„Хорот на светите се радува во вековите, зашто го наследија Царството Небесно; земјата, откако ги прими нивните мошти, изпушта блага миризба; откако се вселија во вечниот живот, станаа слуги Христови“ (хвалитна стихира на Утрена на св. бесребреници Козма и Дамјан).
.На 14.07.2022 година, кога го славиме споменот на светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан, Римските маченици, во храмот „Св. Козма и Дамјан“ („Св. Врачи“) во Пештани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Ристе Ристевски, свештеникот Атанас Казанџиски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денеска ги прославуваме светите бесребреници Козма и Дамјан. Целиот нивен живот бил работа за да го најдат патот кон царството небесно. На овој пат се повикани сите христијани. Овој пат се состои во носење на својот крст, а не во почести, слава и угодување на телесните страсти. Христијаните ги имаат сите тие почести, слава, богатства, радост и сладост внатре во себе, а не надворешно. Овие богатства се духовни, а не телесни. Да размислиме што ни зборува вечната вистина, односно Господ Исус Христос, кога вели: „Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина го наоѓаат" (Мт. 7, 13-14). Гледаме каков е безопасниот пат. Овој пат е тесен и стрмен, но види кон вистинската татковина – кон царството небесно.
За да се удостоиме за небесното царство треба да Го следиме Христа. Ако некој човек живеел како затвореник и таму бил подложен на различни измачување од оној кој бил затворен, не очекувал ништо друго, освен да се разболи или да биде убиен. Но, доколку дојдел некој добар и силен човек и му речел: Ете те ослободувам од ропството и од сите непријатности и ќе те одведам во твојата татковина, само ти врви по мене – тогаш колкава радост би почувствувал бедниот затвореник и без да размислува би тргнал по својот милостив ослободител.
Христос е Божји Син. Тој е семилостив и преблаг. Тој дошол од небото при нас како при затвореници. Тој беше испратен од Својот небесен Отец. Затоа и ни вели: „Јас Сум патот, вистината и животот. Никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене" (Јн. 10, 6). Ако сакаме да дојдеме до тоа вечно блаженство и да го наследиме небесното царство, тогаш треба да ги следиме Христовите зборови: Врвете по Мене и Јас ќе ве одведам таму. „Ако некој сака да врви по Мене, нека се откаже од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи" (Мт. 16, 24). Господ Исус Христос исто така предупредува: „Кој сака татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене" (Мт. 10, 37). Овие зборови на Спасителот не ги разбираат сите. Што од нас бара Христос? Да се откажеме ли од родителите, роднините и блиските? Дефинитивно не! Повикот Божји не значи губење на човечкото чувство кон родителите, децата и ближните. Тоа значи нешто друго. Самиот Господ Исус Христос ни заповеда искрена љубов кон сите. Тоа е дар Божји, Сите ние паметиме дека Господ вели: „Љуби го ближниот како себеси" (Мт. 22, 39). Но, што значат зборовите кои денеска ги слушнавме од Евангелието? Господ дошол во светот тогаш кога во срцето на луѓето немало место за љубов. Душите на луѓето биле исполнети со завист, злоба и рамнодушност. Спасителот повторно ја враќа љубовта во луѓето. Тој ги прави луѓето чисти и свети, исполнувајќи ги со добри чувства и дела. Самиот Господ Исус Христос пројавил таква возвишена љубов. Да се потсетиме како Христос се однесувал кон Своите апостоли, како плачел за Својот пријател Лазар, како се молел за Своите мачители. Да си спомнеме како Господ ги сакал сите подеднакво – и добрите и лошите и верните и заблудените.
Човечката љубов е света само тогаш кога се потпира на Бога – Спасителот на нашите души. Самата божествена љубов стои многу повисоко од сите човечки чувства. За да се сочува таа неискажлива љубов потребно е да се жртвува целото земно задоволство. Токму така ја разбирале Божјата љубов сите Божји угодници. Тие ја познале Божјата милост уште за време на земниот живот. Ја откриле целата сладост на неизмерната љубов кон Бога, па затоа за ништо од овој свет не сакале да го заменат тоа чувство. Ова богопознание се темели на љубовта, зашто Бог е љубов (1 Јн. 4, 8). Свети Ефрем Сирин вели: „Искрената мисла на човекот што Го сака Бога никогаш не е на земјата туку секогаш е на небото, каде што е и Оној што Го возљубил". Токму такви биле и светите бесребреници, кои Го возљубиле Бога со сето срце. Тие жртвувале сѐ во овој свет, правејќи им добро на луѓето и очекувајќи ја милоста Божја која била излеана во нив. Затоа тие можеле да лекуваат секакви болести. На овој начин се прославувал Севишниот и Семилостивиот Господ.
Да се обратиме со искрена молитва кон светите бесребреници. Со своите молитви да ја зацврстат нашата вера и да ја умножат љубовта во нас. Да ги сакаме луѓето како себеси и така да го исполниме законот Божји. По молитвите на свети Козма и Дамјан, така нека биде. Амин!
Свети врачи Козма и Дамјан
Храм „Свети врачи Козма и Дамјан" Пештани
14.07.2022 год.