„Власта на смртта повеќе не може да ги држи луѓето, зашто Христос слезе, ги скрши и ги разори нејзините сили. Адот е врзан, пророците се радуваат едногласно, говорејќи: Спасителот им се јави на оние кои останаа во верата: Излезете верни, и вие земете удел во воскресението“ (кондак глас 7, во Недела на утрена).
На 07.08.2022 година, во Осмата недела по Педесетница, и на празникот Успение на св. Ана и на св. Олимпијада и преп. Евпраксија, во храмот „Св. Климент Охридски“ во с. Климештани, општина Дебарца, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Ромео Петрески и Павел Крцоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Повод за овој наш собир беше и 100 годишниот јубилеј на храмот во Климештани, како и новонасликаните фрески, осветени пред самата Литургија, коишто уште повеќе го разубавија ова светилиште посветено на светиот Климент Охридски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска сме собрани во овој свет храм посветен на свети Климент Охридски, а по повод одбележување на 100 години од неговата изградба. Се наоѓаме во осмата недела по Педесетница. За време на Литургијата го слушнавме Евангелието кое зборува за многу важни работи во животот на христијаните, а тоа е храна за душата и телото. Поточно, слушнавме како Господ Исус Христос, избегнувајќи ја опасноста што претстоела од Ирода, по убивањето на свети Јован Крстител, со Своите ученици се повлекол од Ерусалим во пустина во близина на градот Витсаида, за да не предизвика неразумно страдање. Но, исто така Господ Христос сака да нè убеди дека примил вистинско тело човечко и не е привидение како што тврделе тогашните и некои денешни еретици. Ние православните христијани веруваме дека Христос имал вистинско тело со кое избегал уште како дете во Египет од детеубиецот Ирод, како што и сега избегал во пустина, а не во некој град. Сето тоа го направил за никој да не тргне по Него. Но, се случило спротивното. Тргнал многуброен народ со желба да го слуша слаткото учење со таква жар и занес, што дури заборавиле на храна и вода подолго време. Заради таа нивна ревност, Господ ги помилувал со тоа што ги излекувал болните, а народот со леб и риба ги нахранил. Кога апостолите Му кажале да го отпушти народот оти е веќе ноќ, за да отидат и да си купат храна, Тој им рекол: „дајте им да јадат". Апостолите одговориле дека лебот нема да стаса за сите, бидејќи имале само пет леба и две риби. Тогаш Господ направил големо чудо, благословувајќи ги петте леба. Тие се намножиле толку, што се нахраниле 5.000 мажи и останале 12 полни кошници. На крај, наредил сите да земат по една кошница за да не се каже дека тоа било привидение, туку со тоа да се покаже дека Тој е Создателот на земјата и водата, и Тој го храни целиот свет. Чудото го направил во пустина, за да не речат дека купиле леб и го донеле од некое село и така ги нахраниле луѓето.
Драги христијани, како што секој гладен брза кон лебот и секој жеден кон водата, така и секој вистински христијанин треба да брза кон Божјата Црква. Таму да го слуша Божјото слово. Божјото слово е небесен леб и жива вода за душата бидејќи ја храни и пои со небесна мудрост и бескрајна сладост. Таа радост ја вкусиле и луѓето кои ги оставиле работите и домовите и тргнале во пустина по Христа. Таму стоеле гладни три дена, само за да го слушаат Христовото учење и да си ја насладат душата. Господ Христос за нивното трпение и нивната љубов кон Словото Божјо ги наградил со тоа што ги исцелил сите болни од најразлични болести и ги нахранил со пет леба како што слушнавме од Евангелието.
Во денешното Евангелие слушнавме колку многу народ излегол од градови и села и тргнал по Христа, кога Тој отишол во пустината и тие биле нахранети од Него и телесно и духовно. Така и ние треба да излеземе од светските грижи и од секакви гревови, и постојано да брзаме во храмот Божји за да го слушаме словото Божјо. Тоа е ангелски лек кој ги закрепува душата и телото. Кога ќе нè види дека одиме кон Него, ќе не излекува и телесно и душевно и ќе ни даде изобилна благодат во овој и во идниот свет.
Свети апостол Павле во своето прво послание до Коринтјаните вели: „Божјиот храм е свет, а тоа сте вие" (1 Кор. 3, 17). И ние кои денеска се наоѓаме во овој свет храм, да се поучиме од овие зборови на апостолот Павле. Потребно е најпрво ние да постанеме храм Божји, па дури потоа Бог да се всели во храмот кој е изграден од нашите раце. Апостолот Павле исто така нè поучува велејќи: „Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог; ќе се вселам во нив и ќе одам по нив. Ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ" (2 Кор. 6, 16). Живеејќи според волјата Божја, луѓето постануваат храмови Божји. Носејќи Го Бога во своите души, тие Го внесуваат Бога и во храмовите создадени од нивните раце. Бог си создал дом во човековите срца, а луѓето ги создаваат храмовите за заеднички да Го слават Бога и така подлабоко и посилно да ја доживеат заедницата со Него.
Не е доволно што е подигнат овој свет храм. Народот Божји подигнувајќи го, на себе примил и обврска дека со својот благороден живот и наука, ќе го надградува во себе и својата душа духовниот храм во кој ќе престојува Бог. На тој начин, овој храм создаден со човечки раце ќе постане живеалиште Божјо, населба на Неговата слава и прибежиште на немоќните, пристаниште на носените од бура, место кое ги прогонува лошите духови и лечилиште на страстите. Прославувајќи го денеска овој 100 годишен јубилеј на сите верници од ова село, им го честитаме значајниот ден. Им посакуваме свети Климент и света Ана, мајката на Богородица да бидат застапници пред севишниот Бог, па секоја христијанска душа која ќе влезе во овој свет храм и ќе побара помош, да добие благодат Божја. Да одиме по патот Христов, да го слушаме словото Божјо, да правиме добри дела и да го прославуваме името Божјо. Преку тоа ќе добие вечен и блажен живот сега и во сета вечност. Амин.
Успение на света Ана
Храм „Свети Климент Охридски", с. Климештани
07.09.2022 г.