„Преку молитвените бдеења си примил сила против непријателот, отче Јоакиме, а со своето трпение си се искачил на небесата. Кога го остави распадливиот земен живот, се пресели во нераспадливоста. Затоа те прославуваме“ (кондак на Утрена на преп. Јоаким Осоговски).
На 29.08.2022 година, денот кога правиме спомен на празникот на Неракотворниот образ на Господ Исус Христос и на преподобниот Јоаким Осоговски, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Роберт Илијевски, еромонахот Никодим и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска прославуваме еден од големите подвижници во нашата света Црква. Тоа е преподобниот Јоаким Осоговски. Во црковната химнографија има повеќе песни кои го искажуваат значењето на одреден празник. Но, најпозната песна која во најкратки црти го искажува значењето на некој празник е тропарот. Во тропарот на свети Јоаким Осоговски, покрај другото се вели: „Пустински жител и телесен ангел си се покажал". Овие две карактеристики на овој Божји угодник ни кажуваат дека тој бил голем подвижник во Осоговската планина. Неговата пештера и денеска се наоѓа во селото Градец, кај Крива Паланка. Таа до денес сведочи за овој угодник Божји и покажува дека тој бил вистински жител на пустината. Самата пустина, пак, ни зборува за тоа какви земни благодети му биле на располагање. Со други зборови, тој се хранел со тоа што можел да го најде во непосредна близина. Живеел во постојан подвиг, молитва и пост, истоштувајќи го своето тело и уподобувајќи се со својот живот на ангелите. Така постанал ангел во тело. Тоа зборува дека бил хранет и чуван не како човек со земна храна. Негова главна храна била Божјата благодат. Секако, ние како луѓе од овој свет, не можеме да ги разбереме сите тајни, зашто сме исполнети со страсти и слабости. Затоа не сме способни до крај да ги разбереме овие духовни и возвишени нешта.
При крајот на својот живот, свети Јоаким Осоговски отишол во друг дел од планината и таму се подвизувал во текот на последните денови од неговиот живот на земјата. Од таму се преселил во небесниот свет. Подоцна, на неговиот гроб почнале да се случуваат многубројни чуда, кои се случуваат и денес. На ова место е подигнат и манастир во негова чест, во непосредна близина на Крива Паланка. Свети Јоаким Осоговски потекнувал од Светиниколскиот крај, а според некои, негови браќа биле свети Прохор Пчински и свети Гаврил Лесновски. Но, тројцата се подвизувале на три различни места. И доколку не се телесни браќа, тие секако се духовни браќа кои во исто време се подвизувале и засветлиле во нашата земја каде го проповедале и сееле словото Божјо. Заради нивните подвизи, Бог ги обдарил со Својата благодат. Затоа, им помагале на луѓето, не само додека биле во тело, туку многу повеќе сега, откако се преселиле на небото. Тие помагаат на сите кои со искрена вера ја бараат нивната заштита и помош.
И ние кои денеска сме собрани во овој свет храм, да се обратиме со молитва кон свети Јоаким Осоговски. Тој да нѐ заштити и да ја утврди нашата православна вера. Да нѐ просветли и осветли за да одиме по вистинскиот пат. Така, вршејќи добри дела да го прославиме вистинскиот Бог, сега и во сета вечност. Амин!
Свети Јоаким Осоговски,
Плаошки манастир „Свети Климент и Пантелејмон", Охрид
29.08.2022 г.