„Овци словесни на Јагнето и Пастирот, на огнот и на лути маки бевте предадени, и се покажавте како рамни по чест на ангелите. Затоа сите ние со весели срца го празнуваме вашиот свет спомен, богомудри девици“ (седален на Утрена на празникот на св. мч-чки Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија).

 

На 30.09.2022 година, денот на славниот спомен на светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Лиртургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, игуменот Агатон, свештениците Љупчо Бакрачески и Александар Димоски, еромонахот Никодим, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Александар Димитријов и ѓаконите Драган Иванов и Марко Спасовски. Денешниот собир беше прилика да се прослават и 20 години од преосветувањето на овој наш прекрасен и неповторлив храм на Мудроста Божја, а по тој повод, Архиепископот Стефан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

† Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски

СВЕДОКОТ НА
МАКЕДОНСКАТА ВИСТИНА

 

Старословенскиот и македонски збор „храм" потекнува од прасловенскиот „chormъ", што значи „дом". Според тоа, храмот е нашиот вистински дом на земјата, па само оној што доаѓа на молитва во храмот, само тој чекори по домостројот на спасението и само храмољубецот е вистински домољубец!


Целокупниот наш живот извира од домот Господов: во храмот се извршува нашето повторно раѓање преку светата тајна Крштение; во храмот се венчаваме или замонашуваме; во храмот биваме молитвено испратени од овој свет; во храмот секоја недела и на секој празник – собрани како Црква – Го прославуваме Бога и Му благодариме „за сите и за сè" ; во храмот сме опкружени од светиите изобразени на фреските, а коишто ни служат како патоказ кон она коешто треба да го избереме и да го зачуваме за нашиот конечен дом – Царството небесно! Само преку редовно соучество на заедничките молитви во храмот ја доживуваме вистината за Црквата, само така откриваме дека таа не е институција, туку е Тело Христово , е невеста Христова , е Божјо семејство и Божја нива, Божјо здание.


Светиот апостол Павле учи дека Божјиот дом... е Црква на живиот Бог е столб и потпора на вистината . Вистината, пак, е неделива од добрината и убавината! Па, потпирајќи се врз вистината и препорачувајќи ја добрината, Црквата, природно, создава храмови со неповторлива убавина.


Како што очите се огледало на душата, така црквите и манастирите се огледало на нашата охристовена душа. A кога сме во Охрид, гледаме колку е убав нашиов семакедонски дом – велелепнава „Света Софија". Колку e богат во својата историјa, колку е прекрасен и по својата архитектура и во своите фрески – иако, за жал, нецелосно запазени –, колку упатениот поглед кон него, колку стоењето пред него и престојувањето во него ја возвишуваат душата кон Бога!? И секој што ја видел оваа неопислива убавина, со непоминлива вредност, не може а да не каже: Премудроста си изгради дом . Oти храмов, макар и физички изграден од луѓе, за свој вистински строител го има Бога.


Доживувајќи ја радоста да се биде во ова небоземно светилиште, секој кој Го бара и Го љуби Бога не може, а да не ги повторува како свои зборовите на псалмопеачот: Господи, го возљубив домот, во кој престојуваш и местото каде што пребива славата Твоја! И навистина, овде, во „Света Софија", во овој Господов и наш дом, сосема природно ни е од своите мисли и својот дух да „ја оставаме секоја житејска грижа" и во срцата свои да воскликнеме со повикот од Божествената Литургија: „Горе да ги имаме срцата! – Да ги имаме кон Господа!" .


А Премудроста Божја устроила токму преку овој храм посветен на неа – на Премудроста, односно на Словото Очево, да можеме да ја согледуваме и да ја преживуваме целата наша историја! Во „Света Софија Охридска" се отсликуваат најголемите подеми на нашата Црква и на нашиот народ, но и најголемите наши црковни и народни падови. Овој храм, безмалку стар колку и самата Охридска Архиепископија, која пак, да не заборавиме, е наследник на славната Јустинијана Прима, посведочил како Црквата ни се воздигнува во ранг на Патријаршија во времето на големата Охридската моќ, па како повторно ѝ се снижува црковното достоинство, па, во најтешките векови од нашата историја го посведочил и бремето на ропството, доживувајќи да биде осквернет од иноверните завојувачи: куполата да му биде срушена, фреските варосани и тој да биде претворен во туѓо молилиште. А и во наше време, споделувајќи ја судбината на бројни наши храмови и манастири, доживеа во претходниот систем да биде претворен во музеј. Но, Бог, Кој го чува заветот и милоста кон оние коишто Го љубат и постапуваат според Неговите заповеди , и Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нѐ за¬сака , ете, пред 20 лета ни благоволи да го преосветиме овој наш дом, та тој да продолжи да ја има својата единствена намена, односно повторно да се нарече и да биде дом за молитва .


А што друго и може да биде ова светилиште посветено на Премудроста, ако не православен молитвен дом?! Ta сиов овој храм ја сведочи врската помеѓу небесната и земната Црква, а светителите изобразени во него ни ја покажуваат неодвојливоста на Охридската Архиепископија со сехристијанската екумена, од времето на неподеленото христијанство. Така, меѓу претставените светии, освен светите сесловенски и македонски учители, Кирил и Методиј, имаме и изобразенија на основателите на останатите дотогашни православни Цркви, а широчината на духот и воопшто на целокупното значење на тогашната наша помесна Црква и на Охрид како нејзино седиште, ја согледуваме во иконографското претставување и на девет римски епископи.


„Света Софија", овој древен сведок, кој на себе видливо ги има сите наши духовни и народни лузни е крајаголен камен и темел врз кој се потпирало сето народно битисување. Па дури и тогаш кога од иноверните бил претворен во џамија, како и тогаш кога од истоверните соседи бил заобиколуван. Ете, затоа овој свет храм во спомените на сите охридски и македонски поколенија останал и ќе остане како нерушлива тврдина! Ниедна сила не успеала да ја избрише историската и неговото место во нашата севкупна историја. По преместувањето на седиштето на Самоиловата држава и на Архиепископијата овде во Охрид, од островот Ахил во Преспанското Езеро, и по издигањето на Црквата на ранг на Патријаршија, иако за кратко, сите тие славни настани се вгнездиле во овој преубав град на брегот од Белово Езеро, во краевиве во кои не така одамна чекореле светите Климент и Наум Охридски. По нивната просветителска дејност и по нивното богоугодно и рамноапостолско дело, биле неодминливи и духовниот раст на народот и потребата од храм и престол од кој духовно ќе се надградуваат и раководат и подалеку од Охрид, и земји и народи коишто потпаѓале под јуриздикцијата на Охридската Архиепископија.


Затоа денес, одбележувајќи две десетлетија од неговото преосветување, молитвено да се потсетиме и на блаженоупокоените архиепископи и патријарси: за првиот Герман, па за Филип, Давид, Јован, Лав, Прохор, како и за Теофилакт, Димитриј Хоматијан, Григориј I и за сите други, сè до последниот – Арсениј; да си припомниме и за сите духовници, преродбеници и народни првенци кои се обидуваа да ѝ ја вратат славата на древната Охридска столица. Историјата покажала, а нашата потврди дека без народна – тешко се зачувува и уште потешко се доаѓа до духовна слобода! Но ни даде Бог ново време кое ни донесе нови духовни радости. Овој дел од македонската земја по Втората светска војна се избори за место во новата федерална Југославија, со што се создадоа услови да се има и своја Црква. И даде Бог! По постојаните и гласни народни барања да се возобнови древната охридска столица, со изборот на Епископот Доситеј на Вториот црковно народен собор во 1958 г., за Поглавар на возобновената Охридска Архиепископија како Македонска Православна Црква, почнаа сериозно да се остваруваат двовековните желби на нашиот православен народ. Во 1967 г., на Третиот црковно народен собор, едногласно и еднодушно била прифатена одлуката на петочлениот Синод за целосно возобновување на Охридската Архиепископија, прогласувајќи ја Македонската Православна Црква за автокефална Црква. И конечно, по 55 години, Цариградскиот патријарх г.г. Вартоломеј ја прими во канонско и евхаристиско единство, а пак Архијерејскиот собор на Српската Православна Црква, на чело со Патријархот г. Порфириј, нашата Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ја призна за автокефална Црква. Неодамна такво признавање добивме и од Руската Православна Црква и од нејзиниот Поглавар, Патријархот г. Кирил. И актот за канонско и евхаристиско единство, некои помесни православни Цркви го обзнанија и прифатија, а некои најавија признавање и на автокефалниот статус на нашата Света Црква.


Конечното прифаќање на нашето признавање, по нашето долго чекање во нашата Витезда, како и многукратното надминување на премрежјата на овој храм во неговиот, еве, веќе илјадулетен опстој ни е уште еден показател дека ако е Бог со нас, кој ќе е против нас .


„Света Софија" е тука не само за да го разубавува Охрид, за чијашто красота придонесуваат, секако, и Перивлепта и Канео и Плаошник со возобновениот Светиклиментов манастир и уште многу други Божји светилишта, туку е тука за, доживувајќи ја неа како наш дом и дом Господов и ние да воскликнеме со псалмопеецот: Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да се поучувам во Неговиот свет храм , зашто само добрина и милост ќе ме придружуваат преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни.


Нека ни е честита дваесетгодишнината од преосветувањето на овој столб на нашата Света Црква! Нека ни се честити и нека ни се множат духовните радости што ги доживеавме во ова лето Господово!


Нека ни се вечни Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија и Татковината – Македонија!


Честит празникот на светите маченички Софија и нејзините ќерки Вера, Надеж и Љубов, а Светата Литургија нека ни е на здравје и спасение! Амин!

 

svsofija2022 1svsofija2022 2svsofija2022 3svsofija2022 4svsofija2022 5svsofija2022 6svsofija2022 7svsofija2022 8svsofija2022 9svsofija2022 10svsofija2022 11svsofija2022 12svsofija2022 13svsofija2022 14svsofija2022 15svsofija2022 16svsofija2022 17svsofija2022 18svsofija2022 19svsofija2022 20svsofija2022 21svsofija2022 22svsofija2022 23svsofija2022 24svsofija2022 25svsofija2022 26svsofija2022 27svsofija2022 28svsofija2022 29svsofija2022 30svsofija2022 31

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3