„Овој ден е Господов, радувајте се луѓе, зашто, ете, палата на Светлината, и книга на Словото на животот, од утробата произлезе и, вратата која е на исток, откако се роди, го чека влегувањето на Големиот светител; единствената која Го воведува Христа во вселената, заради спасение на душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Рождество на Пресвета Богородица).

 

Радувајте се луѓе, зашто денеска Бог на земјата свет престол си подготви, Пресветата Мајка Божја, од која телесно се роди нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Денеска со Адама и Ева, со сите старозаветни патријарси, пророци и праведници, и ние се радуваме на почетокот на спасението на човековиот род. Затоа и торжествено постојано ја прославуваме Мајката Божја, која и никогаш не престанува да се моли за нас пред Престолот на нејзиниот Син. Празнувањето на празникот Рождество на Пресвета Богородица започна на 20. 09.2022 година, во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Македонски Брод, каде беше отслужен Акатист на Пресвета Богородица, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Саше Костадиноски и Зоран Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

 

Во Вечерните часови, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречсита“ во Кичево, беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Темелко, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески, Љупчо Бакрачески, Александар Крстаноски и Павел Крцоски, еромонахот Еразмо, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба и осветувањето на петтолебието, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска го прославуваме празникот Рождество на Пресвета Богородица. Овој настан не е опишан во Евангелието. За овој настан нам ни е познато од светото предание на Црквата. Преданието ни раскажува за чудото кое се случило над знаменитите и благочестиви луѓе Јоаким и Ана. Овие луѓе доживеале длабока старост, но не добиле пород. Таа бездетност не била само внатрешна болка и горчина во нивното семејство. Во тоа време, помеѓу јудејскиот народ се сметало дека луѓето што немаат пород се заборавени од Бога. Бездетноста се сметала за плод на некој грев и казна од Бога. Јоаким и Ана, кои веќе биле стари, цело време го носеле на себе презирот од другите луѓе. Тие ги обвинувале, ожалостувале и прекорувале за нивната бездетност и ги третирале како грешни луѓе. Но, Јоаким и Ана всушност биле свети луѓе. Тие биле длабоко смирени, многутрпеливи и со силна вера во Бога. Сиот свој живот го поминале благочестиво и немало зошто себеси да се прекоруваат. Совеста им била чиста и пред Бога и пред луѓето. Но, тие смирено го поднесувале ова човечко понижување. Тоа понекогаш го слушале зад грб, а некогаш и в лице. Еднаш, кога Јоаким сакал да принесе жртва на Бога во Ерусалимскиот храм, бил пресретнат од свештеникот кој не ја примил неговата жртва, туку му рекол: „Твојата жртва не Му е угодна на Бога. Вие сте грешни луѓе и вашата жртва нема да биде примена од Бога". Во таква, состојба кога човек не е сакан од луѓето и е обвинуван и тоа во храмот Божји, природно е да е ожалостен. Но, наоѓајќи се во ваква ситуација Јоаким не роптал на Бога, туку се молел за милост од Бога и утеха. Јоаким и Ана и претходно не ја прекинувале својата молитва и усрдно барале да добијат дете. Постојано се надевале дека молитвата ќе им биде услишена. Дури во длабоката старост, тие не престанале да се надеваат и да се молат. Гледано од човечки аспект, тоа изгледало како бесмислица. При таква човечка старост тоа не можело да се случи. По човечка логика молитвата била залудна и биле изгубени сите надежи. Но, Јоаким и Ана, со своите молитви и надеж во Бога покажале дека имаат силна и непоколеблива вера. Затоа Господ им испратил утеха и награда за нивните молитви, труд, силна вера и бесконечно трпение. Се случило чудо и тие добиле ќерка. Таа не е обична ќерка, туку Пресвета Богородица, која послужила на целото човештво и на секого од нас. Таа станала мајка на Господа – нашиот Спасител Исус Христос.


Еве какви чуда прави силната вера. Сите ние прашуваме што е тоа чудо. Кога во нашиот живот ќе се случи чудо? Каде се случуваат чуда? Зошто тие се случуваат? Чуда се случуваат само тогаш кога настапува подвигот во човечкиот живот. Чудото се случува секогаш кога човечката вера се среќава со Божјото милосрдие. Чудо е кога нашиот подвиг на верата ќе се сретне со љубовта Божја. За тоа ни сведочи примерот на светите Јоаким и Ана. Нивната силна вера, љубов, трпение и смирение Му дале можност на Господа да направи чудо. Само така се случуваат чуда – кога љубовта Божја ќе се сретне со верата на луѓето. Тоа е достапно и можно за секого од нас. Со својата вера ние ја добиваме Божјата љубов. Тогаш целиот наш живот станува Божјо чудо. По молитвите на света Богородица, Бог да ги услиши и нашите молитви. Амин!

 

Манастир „Пресвета Богородица Пречиста"
Кичево

Вечерна на Рождество на Пресвета Богородица

20.09.2022 г.

 

vecrpzpb2022 1vecrpzpb2022 2vecrpzpb2022 3vecrpzpb2022 4vecrpzpb2022 5vecrpzpb2022 6vecrpzpb2022 7vecrpzpb2022 8vecrpzpb2022 9vecrpzpb2022 10vecrpzpb2022 11vecrpzpb2022 12vecrpzpb2022 13vecrpzpb2022 14vecrpzpb2022 15

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3