„Откако со подвиг го исцрпи телото, потоа го зацврсти твоето тело за борбата, сјајна девице и мечанице Христова, во очите на сите тие се покажа како меч искован од неботом, како злато испробано во печката на маките“ (хвалитна стихира на Утрена на св. преподобномаченица Параскева).
На 08.08.2022 година, денот кога го прославуваме споменот на св. свештеномаченик Ермолај и на св. преподобномаченица Параскева - Петка, во храмот „Св. Петка“ во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Наум Деспотоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Семилостивиот Бог за Своето дело на земјата ги избрал слабите, незначајните и неуките, зашто силните, богатите значајните и учените ги извршуваат човечките дела, а божествените ги забораваат. Затоа и старозаветните пророци немилосрдно ги изобличуваат таквите. Затоа и свети Јован Крстител ги изговорил толку силните зборови, не плашејќи се да го прекори дури и царот Ирод за неговата прељуба. Исто така и Господ Исус Христос им предлагал духовно покајание на книжниците и фарисеите, на богатите и на силните. Но, тие повеќе си верувале на себе отколку на Бога. Повеќе се надевале на сопствените сили и можности, отколку на силата Божја.
За Своето дело, Бог ги избрал бедните и слабите, зашто за тоа се потребни луѓе кои ја знаат својата човечка слабост и не се надеваат на своите сили. Тие се надеваат на Бога и на Неговата сила. Царството Божјо го наследуваат оние кои молат Божјото величие да се всели во нивните души за и тие самите да бидат пресоздадени и така да постанат создатели на нов живот. Богатите тешко можат да влезат во царството Божјо поради својата приврзаност за земните богатства. Тие не можат да се откажат од таа приврзаност и од богатството. За нив дверите на Божјото царство се тесни. Затоа и Господ Исус Христос вели: „Богатите тешко ќе влезат во царството Божјо" (Мк. 10, 23, 25).
Значајните луѓе веќе имаат почести и слава на земјата. Ним не им е потребно царството небесно. Тие дури и не разбираат какво е тоа царство наменето за сите луѓе. Тие бараат значење, слава и земни почести за себе, зашто себеси се сметаат за најугледен дел од општеството. Значајните беа меѓу оние кои не влегуваа во царството небесно, а им пречеа и на другите да влезат во него. Од историјата знаеме дека нашиот Спасител Господ Исус Христос беше гонет, зашто сакаше ширум да ги отвори вратите на царството Божјо за сите кои ја бараат Неговата милост и сакаат да влезат во него. Тие кои пречеа за изградба на Христовото дело и градењето на царството Божјо беа токму значајните – учителите и закониците. Тие беа и најголемите Христови гонители. Господ Исус Христос вели: „Не ја барам Својата слава и слава од луѓе не примам" (Јн. 8, 50 и 5, 41), зашто Тој беше испратен од Бога. Затоа Исус ги побара незначајните – оние кои не бараа човечка слава, туку сакаа да го прослават Божјото име со дела на верата.
Господ Исус Христос го започнал Своето учење со проповедта за покајание како услов за влез во царството небесно. Тој гледал дека вратите на тоа царство се затворени за непокајаните срца и дека книжниците и фарисеите со сила ги затвораат пред жедните за спасение. Книжниците и фарисеите беа значајните и учените, зашто тие ги познаваа Законот, словото Божјо и историјата на својот народ. Но, нивните срца беа оддалечени од Бога. Исус Христос ги изобличи и со тоа го расчисти патот кон царството Божјо за сите жедни за спасение. Тој ги избра Своите најблиски ученици од бедните и незначајните. Сето тоа го знаеме од Светото писмо. Апостол Павле вели дека Бог ги избра слабите во овој свет за да ги посрами силните (1 Кор. 1, 27).
Но, за чудо, слабите постанаа невообичаено силни и така го преобразија целиот свет во сопствените срца. Бедните, за чудо, исповедаат дека во Христа станале многу богати, зашто го добиле највредното богатство на Божјата мудрост. И незначајните постанаа познати за целата вселена до нашево време. Но, покрај бедните, Бог го избра и апостолот Лука, кој бил уметник и бил почитуван во своето време. Но, тој не дал големо значење на својата ученост, туку дал вредност на можноста да се излее во човековото срце Божјата сила, која ја прави човековата душа најпрекрасна творба. Такви беа и сите светии кои Бог ги издигна во Својата света Црква.
Денеска светата Црква прославува една света и праведна душа, која Му угодила на Бога. Тоа е светата маченица Параскева Римјанка. Оваа света душа живеела во Рим во првите векови од христијанството. Тоа е период кога христијаните најсвирепо се убивани заради верата во Христа. Света Параскева уште како мала Го засакала Христа, го зела својот крст и тргнала по Христа. Кога било најстрого забрането да се проповеда верата во Христа, таа тоа го правела без страв и постигнала голем успех во Рим. Поради тоа била подложена на жестоки маки и страдања. Но, Бог ја обдарил со чудотворство уште овде на земјава. Така, на мачителот, кој бил ослепен, му го вратила видот со својата молитва. Но, на крајот на II век, таа била маченички убиена во Рим. По нејзиното упокојување, таа прави уште повеќе чуда и исцеленија над сите кои ѝ се обраќаат со вера.
И ние да се обратиме кон неа. Таа да биде наша молитвеница пред престолот Божји. Таа да ни ја засили верата и умножи љубовта за да одиме по вистинскиот Христов пат. Да правиме добри дела на милосрдие и да го наследиме царството небесно, сега и во сета вечност. Амин!
Света Петка Римјанка,
Параклис „Света Петка"
Манастир „Свети Наум Охридски"
08.08.2022 г.