„Плодот на праведните Јоаким и Ана, како дете Му се принесува на Бога во светиот храм - хранителката на нашиот живот, која ја благослови првосвештеникот Захарија. Сите ние, како Мајка Божја, верно да ја прославиме“ (седален на Утрена на празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот).

 

На 04.12.2022 година, на денот кога го прославуваме празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица - Пречиста, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Кирил Јованоски, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Денеска го прославуваме воведувањето на Пресвета Богородица во храмот. Родителите на света Дева Марија, праведните Јоаким и Ана биле неплодни и сега се раскинува или крши тој срам на неплодноста. Тие претрпеле многу непријатности од луѓето затоа што неплодноста во Стариот завет се сметала како казна Божја за некој грев. Но, во нив постоела силна вера во Бога како Семоќен. Тие постојано се молеле на Бога да им даде пород и постојано правеле милостиња. Благодарение на силната вера и горештата молитва, искреното милосрдие и ветување дека ќе го посветат на Бога подарениот од Него плод, Семилостивиот Бог во длабока старост им подарил чедо – Пресветата Дева Марија. Нивната радост и неискажливата благодарност кон Бога за овој дар биле неописливи. Можеме само да претпоставиме колку се труделе да ја воспитаат Дева Марија во духот на Законот Господов, како ги утешила со нејзиниот живот и постапки идната Мајка Божја, постанувајќи Царица на ангелите и на луѓето. До тригодишна возраст праведните родители ја воспитувале во својот дом. Токму кога се исполнило времето според Законот, одлучиле да го исполнат и своето ветување и света Дева Марија ја посветиле на Бога, како што некогаш постапила праведната Ана, мајката на пророкот Самуил. Влегувањето во храмот било направено свечено. Ја придружувале девојчиња со запалени свеќи. Тоа значело дека Пресвета Дева ќе Го носи неописливиот Оган во својата утроба – Огнот на Божеството, и ќе биде мајка на Светоста и самата ќе биде почесна од сите светии. Праведниот Захариј, вдахновен од Светиот Дух, на свечен начин ја пречекува пред храмот со повеќе свештеници и ја внесува во Светињата на светињите.


Света Дева била поставена на првото скалило. Скалилата од храмот биле сериозно високи дури и за повозрасни, но таа се искачила сама и била земена од првосвештеникот Захариј и внесена таму каде што еднаш во годината влегувал првосвештеникот, Светињата на светињите, каде што се чувале најголемите светии на Израелскиот народ и на вселената. Во храмот родителите ја оставиле за да се воспитува. Таа во храмот научила да се моли и да чита и постојано се осветувала од светиите во храмот. Светиот Дух престојувал над неа, ја осветувал и очистувал. Таа работела како и другите девојчиња при храмот. Посебно била ревносна во молитвите и читањето на Светото Писмо. Постојано била расположена со Духот, па некогаш дури и заборавала да јаде и пие телесно, па така ангелите Божји и носеле небесна храна. Но, кога поминал периодот на престојот во храмот, таа одлучила да не се мажи, туку да остане посветена на храмот и на Бога. Тогаш ја дале на старателството кај стариот и праведен Јосиф, кој се грижел за неа, почитувајќи ги нејзините завети на чистота.


Денешниот празник нè поучува дека многу треба да го почитуваме храмот Божји и да престојуваме во него на молитва со благодарсност и славословија. Светиот храм е земно небо. Во него е престолот Божји, на кој невидливо седи Царот на Славата и ги прима нашите молитви, поклони и покајни солзи воздишки, жртви, пофалби и благодарности. Во храмот се завршуваат нашите највисоки и вечни духовни интереси, и од него излегуваме очистени, осветени и обновени, со дух и тело. Тука постојано извира жива вода. Со чиста слава Божја се проповедаат небесните вистини, се храни и воздигнува и духот и срцето. Тука се принесува и се раздава светата тајна Причест за спасение наше. Тука ние се обраќаме за наша утеха во маки и искушенија и наоѓаме лек на душата и телото. Во храмот слушаме за прекрасни подвизи на светите угодници Божји, нашите молитвеници пред Бога и се поучуваме да ги подражаваме во границите на нашите сили.


Храмот Божји е гранка која ги соединува небото и земјата. Тука човекот се чувствува дека е образ Божји, дека тука на земјата е само гостин и дека неговиот вистински живот е на небото и дека е тој член на Црквата Христова и дека е чедо Божјо. Во храмот се чувствува дека се спротивставува на гревовниот свет. Тука гледаме само светиња, правда, вистина, милост, љубов, добрини изобразени во ликот на светиите во иконите и фреските. Во храмот е како да сме на небото и заедно со ангелите Го славословиме Господа. Светата Црква е најдобрата учителка на покајание и поправање на современиот човек, затоа што светите луѓе ни оставиле прекрасни поуки за покајание, исправување и добродетелен живот.


Црквата е најдобра учителка за молитва. За време на богослужбите ние ги слушаме ектениите и молитвите кои не учат да ги сакаме сите луѓе. Таа не учи да се молиме за сите луѓе и целиот свет, за војската, за патниците, затворениците и сл. Зборот храм е неопходен за христијанинот, како што е водата за рибата и воздухот за птиците.


Ете зошто треба ние христијаните да ги посетуваме храмовите Божји. Оној кој не посетува храм, малку по малку ќе ја изгуби верата, надежта и љубовта. Нив ги стекнуваме во храмот Божји, преку богослужбите, светите тајни и молитвите кои не учат дека сме членови на Црквата и наследници на идното Царство. Оној кој не ја посетува црквата се предава во суетниот свет и се препушта на телесните наслади, страсти и похоти. Тој не се грижи за својата душа и да Му угоди на Бога, туку се повеќе се движи кон својата пропаст.


Ние како христијани треба да имаме на ум, дека треба усрдно да ги посетуваме Божјите храмови. Тие се земно небо и рај Божји, но кога ги посетуваме да се потрудиме да се менуваме на подобро. По примерот на небесните жители да ги отсечеме нашите гревови и слабости и така да се украсуваме со секое добро и благочестиво. На тој начин ќе можеме да ги подражаваме Божјите угодници, а за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин!

Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста,
Храм „Света Богородица – Каменско", Охрид
21.11.2022 г.

 

precista2022 1precista2022 2precista2022 3precista2022 4precista2022 5precista2022 6precista2022 7precista2022 8precista2022 9precista2022 10precista2022 11precista2022 12precista2022 13

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3