„Константин со неговата мајка Елена денс го покажуваат крстот, сечесното дрво, кој е за посрамување на сите Јудеи, а за верните цареви е оружје против непријателите, но и за нас се покажа како голем знак и страшен во борбите“ (кондак на Утрена на светите рамноапостолни цареви Константин и Елена).

 

На 03.06.2022 година, денот кога ги прославуваме светите рамноапостолни цареви Константин и Елена, во храмот „Св. Константин и Елена“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Васил Михајлоски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Денеска ги прославуваме свети цар Константин и царица Елена. Од благочестивите луѓе се нарекувани и рамноапостоли, поради одлуката за прекинување на гонењето на христијаните во Римската империја со Миланскиот едикт во 313 година. Таткото на Константин Велики се викал Констанц Хлор. Тој ги почитувал христијаните и им давал дури и видни места во неговиот двор. Неговиот син Константин, ја запознал верата Христова од млади години, од неговата мајка Елена која била христијанка. Кога Констанц Хлор бил избран за цар, тој ја оставил својата жена Елена и се оженил со ќерката на императорот, според незнабожечките традиции. Така, Елена и нејзиниот син Константин живееле без глава во куќата на Елена. Сето тоа, таа го поднесувала стрпливо и смирено и одлучила да не се премажува, туку да го воспитува својот син. Исто така, таа правела големи доброчинства – со имотот што го поседувала помагала на многу бедни луѓе. Но, кога императорот Хлор починал во 306 година во Англија, Константин бил прогласен за западен император. Тогаш тој имал само 32 години. Се одликувал со голема кроткост и учтивост. Но, во другите области на Запад истовремено управувал лошиот и користољубив Максентиј. Во 312 година потчинетите на Максентиј, од Константин побарале заштита од тиранијата што ја спроведувал Максентиј. Кога Константин пошол да се пресмета со овој тиранин, на сред бел ден во Рим видел на небото крст со натпис: Константине со овој знак ќе победиш. Таа ноќ, му се јавил Самиот Господ Исус Христос и му рекол да направи крст на оружјето и шлемовите на војниците. Со тој знак, знакот на крстот го победил Максентиј, кој побегнал да се спаси, но се удавил во реката Тибар во Рим. Цар Константин победил и управувал со источниот дел на Римското царство. Тогаш цар Константин побарал од Ликентиј да даде слобода на христијаните да си градат цркви, но овој бил жесток непријател на христијаните и не сакал да послуша, па така Константин му објавил војна и го победил, постанувајќи император на цела Римска империја и покровител на христијаните. Така го издал и Миланскиот едикт во 313 година за слобода на христијанството. Цар Константин сакал сите жители на империјата да ги направи христијани, но не сакал тоа да биде со сила, туку по слободна волја. Бидејќи имало многу јазичнички жртвеници во Рим, тогаш тој избрал нова престолинина во Визант, односно мал град на Црното море, кој бил наречен нов Рим, Константинопол, по словенски Цариград, а денеска Истанбул во Турција. Како благочестив цар тој подигнал многу храмови, како во Цариград така и во целата империја.


За време на Константин Велики Црквата ја вознемирувале повеќе непријатели, како надворешни јазичници така и внатрешни ереси и расколи, а тој се јавува како заштитник на Црквата. Затоа, тој ќе го свика Првиот вселенски собор во 325 година во Никеја, каде ќе се соберат 318 отци, кои ќе го осудат аријанството.


Посебна улога и значење ќе има неговата мајка, царица Елена, која била многу набожна и благочестива жена. Никакви земни наслади не ја интересирале, туку како вдовица и христијанка се трудела за вечно спасение според зборовите на ап. Павле (1 Тим. 5, 5). Таа во 326 година, ќе ја посети Светата земја и скоро сите места каде што оделе нозете на Господ Исус Христос. Почнувајќи од Витлеем, Назарет, Ерусалим, Елеонска гора и др. места, при што ќе го пронајде и животворниот крст. Поради нејзините подвизи и делувања за проширување на христијанството во Римската империја, и двајцата царот и царицата се наречени рамноапостолни цареви. Царот Константин и покрај тоа што бил верен син на Црквата Христова, не се крстил веднаш. За тоа има две поделени мислења, но најверојатно е убедувањето дека се крстил при крајот на својот живот, за да му се простат гревовите што ги направил за време на неговиот живот. Тој по десет години од смртта на неговата мајка, во 337 година, на 65 годишна возраст се крстил на Пасха и умрел во Никомидија. Телото му било пренесено и погребано во Цариград, во црквата на светите апостоли, додека неговата мајка е погребана во Рим, каде што и живеела и денеска нејзиниот саркофаг се наоѓа во црквата на Капидолини, покрај светиот олтар.


Денешниот празник на светите цар Константин и царица Елена ни дава две поуки. Првата е при секоја прилика и непријатност од нашиот живот да се обраќаме кон силата на чесниот и животворен крст Господов, а втората пак е, по нивниот пример да работиме за раширување и утврдување на нашата вера во Вистинскиот Бог, секаде каде се наоѓаме. Свети цар Константин со знакот на крстот што го видел на небото, ги победувал не само надворешните, туку и внатрешните непријатели. Крстот Христов за него бил секојдневно заштитно орудие. Со неговата сила и духовниот благочестив живот, со што тој се прославил пред сѐ, е вбројан во ликот на Божјите угодници – светиите. Како не би бил победител со крстот Христов, кога нашиот Спасител еднаш засекогаш на Голгота ги победил сите непријатели на нашето спасение? Како не би бил победоносен, кога во него е сокриена спасителната небесна сила на Богочовекот Христос, нашиот Спасител.


Покрај молитвите да не заборавиме да придонесуваме за проширување на христијанската вера, а тоа најдобро ќе го направиме ако живееме според учењето на светата Црква. Голема награда ветува Христос, за спасителен подвиг и за ширење на Неговата вера. Тоа не значи секогаш да се појде во непознати средини и да се проповеда, туку христијанството може да се изрази и со мали хумани показатели. Како што се вели кај нашиот народ и подадена чаша вода на жеден е добро дело. Па и ние, како христијани, да се угледаме на светите рамноапостели цареви Константин и Елена, да ги подражаваме во ревноста за верата Христова, да одиме по Христовиот пат и да измолиме милост Божја за спасение на нашите души. По молитвите на свети цар Константин и Елена, така нека биде. Амин!


Свети Константин и Елена
Храм „Свети Константин и Елена", Охрид
03.06.2022 г.

 

 svkonstielen2022 DSC0184 DSC0187 DSC0202 DSC0210 DSC0213 DSC0219 DSC0231 DSC0243 DSC0247 DSC0248 DSC0259

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2