„Мноштвото свети, зрачејќи со божествениот сјај на Сонцето со тројна светлина, богословат за Тричислената Единица, беспочетниот Отец, и доброчесниот Син, и Светиот Дух“ (песна од канонот на Утрена во Неделата на Сите светии).

 

На 19.06.2022 година, во Неделата на Сите светии, во манастирот „Сите светии“ („Сисвети“) во с. Лешани, Дебарца, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сосолужение на архимандритот Нектариј, еромонахот Вартоломеј, старешина на манастирот, свештеникот Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска светата православна Црква ги прославува сите светии на кои е посветена и оваа света обител. Самиот празник ни покажува до какви висини може да се издигне човекот. Колку прекрасни луѓе, кои засветлиле со образот Божји! Светителите Господови се слични на светила кои ги шират зраците на бесмртната љубов. Тие се слични на преполнети садови преку кои во светот се излева Божествената благодат. Господ Исус Христос ги нарекува „сол на земјата". Во нив е смислата на суштествување на човештвото и преку нив се достигнува до небесните обители. Безбројни души кои се угледуваат на нив го следат нивниот пример.


Светиот Дух ги пишува житијата на светиите со цел секој кој го подражава нивниот пример, да се издигнува кон висините. Уште во старозаветната Црква се почитувале патријарсите и пророците. Ним им се укажувала голема почит. Биле спомнувани имињата на Авраама, Јакова, Мојсеја и Илија. Но, во тоа време праведниците биле ретки, како скапоцени камења кои се бараат во утробата на земјата. Многубројните подвижници, поткрепени од Светиот Дух се стремеле да одат по спасителниот пат на крстните страдања покажан од Самиот Христос. Црквата е соѕидана со крвта на мачениците излеана за Господа. Свети првомаченик Стефан кој со каменување бил убиен, издигнувајќи ги очите кон небото ја видел славата Божја и Исуса Христа како седи оддесно на Бога (Дела 7, 55). Страшните гонења од првите три века и уништувањето на Црквата им давало благодатен пример на многубројните страдалници за да истраат во верата. На крајот на IV век не останал ниту еден ден кој не бил поврзан со споменот на некој страдалник Господов. Затоа еден епископ од тоа време воскликнал: „Ете, сета вселена е исполнета и целиот годишен круг е посветен на мачениците Христови. Нема место, ниту време во годината без нивен спомен. Доколку некој љубител на мачениците би сакал да ги прославува сите денови на нивните страдања, тогаш за него не би останал ниту еден ден без празник. Целата година би ја поминал празнувајќи".


Во древните времиња се појавил благочестив обичај на гробовите од мачениците да се извршува светата Евхаристија. Во оваа тајна лебот и виното се претвораат во тело и крв Христови. Со тој обичај, молитвата на светите подвижници, кои Го прославуваат Господа во Неговото царство, се присоединува кон молитвата на оние што молат. Така, Светиот Дух слегува на чашата и ги осветува даровите. Овој обичај, со мали измени и денеска е сочуван во светата православна Црква. И денеска во сите наши храмови, кога се служи света Божествена Литургија се богослужи на антиминси во кои се поставува честица од свети мошти.


Кога гонењата од првите три века престанале, во Црквата се намалила ревноста. Затоа се појавило движењето на ревносните христијани, односно се јавило монаштвото како доброволно сораспнување со Христа. Откажувањето од светот и од сите негови почести и богатства, семејство и сите животни задоволства, има за цел да го засили подвигот. Овие луѓе биле раководени од Христовиот совет: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!" (Мт. 19, 21). Барајќи го совршенството, доблесните воини Христови се облекуваат во ангелскиот монашки образ, се оддалечуваат од светот заради општење со Господа и пребиваат во пост, молитва и невидлива борба со страстите и силите на ѓаволот. Така, овие луѓе ја постигнуваат височината на богопознанието и Божјата љубов.


Но, во ликот на светиите се наоѓа и црковната ерархија: патријарсите, архиепископите, епископите, свештениците, ѓаконите и верниците, кои живееле според црковното предание и согласно со учењето на Црквата. Со своите чесни животи, исполнети со добродетели, тие се удостоиле да го прослават името Божјо. Преку тоа и самите се удостоиле да го сочинат небесниот хор на светии, кои постојано го слават името на Света Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!


Недела на Сите светии
Манастир „Си свети", Лешани, Дебарца
19.06.2022 год.

 

sisveti2022 1sisveti2022 2sisveti2022 3sisveti2022 4sisveti2022 5sisveti2022 6sisveti2022 7sisveti2022 8sisveti2022 9sisveti2022 10sisveti2022 11sisveti2022 12sisveti2022 13sisveti2022 14sisveti2022 15sisveti2022 16 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3