„Денес Марија и Богородица, денес навистина ни засветли како облак на светлина и од праведните (родители) се раѓа за слава наша. Адам повеќе не се осудува, а Ева од оковите се ослободи. Поради тоа, со смелост ѝ се обраќаме на Единствената Пречиста, и викаме: Твоето раѓање ѝ навестува радост на целата вселена“ (седален на Утрена на Рождество на Пресвета Богородица).
Прославувањето на празникот на Рождеството на Мајката Божја, продолжи на 21.09.2022 година, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески, Љупчо Бакрачески, Александар Крстаноски и Павел Крцоски, еромонахот Еразмо, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Дали може човечкиот ум достојно да го одбележи ова торжество, со кое човековиот род се искупува од проклетата смрт и повторно се соединува со нашиот Отец небесен? Да се вратиме кон историјата на овој празник. Уште на старозаветните патријарси Бог им дал ветување дека во Израилскиот народ ќе се роди Месија – Спасителот на светот. Токму затоа, кај еврејскиот народ бездетството се сметало за голем грев, а таквите луѓе за тешки грешници, па затоа и биле презрени кај народот. Еврејскиот народ сметал дека ако едно семејство нема деца, тоа е проколнато од Бога и таквото семејство нема никаква врска со доаѓањето на Месијата во светот.
Од житието знаеме дека Јоаким во една прилика принесувал жртва во Ерусалимскиот храм, а првосвештеникот Иссахар не сакал да му ја принесе бидејќи бил бездетен. Јоаким посрамен и повреден, не се вратил дома, туку отишол кај своите пастири каде плачел и се молел и добил глас од ангел Господов: Јоакиме, Јоакиме, Бог ја услиша твојата молитва и благословува да ти даде благодат, и твојата жена Ана ќе зачне и ќе ти роди ќерка, која ќе биде радост на целиот свет!
Колкава сила има молитвата принесена со искрени усти и скрушено срце! Според зборовите на ангелот Господов, во Ерусалимскиот храм се сретнале Јоаким и Ана и си кажале еден на друг за таа радосна вест, дека ќе имаат ќерка и се израдувале и заблагодариле на Бога за таквата голема милост и се вратиле во нивниот дом.
Ние ја величаме Пречистата и велиме дека нејзиното раѓање го спасило целиот свет, затоа што тоа го предвестува спасението на човечкиот род. Што може да биде посилно и порадосно од тоа големо величање и јавување на луѓето од – спасението? Ако ние се најдеме пред некои големи искушенија и пред некои нерешени проблеми, ние се поливаме со солзи и роптаме на нашиот живот, на нашиот животен крст што Господ ни го дарувал, и се жалиме дека Он не нѐ слуша во нашите молитви и сл. Но, тука има нешто повозвишено, овде е радоста на целиот свет, затоа што од престарените родители Јоаким и Ана засветлува сонце на правдата, Пресветата Дева, која на светот му го навестува раѓањето на Витлеемскиот Месија, за Кого пророкувале пророците и останатите старозаветни праведници.
Ние гледаме колку зборувале пророците за раѓањето на Божјата Мајка: „Ете Дева ќе зачне и ќе роди син". Потоа, таа се нарекува „несекомаја гора" – гора која не е исечена, живоначален извор, манната која ги храни Израилците во пустината е нејзин праобраз, а има и многу други примери кои сведочат за раѓањето на Божјата Мајка. Денеска ние треба да размислиме колкава милост Бог покажува кон паднатиот човечки род. Но, Господ наш Исус Христос не можел да се роди од која и да е жена. Тоа особено го потенцира деветтата песна од вториот канон на денешниот празник, во кој се вели: „Се исполни пророштвото кое вели: повторно ќе ја издигнам паднатата скинија на свештениот Давид, која беше твој предобраз, Пречиста, зашто правот на сите луѓе преку тебе во тело Божјо се создаде".
Денеска со сета душа и срце да Му се помолиме на Бога на овој величествен празник, празник на милосрдието Божјо, празник којшто повторно и повторно нѐ враќа кон нашето спасение. Ете, Господ благоизволил такво рождество, и за тоа ги избрал светите Јоаким и Ана, кои непорочно оделе според Господовите заповеди, примајќи сѐ без роптање што им испраќал Господ, трудејќи се секогаш со трепет да Му угодат на Бога, и во се сѐ јавувале како пример за покорност на волјата Божја.
Не ќе може никој да се спореди денес со таа света чистота. Да просиме и да молиме, семилостивиот Бог, преку нивните молитви да нѐ удостои за овој величествен настан, да земеме и ние учество со мислени очи и да го видиме рождеството на Божјата Мајка. Да бидеме учесници на оваа величествена тајна и да ја споделиме големата радост на Јоаким и Ана, со нашиот живот да заслужиме во Господа да се насладиме со тие светли и радосни собитија, кои ни го предвестуваат и нашето вечно спасение, сега и во сета вечност. Амин!
Манастир „Пресвета Богородица Пречиста"
Кичево
21.09.2022 г.