„Сега верни да притекнеме, да го воспееме Константина, кој од младоста Го возљуби Христа Бога и се прилепи кон Него и Нему ревносно Му послужи, неправедно страдајќи привремено, но затоа вечно се прослави, и пред Владиката на сѐ стана наш застапник“ (седална стихира на Утрена на св. Константин Кавасила).
Споменот на светиот апостол и евангелист Лука и на светиот Константин Кавасила, Архиепископ Охридски, и оваа година беше свечено прославен во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во с. Кнежино, Кичево. Празнувањето започна на 30.10.202 година, со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски и свештениците Горан Ставрески, Александар Матески и Александар Димоски. Прославувањето продолжи утредента, на 31 октомври, со света Архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. По завршувањето на Литургијата, беше одран и редовниот годишен свештенички семинар, а овогодишен предавач беше протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, кој даде еден исцрпен историско-литургиски реферат за настанокот и развојот на Литургијата на Претходноосветените дарови. По предавањето се разви и богата дискусија, а сите имаа прилика и да слушнат и научат многу нови работи за оваа Божествена Литургија. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Во своето послание до Евреите апостолот Павле порачува: „Помнете ги вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна" (Евр. 13, 7). Овој совет подеднакво е упатен и кон нас како верници. Затоа светата Црква ги почитува и слави сите светии и исповедници на верата. Тие биле проповедници на божественото учење. Го проповедале словото и го подражавале со својот свет живот. Тие ги имале пред себе оние што најмногу се потрудиле во изградувањето на царството Божјо на земјата и се стремеле да ги подражаваат. Верата на тие богоугодни луѓе имала сила да го преобразува животот. Таа ги направила нови луѓе на кои во полна смисла се однесуваат зборовите на Господа Исуса Христа: „Вие сте солта на земјата" и „светлина на светот" (Мт. 5, 13 и 14). Нивната вера извирала од најчистиот извор на нивните души. Токму таа вера го извршувала големото преобразување со кое душата се очистува од сите наслади на штетни предубедувања и гревовни погубности. Верата нивна била секогаш жива. Таа извирала од чист извор. Како што од планински извор тече жива вода, така и од нивните души извирала живата вода на Божјата благодат. Со својата животворност, таа делувала и затоа секој збор на овие Божји луѓе бил како оган.
Најсилни се зборовите кои доаѓаат од верата и од длабоката увереност. Зборовите кои доаѓаат само од човечкиот ум, колку и да се возвишени и убави, не можат да го трогнат срцето бидејќи не паѓаат длабоко во душите. Зборовите кои доаѓаат од верата и силното убедување се како огнена стрела. Тие ја пронижуваат целосно човечката душа и ги осветлуваат сите нејзини делови. Мудроста влегува во сите копнежи на човекот и на тој начин душата не може да ослепи, туку станува прозрачна за времените и вечните нешта.
Мислата која не е доживеана како длабоко убедување нема сила да го преобразува оној што ја изговара, а уште помалку може да делува на оние што ја слушаат и кон кои таа била упатена. Тие што Му угодиле на Бога ја преживувале својата вера длабоко и затоа таа е чиста и искрена. Таа е секогаш дејствителна. Таа вера е живот. Затоа ние треба да ги паметиме нашите учители, светите Божји угодници. Тие биле благовесници на Божјото слово преку својот свет живот.
На друго место свети апостол Павле вели: „Угледувајте се на мене како и јас на Христа" (1 Кор. 11, 1). Да подражаваме еден голем апостол значи да подражаваме еден верен ученик на Господа Исуса Христа. Овие зборови го потврдуваат тоа што апостол Павле го рекол во посланието до Евреите – дека треба да ги помниме нашите учители кои ни го проповедаа словото Божјо и да ја подражаваме верата нивна. Така е зашто и тие биле подражаватели на Господа Христа и во својот живот најдобро ги практикувале Неговите зборови: „Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас" (Јн. 13, 15).
И навистина Исус Христос ни дал пример како треба да живееме и каква треба да биде нашата вера. Зашто само од извори на чиста и дејствителна вера може да потече благоугоден живот. Само со таква вера е возможно да се подражава Христос и да се следат Неговите ученици од сите времиња.
Ние денеска ги прославуваме светиот апостол и евангелист Лука и свети Константин Кавасила Охридски архиепископ. И двајцата биле ревносни проповедници на словото Божјо. Заради нивната ревност и исполнување на словото, Бог ги прославил во небесната Црква и им дал дар да бидат молитвеници и посредници пред лицето Божјо за сите кои со вера им се обраќаат. Па и ние да се помолиме тие да се застапат пред престолот на Севишниот. Тој да ни ја засили верата, исполнета со добри дела, па и ние да се покажеме како достојни нивни ученици во следењето на словото Божјо. По молитвите на Божјите угодници Бог да ги услиши нашите молитви. Амин!
Свети Лука и Константин Кавасила
Манастир „Св. вмч. Георгиј" с. Кнежино, Кичево
31.10.2022 год.