„Божествени Еразмо, распален од љубовта кон Бога, си Го засакал Христа. Евангелието им го објасни на сите топло; неуките луѓе си ги извлекол од темнината, а си ги срушил демонските идоли. Затоа, отче, моли Го Христа Бога, да ни дарува милост голема“ (стихира по второ стихословие на утрена на св. Еразмо Охридски).
Нашиот свет Охридски заштитник, великиот свештеномаченик Еразмо, и оваа година најторжествено беше прославен, на местото каде што ги возвишувал своите молитви пред Господа, местото кое и денеска на многумина им дава утеха и исполнување на молитвите. Торжественото прославување започна на 14 јуни, со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Празнувањето продолжи утредента на 15 јуни, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Нашата света православна Црква секој ден прославува по еден или повеќемина Божји угодници. Сите тие ни даваат пример, независно дали се маченици, преподобни, или праведни раби Божји. Сите тие се спасувале со верата и добродетелниот живот. Свети апостол Павле во посланието до Евреите вели: „Грижете се да имате мир со сите и светост без која никој нема да Го види Господа" (Евр. 12, 14).
Ете, целиот наш живот е завет на сите светии Божји. Животот е стремеж кон светост, односно кон спасение на својата душа. Кон оваа светост се стремеле сите Божји угодници. Господ денес не бара како апостолите да ги оставиме нашите семејства и домови. Никој денес не нѐ мачи и прогонува како мачениците од првите векови. Но, сите ние сме должни да живееме со Христа и во тој живот со Христа да достигнеме светост, односно вечно спасение. Должни сме да постанеме достојни жители на небесните живеалишта и да влеземе во радоста и вечната чест со нашиот небесен Отец.
Ние се соединуваме со Христа во светата тајна Крштение. Тоа значи дека и со душата и со телото, и со сиот наш живот и слободата што ни е дадена, треба да се посветиме на нашиот Господ Исус Христос. Во тоа и се состои силата на нашето крштение. Во тоа се состои значењето на христијанскиот повик и во тоа суштествува нашиот христијански живот. Ако, пак, некој примил крштение, а не живее со Христа, за таквиот не се вели дека е во славата Божја. Тој е мртов за Бога.
Ние сме должни да живееме со Христа. Што значи тоа? Да се живее со Христа значи да се верува во Спасителот. Кој верува во Господа како во Извор на благодат, знае дека без Него, ние би загинале во своите гревови. Верниот човек Го признава Господа за Судија Кој има власт да проштева гревови или да нè подложи на жал и плач. Животот со Христа е утешение и блаженство и најголема наслада. Никој да не помислува дека ако оди по Христа може некому да нанесува неправда со своите постапки. Напротив! Оној што оди по Христа и го призива Неговото свето име, добива Божја помош во секоја работа и ги осветува сите свои дела. Господ гледа на него како на Свое верно чедо. Бог го благословува за правилно да ги исполнува своите задачи и обврски. Таквиот човек никогаш не заборава дека само на тој пат може да ја спаси својата душа. Тој достојно го носи името христијанин и по спасителниот пат оди кон вечниот и блажен живот.
Живеејќи со Христа, ние ги спасуваме нашите души. Тоа го правиме не само со помошта Божја туку и со нашите слаби сили, стремејќи се кон светоста. Дали светите Божји угодници некогаш би ги раскинале врските со нас? Никогаш! Тие престојуваат во небесната Црква, а ние стоиме во земната Црква. Но, и небесната и земната Црква се една тело Христово. Ако тие уште за време на земниот живот се молеа за нас, тогаш колку ли повеќе го прават тоа сега кога стојат пред престолот Божји. Тие ни помагаат да ги спасиме нашите гревовни души. Ако тие нѐ сакаат нас и сите луѓе овде на земјата, тогаш таму во совршената љубов, нивната грижа за нас е уште поголема, бидејќи таму го созерцаваат ликот на Спасителот. Ние веруваме дека тие постојано се молат за нас, за и ние да живееме со Христа и да се учиме да Го подражаваме Него. Така, со вера, трпение и љубов и ние ќе се вброиме меѓу нив. За тоа се потребни многу молитви и големо покајание. Потребна е незлобивост во душата за да не погубиме ниту една душа со нашите постапки. Секој од нас има печат на дарот на Светиот Дух што сме го примиле со светото крштение.
Ние силно веруваме и се молиме на Божјите угодници. Просиме тие да бидат наша поддршка во земниот од кон царството небесно. И светиот свештеномаченик Еразмо Охридскиот Чудотворец е еден од многубројните Божји угодници. Тој постојано се застапува за секоја христијанска душа која со вера, молитва и понизност му се обраќа за заштита и поткрепа. И ние, кои денеска се собравме на молитва во овој свет манастир кој му е посветен да му се обратиме со искрени души. Да побараме тој да ни помогне за да го зачуваме печатот на крштението и како вистински христијани да го изодиме нашиот животен пат достоинствено и чесно. Да ги исполнуваме Божјите закони и да стекнеме милост Божја, сега и во сета вечност. Амин!
Свети Еразмо Охридски
Манастир „Свети Еразмо Охридски", Охрид
15.06.2022 год.