„Твоето успение го слават властите и престолите, началата и господствата, силите и херувимите и страшните серафими. Радувајте се, родени наземјата! Красејќи се со твојата божествена слава, царевите, со арахангелите и со ангелите, ти се поклонуваат и те воспеваат: Радувај се, благодатна, со тебе е Господ, Кој на светот му дава милост голема“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Успение на Пресвета Богородица).

 

На 27.08.2022 година, во вечерните часови, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, започна прославувањето на великиот празник на Успението на Мајката Божја. Имено, во навечерието на овој голем празик, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. По Вечерната богослужба, беше свечено отслужено и Опелото на Мајката Божја, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Вечерва прославуваме еден од Богородичните празници. Поточно го прославуваме Успението на Пресвета Дева Марија, мајката на Господа Исуса Христа. Уште во Стариот Завет светиот пророк и цар Давид го претскажал нејзиното прославување со зборовите: „Царицата стои покрај Тебе оддесно во облека украсена и со злато проткаена" (Пс. 44, 9). Гледајќи го овој празник, а особено гледајќи го одарот на кој лежи Богородица, се потсетуваме на заминувањето од овој свет или како што вели народот, на смртта. Затоа и апостолите од целиот свет, каде го проповедале Евангелието, се собрале за да ја испратат Мајката Божја. Ние не треба премногу да се задржуваме на значењето на смртта, зашто таа е последица на гревот на нашите прародители Адам и Ева. Света Богородица во сѐ имала натчовечка природа и покрај тоа што денеска се јавува како човек. Но, и во успението, се пројавува предноста на божествената благодат која сенепорочната Марија ја покажала во поинаква димензија. Таа зачнала безсемено. Кога родила, Роденото од неа е нетлено. Исто така, и кога починала, во нејзиното успение се покажала бесмртна. Нејзината смрт не е обична смрт туку е сладок сон во кој сечистата Владичица сакала да го започне својот пат кон непропадливоста. Таа поитала кон чудесниот порив на божествената љубов кон која се стремела целиот живот за поскоро да пристигне кај својот возљубен Син. Таа го оставила за некое време својот сопатник – телото. Како што ни е познато, таа на херувимски поли го поминала патот и прославено се искачила на небото.


Да го погледнеме гробот во Гетсиманија и ќе видиме дека е празен. Гробот не можел да ја смести мајката на Животот, Живеалиштето на воплотеното Божество, обиталиштето подобно на престолот на Божјата слава. Мајката Божја претстои од десната страна на Бога Царот и седи како Царица на небото и на земјата. Седи на престол што ги надминува сите величија. Царицата на сите верни е прославува по Бога од сите верни и од целата Црква. Нејзе верниците ѝ се молат за исцеление и помош во секакви маки и неволји. Бараат милост од изворот на милоста. Сите што просат и молат, од неа го добиваат она што им е потребно. Таа е море на благодатни дарови и неисцрпен извор на благодатта кој не пресушува. Таа е Царица небесна. Неа ја почитуваат сите бестелесни чинови. Ангелите – како совршено огледало на чистота; архангелите – како многуценет ковчег и сила на верните; властите – како семоќна држава на верните; силите – како несовладлива стена на Црквата; началствата – како почеток на светското избавување; господствата – како повисока госпоѓа од сѐ; престолите – како одушевен престол на Царот на славата; херувимите – како богомудра тајноводителка кон повисоко водење; серафимите – како неизгаслив светилник на Божјата чиста љубов. Царицата ја поздравува и самото Трисвето Началство: Светиот Дух – како невеста неневесна; Синот и Словото како неискусобрачна мајка; Отецот – како возљубена девојка.


Така светата Црква ја воспева Богородица. Нејзе ѝ пее и земната и небесната Црква. Црквата ја воспева, зашто таа не сите молби и прозби одговара мајчински и се застапува за помош на секоја душа која со вера ѝ се обраќа. Нејзината мајчинска љубов можеме да ја разбереме и од еден пример што го раскажуваат повеќе црковни проповедници и учители: Еден млад човек и голем ревнител на Црквата и почитувач на Мајката Божја постојано ѝ се молел. Тој имал повеќе виденија и откровенија, поради својата чистота и праведен живот. Така, како продуховен, почувствувал потреба да ѝ се обрати на Мајката Божја со молитва и прозба и да ја види во рајската слава. Му било кажано дека доколку се удостои со таква слава и такво видение ќе може да го изгуби видот. Но, тој бил упорен и кажал дека е подготвен да остане и без вид, само ако ја види Богородица во небесната слава. Богородица ја исполнила неговата молба. Кога ја видел во целата нејзина слава, од блесокот го изгубил видот на едното око. Младиот човек не жалел за тоа, туку повторно се молел ако треба да го изгуби видот и на другото око, само уште еднаш да ја види Царицата небесна во нејзината небесна слава. Поради неговата молба и верност кон неа, Богородица му се јавила и по втор пат во нејзината небесна слава. Но, наместо блесокот да му го земе видот, по молитвите на Богородица, му бил вратен видот и на окото на кое ослепел. Тој целиот облеан во солзи неизмерно благодарел за големата чест која ја добил – да ја види царицата небесна оддесно на Бога.


Па и ние кои вечерва ја прославуваме Мајката Божја, да се обратиме со искрена молба кон неа. И нам да ни испрати по еден зрак од нејзината светлина, да ни го просветли умот и да ни ја утврди верата. Да одиме по Христовиот пат и да најдеме милост и пред Богородица и пред нејзиниот Син за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. По молитвите на Богородица, така нека биде. Амин!

Успение на Богородица,
Храм „Пресвета Богородица Каменско", Охрид
27.08.2022 г.

 

UspenBogvec2022 1UspenBogvec2022 2UspenBogvec2022 3UspenBogvec2022 4UspenBogvec2022 5UspenBogvec2022 6

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јануар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 31 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1