„Хорот ангелски, кој за водач го има божествениот Михаил, со него принесува пеење на Света Троица, бидејќи Создателот на сѐ, преку Словото, од непостоење ги приведе (во постоење) воинствата на огнезрачните сили“ (седален на Утрена на Собор на св. Архангел Михаил и на другите бесплотни Сили).
На 21.11.2022 година, во денот кога го прославуваме празникот Собор на св. Архангел Михаил и на другите бесплотни Сили, во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска го прославуваме соборот на светите ангели Божји. Како што знаеме од книгата на Јов, ангелите биле создадени пред луѓето. Небесните сили се многу побројни од луѓето на земјата. Во Откровението се вели дека мноштво илјадници ангели Го воспеваат Бога. Во нашиот народ како перцепција за ангел е нешто убаво, лично и добро. Кога ќе видиме некое мало детенце знаеме да кажеме дека е како ангелче. Кога ќе сретнеме добар и личен човек ќе слушнеме дека е ангел, а не човек. Кога ќе слушнеме прекрасно пеење исто така даваме комплимент дека е ангелско пеење, што значи својствено на ангелите. Тие исто така, секогаш го гледаат Господа како што и Самиот Спасител рекол: „ангелите секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец Небесен" (Мт. 18, 10). Тие непрестајно Му оддаваат пофала на Бога, како што кажува светата Црква: „пеејќи, воспевајќи, извикувајќи и велејќи: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот". Оваа ангелска песна ја слушнале свети Јован Богослов, пророкот Исаија, свети апостол Павле и витлеемските пастири.
Службата на ангелите е во прв ред славословење на Господа Бога, а втора работа е служење на родот човечки. Од историјата на луѓето знаеме за безброј примери на учество на ангелите или небесните сили во спасението на поедини луѓе. Бестелесните небесни сили се поделени во три категории, а секоја категорија има по три чина и на тој начин се сочинуваат девет ангелски чинови. Првата категорија ја сочинуваат шестокрилните серафими, многуоките херувими и богоносните престоли. Тоа е високата ерархија. Втората група или средната категорија се господства, сили и власти, додека, пак, последната или третата, ниска категорија, ја сочинуваат началства, архангели и ангели. Бројот на ангелите е огромен, додека, пак, архангели се само седум на број. Како што кажал архангелот Рафаил на праведниот Товит, тие ги воснесуваат молитвите на светите и одат пред славата на светиите.
Од седумте архангели посебно се прославува архангелот Михаил и затоа денешниот празник е наречен собор на сети архангел Михаил и другите небесни сили. Името Михаил доаѓа од еврејски збор, а во превод значи „кој е како Бог", што зборува за неговите особини. Тој прв се спротивставил на Деница – сатаната, кој во својата гордост и безумие се спротивставил на Создателот и Седржителот. Позната е таа прва духовна борба, во која сатаната бил исфрлен од небото и од тогаш архангелот Михаил не престанува да се бори во слава на Создателот, како и за спасение на родот човечки, за Црквата и за нејзините чеда. Архангелот Михаил му се јавил на Исус Навин, во војничка облека со меч во раката. На прашањето на Исус Навин: „наш ли си ти или на нашите непријатели?", тој одговорил: „јас сум водач на војската Господова, а сега сум дојден овде." Затоа, секогаш се изобразува како војник со меч во раката и газејќи го лошиот дух, односно сатаната. Белиот бајрак или знаме се украсува на врвот на копјето и тоа означува неизменлива чистота и непоколеблива верност на ангелите на Царот Небесен. Крстот, пак, со кој завршува копјето, сведочи дека борбата со царството на темнината и победата над неа е направена од ангелите во името на крстот Господов, со посредништво на трпеливоста, смиреноста и самопожртвуваноста.
На второ место од архангелите се наоѓа Гаврил. Неговото име во превод значи „сила Божја". Неговата служба се состои во тоа да биде спроводник и служител на семожноста Господова. Така, тој го возвестил чудесното зачнување на Пресвета Богородица за раѓањето на Господа Христа и за зачнувањето на Претечата Господов на престарените Захариј и Елисавета. По мислење на светите оци, архангелот Гаврил бил испратен да го поткрепува Спасителот во Гетсиманската градина и го навестил Богородичното успение. Затоа Црквата неговата служба ја именува: слуга на чудата и посебен служител на тајните Божји. Тој се изобразува со рајско гранче, кое и било донесено на Богомајката или со светлина на свеќа или фенер. Тоа е знак дека Бог се открива само на прости, смирени и чисти по срце, кои постојано внимаваат на словото Божјо во својата светост.
Другите архангели се помалку познати во нашиот црковен живот, но ќе ги споменеме само по имињата, а тоа се: Рафаил, Урил, Салафаил, Јeгудил и Варахил.
Најзначаен и најблизок на сите нас ни е ангелот чувар, како што е речено во 90 псалм: „им заповеда на ангелите Свои, за тебе, да те чуваат на сите патишта твои" (Пс. 90, 11). Не само на секој човек, туку и на секоја црква, град, село, народ и страна има таков ангел чувар, кој содејствува во животот на нашето спасение. Но, треба да знаеме дека често пати нашите гревови и престапи го отуѓуваат и оддалечуваат од нас. Доколку ние се бориме против гревовите, страстите и нашите слабости и Му се молиме на Бога, нашиот ангел чувар секогаш ќе биде на наша страна и ќе ни биде помошник и заштитник од секое зло, а за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин!
Свети Архангел Михаил,
Манастир „Свети Наум Охридски", Охрид
21.11.2022 г.