На 25 август 2022 година, на редовното заседание на Свештениот Синод на Руската православна црква, било проследено Соопштението на Светејшиот Патријарх Московски и на цела Русија Кирил, за доделувањето на автокефалност од Српската православна црква на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Синодот заблагодарил на Господа Бога за разрешувањето врз канонски основи на прашањето за статусот на православната Црква во Северна Македонија. И донел Одлука дека ја признава Македонската православна црква – Охридска архиепископија за автокефална Црква-Сестра, и го впишува името на нејзиниот Претстојател Блаженејшиот Архиепископ Охридски и Македонски Стефан во свештените диптиси. Членовите на Синодот изразиле надеж дека најмладата во семејството на автокефални православни Цркви, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, цврсто ќе ја чува во чистота и непорочност светата православна вера и ќе ја пази верноста на православната канонска традиција. Синодот решил и да се известат Неговата Светост Патријарх Српски Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан за одлуката на Светиот синод.