да бидеме сираци, туку побарал од Отецот да ни ја испрати благодатта на Светиот Дух, Кој во свое време и нас ќе нѐ вознесе на небото во живеалиштата на царството небесно.


Прославувајќи го Вознесението Христово, да направиме овој спомен да ни биде и нам од полза. Да се обраќаме почесто со мислите кон нашиот Спасител за Тој да нѐ просветли и осветли. Така и ние ќе одиме по патот кој ни го покажува светата Црква. Така ќе спечалиме милост Божја и ќе бидеме жители на царството небесно, сега и во сета вечност. Амин!


Вознесение Христово
Манастир „Свети Спас" Горно Лакочереј, Охрид
02.06.2022 год.

 

spasovden2022 1spasovden2022 2spasovden2022 3spasovden2022 4spasovden2022 5spasovden2022 6spasovden2022 7spasovden2022 8spasovden2022 9spasovden2022 10spasovden2022 11spasovden2022 12spasovden2022 13spasovden2022 14spasovden2022 15spasovden2022 16spasovden2022 17spasovden2022 18spasovden2022 19spasovden2022 20

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3