„Согласно со пофалби да го почитуваме светиот спомен на оној кој ги напои сите со книжевни збоерови и сиот свет го осветли со духовни зраци. Затоа, собран достојно го славиме, достојно ние верните го воспеваме твоето свето успение, славен Клименте! Моли Го Христа Бога да ни подаде прошка на гревовите нам кои со љубов те почитуваме“ (седален на Утрена на св. Климент Охридски).
Споменот на светиот Климент Охридскиот Чудотворец, на оној кој Охрид и Македонија, и сиот свет ги напои со духовните зраци на Божјото слово, како и на св. вмч. Пантелејмон и на светитењ Седмочисленици, и оваа година беше торжестено прославен во градот Охрид, во Светиклиментовиот манастир на Плаошник. Торжествувањето на нашиот просветител и патрон започна ден порано, на 08.08.2022 година, кога во вечерните часови беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески, Роберт Илијевски, Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. Подоцна беше отслужен и акатист на светиот Климент Охридски.
Празнувањето на светиите продолжи во Светиклиментовиот манастир на 09.08.2022 година, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на Митрополитите Тимотеј и Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов, Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Александар Матески, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Петар се обрати кон верниот народ со пригодно слово, во кое ја истакна важноста на светиот Климент Охридскиот Чудотворец за сиот македонски и словенски род. Во продолжение ви ја пренесуавем беседата од Митрополитот Тимотеј, изговорена на Вечерната богослужба.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Пред секој почеток на светата Литургија кога служи архиереј, ѓаконите со дикири и трикири пред иконостасот ги изговараат Евангелските зборови: „Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата" (Мт. 5, 16). Светлоста и темнината се спротивставени една на друга, слично како доброто и злото, радоста и тагата, среќата и несреќата, слободата и ропството, љубовта и омразата и вистината и лагата. Во свештената историја Бог често пати се нарекува Татко на светлината, а сатаната – татко на темнината.
Спасителот дошол во овој свет за да го разбие мракот на злото и да ја растера темнината на гревот. Тој дошол за да им свети во темнината и да ги осветли, гревовите, пороците и невистините човечки. Тој дошол како вистинска светлина која го осветлува секој човек што доаѓа на светот (Јн. 1, 9). Тој направил сѐ што е потребно за луѓето да се осветлат од Неговата светлина, да се препородат и да се ослободат од злото и гревот. Со таа светлина Тој ги изгорува со небесен оган сите лошотии во срцата и душите на луѓето. Преку таа светлина човекот започнува и самиот да свети. Почнува да грее во светот со своето однесување и со својот пример. Луѓето се прави христијани само тогаш кога со својот живот и карактер светат меѓу луѓето. Не е доволно човек само формално да припаѓа на Христовата Црква. Не е доволно само да биде крстен и одвреме-навреме да оди во црква, да празнува празници и да слави слава и да се нарекува христијанин. Потребно е со својата светлина да засветли меѓу луѓето. Да засветли со Христовата вистина и со Евангелската проповед и правда. Со еден збор, потребно е човекот да живее со Христова нарав и да се раководи според начелата на Неговото Евангелие. Потребно е луѓето да чувствуваат дека се деца Божји. Затоа и апостолот советува: Живејте како деца на светлината, а плод на светлината е секоја доброта, правда и вистина (Ефес. 5, 8-9).
Нашево време изобилува со различни проблеми. Но, една појава е многу карактеристична кај помладата генерација. Тоа е неработливоста. Тоа е причина за многу наши непријатности, за кои како верни луѓе и православни христијани треба да помогнеме. Затоа вистинскиот христијанин е должен да засветли со своите дела на секој чекор. Секоја работа е благословена, зашто нема неубава работа. Од ден на ден на сите ни е сѐ појасно колку опаѓа стандардот на духовниот и моралниот живот во современиот свет. Поединците тешко се спротивставуваат на негативните влијанија во овој свет. Но, христијаните треба да бидат борбени и отпорни и да бидат самостојни, без да се оддаваат на лошите влијанија. Во Светото писмо се вели: Да бидете беспрекорни, чисти и непорочни деца Божји во опакиот род во кој светите како ѕвезди во светот (Фил. 2, 15). За да го постигне тоа, потребно е христијанинот да биде свесен за својата мисија и со своите добри дела да свети меѓу луѓето.
Премудриот Соломон вели: „Душата човечка е свеќа Господова" (Мудр. 2, 27). Ние често палиме свеќи при богослужението во храмовите, во нашите домови и на гробиштата. Ова има повеќеструко значење. Помеѓу другото, светлината од тие свеќи нѐ потсетува дека и самите треба да светиме во светот зашто нашите души се свеќи Господови. Овие свеќи се палат од Христовата светлост. Изложувајќи се себеси на Неговата светлина, Неговиот живот, Неговите зборови и Неговите свети тајни, свеќите во човековите души почнуваат да горат. Нив не можат да ги угасат и сите демонски сили. Како што зраците од сонцето во природата греат и осветлуваат сѐ што постои, така и Христовата светлина ги грее човековите души. И свети Климент да засветли во нашите срца и души. Никогаш во нас да не гасне духовната свеќа која потврдува дека сме вистински христијани, а не само по форма. Амин!
Вечерна на свети Климент Охридски,
Плаошки манастир „Свети Климент и Пантелејмон"
08.08.2022 г.