Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј, произнесена на Литургијата по повод прославувањето на преподобниот Наум Охридски Чудотворец.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денешното Евангелие што го прочитавме на светата Литургија е дел од т.н. Беседа на гората. Оваа беседа е многу значајна, зашто во најкратки зборови ја содржи целата суштина на учењето Христово. Недалеку од Генисаретското езеро, помеѓу Капернаум и Тиверијада и денеска се наоѓа Гората на блаженствата од која Господ Исус Христос му проповедал на народот. Еврејскиот народ како избран род пред Бога, бил горд за оваа привилегија и не можел да се помири што е под римското ропство. Евреите го очекувале Месијата како ослободител од ропството. Сметале дека Тој ќе им ги покори сите народи за да господарат над сите луѓе. Со други зборови, очекувале световен владетел – цар Израилски. Во Исуса гледале таков цар. Очекувале секој момент Тој да се прогласи за цар и да ги прекрати сите нивни маки. Очекувале да настапи време на среќа и благосостојба за Израилскиот род.
Како одговор на овие нивни мисли и чувства, Господ им го открива Своето Евангелско учење за блаженствата со кое ги исекол во корен нивните заблуди. Овде Тој го кажува истото што му го кажал на Никодим: Потребно е духовно препородување за на земјата да се воспостави Божјото царство, односно оној Рај што го изгубиле прародителите. Тој e патот за луѓето да си приготват место и во вечното небесно царство. Прв чекор кон тоа е да се постане свесен за своето духовно сиромаштво, својата грешност и ништожност и човекот да се смири. Ете зошто се блажени сиромашните по дух и зошто нивно е царството небесно. Блажени се оние што ги гледаат своите гревови и се свесни дека тие им се пречка за влез во тоа царство. Тие плачат за нив за да не се помират со гревот и така да се уништат. Оние кои ги оплакуваат своите гревови доаѓаат до такво внатрешно спокојство што постануваат неспособни за гнев кон било кого. Така постануваат кротки и смирени. Кротките христијани навистина ја наследиле земјата со која претходно владееле незнабошците. Тие и во идниот живот ќе наследат нова земја која ќе се покаже по разрушувањето на овој пропадлив свет. Тие ќе бидат во земјата на живите согласно со Откровението (21, 1). Блажени се гладните и жедните за правда, односно оние што ја исполнуваат волјата Божја во сè, зашто тие ќе се наситат. Тие ќе ја достигнат праведноста и оправдувањето Божјо, кои даваат најискрен стремеж за живот според волјата Божја. Во оваа беседа уште се истакнуваат милосрдието и миротворството. Оние кои ќе ги творат овие дела ќе се наречат синови Божји. Тие што ќе ја достигнат таа висина, треба да бидат свесни дека овој гревовен свет лежи во зло (1 Јн. 5, 19). Затоа тие во овој свет, заради правдата Божја која ја носат, ќе бидат мразени и клеветени заради Господа Исуса Христа и Неговото божествено учење. Таквите, кои овде многу трпат заради Христа, ги очекува голема награда на небесата.
Божјите угодници се разликуваат од нас по својата праведност и предаденост на Господа Исуса Христа. Свети Наум Охридскиот Чудотворец чиј спомен денеска празнуваме бил голем проповедник на вистината Божја. Затоа претрпел големи прогонство во Моравија, па дури и во Плиска. Затоа бил испратен во овие најдалечни предели на тогашното царство. Но, поради неговиот исправен и свет живот, Бог го обдарил не само со способноста да го сее словото Божјо. Тој добил сила да прави бројни чуда со помош на Божјата благодат. Истовремено, успевал да се справи и со сите искушенија што животот му ги носи на секој жив човек. Свети Наум ја примил оваа Беседа на гората не само со својот ум туку и во личниот живот. Затоа не само за време на земниот живот туку и во вечноста ја примил Божјата благодат. Затоа и денес неговиот свет гроб непрестајно точи благодат за сите кои со вера, понизност и почит му се обраќаат за помош. Свети Наум не одбива ниеден што со вера му пристапува. Тој брза да помогне секому, водејќи го кон спасение. И ние да се обратиме со искрена молитва за тој да биде наш молитвеник и застапник пред Бога. Така и ние ќе успееме да ги пребродиме искушенијата и да останеме на патот Христов. Така ќе измолиме милост и благодат за спасение и вечен живот. Амин!
Свети Наум Охридски
Манастир „Свети Наум Охридски“, Охрид
03.07.2022 год.