На 02.10.2022 година, во соборниот храм „Св. вмч. Георгиј“ во Нови Сад, Србија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто беа свечено канонизирани светиот Иринеј (Ќириќ) Исповедник и светите Бачки новомаченици, пострадани за време на Втората светска војна. На Литургијата чиноначалствуваше Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј, во сослужение на голем број архиереи од СПЦ, како и голем број гости од останатите помесни цркви, меѓу кои: Митрополитот Василиј Аркадиски од Антиохиската православна црква, Митрополитот Будимпештански Иларион од Руската православна црква, Митрополитот Крфски Нектариј од Грчката православна црква, Архиепископот Михаловско-кошички Георгиј од Словачка, а од Македонската православна црква сослужуваа: Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски Петар, Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј и Митрополитот Повардарски Агатангел. По завршувањето на Литургијата, патријархот Порфириј, како и домаќинот на оваа свечена богослужба Епископот Иринеј, се обратија кон неизбројниот верен народ, и се заблагодарија на сите кои дојдоа да служат и да земат учество во овој свет чин. Од името на нашата Епархија им го честитаме овој светол и радосен ден, а по молитвите на новопрогласените светии, Господ Бог секогаш да нѐ води на патот на Неговите заповеди. На многаја лета!