„Сигурните и богогласни проповедници, врвот на апостолите Твои, Господи, си ги примил во наслада и покој на Твоите добра, бидејќи нивните страдања и смрт си ги примил подобро од секоја првина, Ти, Кој единствен знаеш да ги читаш срцата на луѓето“ (кондак на Утрена на св. ап. Петар и Павле).

 

На 12.07.2022 година, денот кога го прославуваме споменот на светите славни, сефални и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска ги прославуваме светите првоврховни апостоли Петар и Павле. Оваа прослава ни дава повод да размислиме за тоа што е апостолството и каква смисла има апостолското служење. Од историјата знаеме дека апостолството било востановено од Самиот наш Спасител Господ Исус Христос. Тој посакал да има најблиски ученици, кои би слушале сѐ што зборува и би гледале сѐ што прави. Овие ученици биле сведоци на многубројните Негови чуда и следбеници на Неговата мисија. Така, Господ благоизволил да ги испрати во светот за да го проповедаат Евангелието, нарекувајќи ги апостоли, однсоно посланици. Тие биле сведоци на делата Христови до крајот на Неговиот живот на земјата. Тие ги гледале страдањето, распнувањето и смртта, а биле сведоци и на воскресението. Преку нивното сведоштво, Евангелието се проповедало по сите страни на светот и на целиот човечки род.


Центар на тоа сведоштво е веста дека Исус Христос се родил во Витлеем. Исус наречен Назареец не е само голем проповедник и пророк, туку Тој е Син Божји и Спасител на светот. Тој е ветениот Месија, Кого Го очекувале уште првите луѓе откако згрешиле во Рајот. Тоа најголемо сведоштво се спроведува со многу важни духовни и интелектуални идеали. Тоа им помага на луѓето подобро да разберат што е Господ Исус Христос и кое е Неговото дело меѓу човечкиот род. Христос е највозвишена личност и затоа се наоѓа на таква божествена висина. Апостолите кои Го следеле имале најголема можност да се уверат во Неговата божественост и да видат дека Тој е Синот Божји и Спасителот на светот. На тие основи и на таа духовна и морална поука се создала и нова цивилизација. На христијанската основа се создала најмоќната и најнапредната човечка цивилизација. Основа на таа култура е христијанскиот морален идеал. Знаеме дека многу поколенија се стремеле да го достигнат тој духовен идеал во својот личен, но и општествен живот. Нешто од Христовата порака било полесно примано, а нешто потешко. Но, христијанството како идеал кој ги изедначува луѓето без разлика на пол и нација, во тоа време било вистинска револуција. Затоа апостолите со нивната проповед не секогаш биле правилно разбирани и прифаќани. Не треба да заборавиме дека во тоа време постоел многубожечки свет. Но, желбата за потрага по вистинскиот Бог никогаш не престанала кај луѓето. Примајќи ги, пак, Евангелските начела, луѓето низ многуте поколенија создавале своја култура. Токму на таа христијанска култура е создадена и нашата македонска култура. Тоа се случило преку градбата на прекрасни цркви и манастири, создавањето на писмо и сите други достигнувања во сите животни сфери кои се длабоко испреплетени со христијанската култура.


Светите апостоли Петар и Павле го проповедале Евангелието кај сите народи. Апостолот Петар повеќе се задржувал кај Еврејскиот народ, зашто тој му бил поблизок по менталитетот и сфаќањата. Апостолот, пак, Павле, повеќе проповедал меѓу незнабошците. Тој е и првиот проповедник во Македонската земја. Тој го проповедал словото Божјо, во Солун, Филипи, Верија и во други места од денешна Егејска Македонија.


Да се обратиме со искрена молитва кон светите апостоли Петар и Павле за тие да ја засилат нашата православна вера. Да не утврдат во верата во вистинскиот Троичен Бог. Светите апостоли со своите молитви да бидат наши застапници пред престолот Божји. Така и ние ќе ја примиме вистинската вера и ќе живееме според нејзините начела. Да го избереме Христовиот пат. Да одиме по него непоколебливо и да вршиме добри дела. Така ќе Го прославиме Бога. Како што вели Евангелието: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!" (Мт. 5, 16). Амин!

 

Свети Петар и Павле - Петровден
Храм „Свети Петар и Павле", Кичево
12.07.2022 год.

 

petrovden2022 1petrovden2022 2petrovden2022 3petrovden2022 4petrovden2022 5petrovden2022 6petrovden2022 7petrovden2022 8petrovden2022 9petrovden2022 10petrovden2022 11petrovden2022 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3