„Како помошник на јерархот Климента, божествениот Наум дојде меѓу народот македонски, и го просвети со светлината на проповедањето. Затоа сега со него се прославува“ (песна од канонот на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).

 

Нашиот преподобен Наум, нашиот заштитник кој бдее над водите од прекрасното Охридско Езеро, и оваа година беше прославен со најторжествени песнопенија и поклоненија, принесени од неизбројниот верен народ, кој дојде од сите страни во Светинаумовиот манастир за да му се поклони на Чудотворецот, чии чудеса и денеска немаат број. Празнувањето на нашиот молитвеник Наум започна на 02.07.2022 година, со Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Александар Димоски, еромонасите Ефросиниј и Анатолиј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. 

Торжествата продолжија утредента, на 03 јули, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Александар Димоски, еромонасите Ефросиниј и Анатолиј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто ќе ви ја пренесеме во посебно поглавје. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

И ова лето сме собрани во овој свет манастир за со молитви и песни да го прославиме свети Наум Охридски. Вечерва ќе се обидам да кажам неколку збора со надеж и уверување дека така ќе бидеме поблиску едни до други, а и до свети Наум. За свети Наум е кажано и напишано толку многу, што, ако се соберат сите напишани работи може да се наполни цела библиотека. Природно се поставува прашањето: Што уште може да се каже за него денеска? Во Светото Писмо се вели: „Не пишувам за да го пофалам, зашто пофалбата на праведникот е од Господа". Еден писател на житијата, вели: „Пишувам заради себе и за другите". Така и јас денеска ќе се обидам да кажам некој збор и за себе, но и за вас.

Во долговековната историја се случувало многу луѓе да зборуваат и пишуваат за свети Наум. Некои го нагласувале и подвлекувале неговото значење во просветата, културата, аграрот и во други области со кои се занимавал. Се разбира дека овие дејности не се за потценување. Но, најчесто била запоставувана главната особеност на овој Божји угодник. Тоа е дека тој е христијански светител. Од неговата светост произлегуваат сите останати работи кои се корисни и за Црквата и за народот.

Светителите, а така и свети Наум, најпрво се борат против сопствената падната природа. Светителот е победник на борбеното поле на своето срце. Не пролевајќи туѓа крв, туку пролевајќи ги своите солзи на покајание, тој суверено владее над себе. Со тоа, тој владее и со срцето на другите луѓе, без да им заповеда, туку служејќи на нивното добро и сведочејќи ја пред нив вечната Божја вистина. Така, свети Наум ги совладувал срцата на безбројните негови почитувачи низ вековите. Светителите подобро се познаваат себеси, отколку што другите луѓе се познаваат себе. Светителот добро знае дека не постои никаква причина човекот да биде горд и надуен. Затоа светителот е смирен и кроток. Колку повеќе духовно расте, толку неговата смиреност е поголема. Затоа може да се објаснат сите спротивности во животот на Божјите угодници.

Во времиња на морални и духовни кризи, луѓето најпрво боледуваат од самоувереност и гордост. Гордите луѓе Му пркосат и на Бога, но и на луѓето. Главна причина за тоа е нивната самодоволност и конфликтност. Во нашиот век во целиот свет, повеќе генерации се воспитуваат со уверување дека човечкиот ум е семоќен и неограничен. Брзиот напредок на науката и техниката уште повеќе ја потсилува оваа човечка гордост. Тоа доведе до масовно рушење на сите авторитети, почнувајќи од Отецот на небото до таткото на земјата и сѐ останато.

Помеѓу многуте причини заради кои денеска стоиме пред свети Наум, како пред голем застапник за нас пред Бога, е смиреноста и кроткоста на овој светител. Овие особености биле особено истакнати кај овој наш молитвеник и подвижник. Така, и ние кои пловиме во животното море, исполнето со искушенија и неизвесности, да се обратиме молитвено кон свети Наум со зборовите: спаси ги нашите души! Ние денеска дојдовме кај нашиот најголем молитвеник и светител. Тој е во редот на оние за кои се вели: „И ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни" (Откр. 22, 4). Свети Наум може да ни помогне бидејќи е светител, а светителите можат сѐ во Христа, кој ги крепи, како што вели апостолот Павле (Фил. 4, 13).

Нека на сите ни помогне свети Наум. Да ни даде благослов и сила. Да ги следиме неговите постапки и со нашиот живот и дела да Го прославиме нашиот Отец небесен. По молитвите на свети Наум, така нека биде! Амин!

Вечерна на Свети Наум Охридски

Манастир „Свети Наум Охридски", Охрид

02.07.2022 год.

 

prepnaumlet2022 1prepnaumlet2022 2prepnaumlet2022 3prepnaumlet2022 4prepnaumlet2022 5prepnaumlet2022 6prepnaumlet2022 7prepnaumlet2022 8prepnaumlet2022 9prepnaumlet2022 10prepnaumlet2022 11prepnaumlet2022 12prepnaumlet2022 13prepnaumlet2022 14prepnaumlet2022 15prepnaumlet2022 16prepnaumlet2022 17prepnaumlet2022 18prepnaumlet2022 19prepnaumlet2022 20prepnaumlet2022 21prepnaumlet2022 22

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јануар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 31 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1