„Правејќи чуда од бесплатните ризници на пречистите благодатни дарови, покажавте љубов чесно, откако го примивте богатството небесно, и ја оставивте славата земна; затоа Му принесуваме песна на Создателот на сите, Кој ви ја дарува благодатта на исцеленија“ (седален на Утрена на св. бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан).

 

На 14.11.2022 година, денот кога го празнуваме споменот на светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан, во храмот „Св. Козма и Дамјан“ (Голем Св. врачи) во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Свети Козма и Дамјан, чиј спомен денеска прославуваме биле родени браќа. Нивниот татко бил грк – јазичник, а мајка им била христијанка. Таа овдовела во младоста и водела благочестив живот, според зборовите на апостол Павле: „Oнаа, што е вистинска вдовица и останала сама, таа се надева на Бога и пребива во молитви и молења дење и ноќе" (1 Тим. 5, 5). Таа ги поучувала своите деца на богоугоден живот и строго ги надгледувала и поучувала на добродетелите и божествените писанија.


Козма и Дамјан уште од млада возраст се труделе да го исполнат законот Божји. Кога пораснале, тие засветиле како две светилки со добри дела. Со цел да донесат повеќе добрини на ближните, се зафатиле со изучување на лековитите својства на растенијата и така станале прочуени лекари. Господ ги благословил добрите лекари и со дар на чудотворство, односно лековите да имаат моќ и сила. Браќата не сакале ниту земна слава, ниту богатства и никогаш не земале пари или дарови. Строго се придржувале на Господовите зборови упатени кон апостолите: „Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте" (Мт. 10, 8). Поради оваа нивна карактеристика, светата Црква ги нарекла бесребреници.
Поживеале мирно и трудољубиво и се упокоиле спокојно, одејќи кај Господа. По нивната смрт биле прославени со многу чуда. Светата Црква ги почитува и прославува како добри лекари на душевни и телесни болести и топли застапници за нас пред Господа Бога.


Во наше време тешко се наоѓаат вакви примери. Светите бесребреници кои денеска ги прославуваме можат особено да ни бидат за пример. Овие луѓе не само што не правеле ништо за своја корист туку се труделе да го вложат севкупното свое знаење и умеење за доброто на ближните. Правеле сѐ за Бога и ближните, а ништо за себе. Тоа било правилото на нивниот живот. Тоа е подвигот на нивната добрина. Тие се избраници Божји кои се стремеле кон совршенство, според укажувањето на Господа: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте". И тоа го постигнале и исполниле. Но, за тоа што Христос го барал од апостолите се добива награда и таква награда добива секој кој ќе ја исполни оваа должност.


Незадоволството од својата состојба е сериозен непријател на човекот. Се поставува прашањето: Од каде доаѓа тој непријател? Постојат две основни причини од кои се раѓа ова чувство. Првото е неумесното споредување на својата положба со положбата на друг. Второто се преувеличените очекувања на заслужените почести и уважувања. Некој има речено: „Среќен може да биде само оној што не се споредува со другите и е задоволен од она што го има". Но, за жал, кај нас е обратно. Нам ни е малку да бидеме среќни со нашиот имот. Бараме да бидеме како другите. Тоа е многу тешко, па дури и невозможно. Таквото барање е осудено од Господ Исус Христос во параболата за работниците на нивата. Тој покажал дека распределбата на наградата за секој од работниците треба да биде доволна за секого и секој треба да биде благодарен. „Зарем немам право да чинам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо зашто сум дарежлив?" (Мт. 20, 15). Понатака вели: „Зами го своето и оди си" (Мт. 20, 14). Така и ние, не треба да гледаме во среќата на другиот. Таа е Божји дар за него. Ползувај ја среќата што ти е дадена и не гледај кај друг. Гледај каква полза можеш да принесеш во животот додека имаш време за правење добро. Другата причина за нашето незадоволство е тоа што очекуваме многу повеќе среќа и благодети како награда за нашите дела. Да претпоставиме дека сме ги постигнале благодетите и среќата што сме ги посакувале. Што сакаме повеќе? Треба да го ползуваме она што го имаме и да се веселиме за Божјата милост кон нас. Но, за жал не правиме така. Ние најчесто сакаме уште поголеми благодети. Тоа што сме го добиле, веќе не ни значи. Секогаш состојбата на другиот ни изгледа подобра.


Но, ние како православни христијани треба да се огледаме на браќата Козма и Дамјан. Тие правеле сѐ за Бога и ближните, а ништо за себе. Со тоа спечалиле вечен и блажен живот. Ние сме повикани да бидеме совршени како нашиот Отец небесен. По молитвите на светите бесребреници така нека биде! Амин!


Свети Козма и Дамјан,
„Големи Свети Врачи", Охрид
14.11.2022 г. 

 

svvraczim2022 1svvraczim2022 2svvraczim2022 3svvraczim2022 4svvraczim2022 5svvraczim2022 6svvraczim2022 7svvraczim2022 8svvraczim2022 9svvraczim2022 10svvraczim2022 11svvraczim2022 12svvraczim2022 13svvraczim2022 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3