„Дојдете празникољупци, соборната песна на ангелските чинови да ја запееме, за нивните милости да ги пофалиме и бодро да повикаме: боговдахновен Клименте, со твоите молитви спасувај ги од секакви искушенија, напасти и неволји оние кои те почитуваат“ (стихира на Господи повикав... на Мала вечерна на светиот Климент Охридски Чудотворец).

 

На 07.12.2022 година, во навечерието на празникот на патронот на нашата света Македонска црква и на патронот на нашиот град Охрид, светиот Климент Охридскиот Чудотворец, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, со благослов на Митрополитот Тимотеј, кон верниот народ се обрати протоерејот-ставрофор Игор Никовски, со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. На крајот беше отслужен и Молебен кон нашиот свет татко и заштитник светиот Климент Охридски, пред неговите свети мошти. 

 

Во подоцнежните часови, делегација од Дебарско-кичевската епархија Охрид, предводена од Митрополитот Тимотеј, присуствуваше и на прославата по повод празникот Свети Климент Охридски, оргазнизирана од Општина Охрид, а на која на архимандритот Нектариј (Најдоски), игумен на манастирот „Св. Наум Охридски“ Охрид, му беше врачено највисокото општинско признание Патрон на градот „Св. Климент Охридски“. Наградата оваа година отиде кај нашиот возљубен духовен отец и раководител на манастирот „Св. Наум Охридски“ поради неговиот неуморен труд и несебично залагање во возобновувањето и разубавувањето на Светинаумовото светилиште, како и за неговата духовна грижа за Охрид и охриѓани, за кои молитвено повеќе од триесет години се застапува пред преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец. На отец Нектариј од името на сите нас испраќаме честитки за ова високо признание, а молиме пред Бога, Он уште долги години да му дава крепко здравје, мудрост и сила, и понатаму да бие светило во кое многумина ќе го најдат патот на спасението.   

 

БЕСЕДА ЗА СВЕТИ КЛИМЕНТ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Ваше Високопреосвештенство г. Тимотеј, митрополит на Дебарско-кичевската епархија,
Ваше Високопреподобие архимандрит Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир,
почитувани браќа свештенослужители, браќа и сестри во Господа Исуса Христа.

Во богослужението од Малата вечерна од празнувањето на свети Климент Охридски уште на самиот почетокот е упатен повикот на свештениот писател и творец, кој извикува: „Дојдете празникољупци".


Овој повик серадосно низ вековите и денес го разнесуваат црковните храмови во Македонската православна црква двапати годишно, на летниот и на овој зимен празник на великиот Охридски Светител и особено ги радуваат и ги поткреваат душите на верните – православни, македонци, охриѓани и на сите кои со љубов и почит доаѓаат во неговиот храм. Во храмот, пак, во неговата света возобновена Црква, нѐ пречекува светото молитвено богослужение кое таинствено сопостои со мноштвото дамнешни молитви впиени во столбовите, ѕидовите и фреските на овој древен и воедно современ храм, а сето тоа како миризливо благоухание се соединува со благиот мирис од светите мошти Климентови, дарувајќи неизмерна благодат не на секој туку на сите што доаѓале, дошле и ќе доаѓаат во светиот православен храм на Климента Охридскиот Чудотворец. И сите кои доаѓаат добиваат и дар од него.


Дојдете празникољупци, го повторуваме свештениот глас, бидејќи е неизмерно делото на свети Климент. Ако само малку мисловно се навратиме пред 1.000 години на ова место, тогаш откако ќе ги затвориме очите пред нашиот духовен поглед излегува светлиот лик на свети Климент, кој со чист подвиг, со вера и љубов, архипастирски служел и богослужел, проповедал и описменувал во богодаруваната диецеза. Ќе видиме дека тој неуморно ги поучувал верните луѓе со поуки и беседи во Црквите Божји. Ќе видиме дека неговиот благ лик го овоплотува ликот на Христос нашиот нов Адам - Богочовекот, затоа што се удостоил да дојде до светлото обожение на својата личност. Ќе го слушнеме звукот на неговиот праведен архиерејски жезол со кој молитвено чекорел распространувајќи ја добрата вест за Христовото Евангелие. Овој благ звук и понатаму одекнува низ вековите, па токму затоа и старите охриѓани велат дека понекогаш и денес, откако добро ќе го истанчиш својот духовен вид и слух, ќе го видиш и чуеш свети Климент навечер како чекори во градот.


Меѓутоа, неговиот чекор во Охрид не е налик на обичните прошетки и разоноди, кои милуваме катадневно да ги правиме покрај езерскиот брег. Неговиот чекор не е чекор на наведнат и депримиран и во душевните сили потрошен човек, кој резигнирано ја предава својата судбина на големите сили околу него, ниту, пак, воопшто е чекор на кренат горделивец кој единствено знае високо да мисли за себе и ништо подостојно од себе да не гледа околу себе. Неговиот чекор е дејствителен, молитвен и проповеднички, поучителен и подражателен, бидејќи тој, исто како и нашиот Спасител Господ Исус Христос, сака сите луѓе да се спасат. Но за да се спасат, тој вели дека „треба да се разбудат и да ги пазат Божјите заповеди и да се украсат со верата". Тоа е условот. Затоа свети Климент пред сѐ ни дава пример со својот живот, со својата света личност, а за тоа ни сведочат неговите бројни слова, поуки, беседи и житија. Оттука побуден од неговите дела, коишто се запишани, би сакал вечерва да споделиме од богатата светиклиментова ризница на беседи и да издвоиме грст бисери со кои ќе го украсиме нашиот духовен човек, земајќи пример од нив и вградувајќи ги тие зборови во нашата душа.


Тој вели: „Браќа (да додадеме: и сестри – празникољупци), да се уподобиме на децата, откако ќе отфрлиме од себе секаква злоба, како што е речено: »Незлобивите и праведните се приближија до Мене«. И така, да се доближиме до Бога преку добродетелите, очистувајќи се секој ден со пост и молитва, бидејќи постот ги очистува и душата и телото, а молитвата, окрилувајќи го умот, нѐ издигнува кон небото и нѐ прави заедничари со силите небесни. Молитвата и постот се добри помошници против бесот непријател. Затоа, откако ќе се вооружиме со нив, да се потрудиме овие посни денови да ги поминеме во чистота. Ако некој отпаднал во почетокот поради болест, или се опуштил, обземен од мрзливост и сластољубие, та не сакал да влезе во очистителното постење, туку предавајќи се на лакомост и прејадување, отпаднал и се покажал слаб, тогаш барем сега нека се предаде на ревносен подвиг со сета душа, молејќи се да се уподоби на работниците во лозјето, најмени во единаесеттиот час, и да прими еднаква награда заедно со работниците од првиот час...


Затоа, браќа, да не бидеме слаби, туку да ги смириме своите срца и со умиление да припаднеме кон Божјото милосрдие, зашто Господ е добар и долготрпелив и кроток, и жали поради нашите зла, оти Тој не ја сака смртта на грешниците, туку го очекува нашето покајание. Бог не сака никој од нас да загине, туку сите да се очистиме преку покајанието и повторно да се вратиме при Него, бидејќи Тој не ги укорува оние кои вистински постат за своите поранешни гревови, туку со благо срце го прима нивниот подвиг, бидејќи Тој е близу до оние што имаат смирено срце, ги простира Своите раце кон нив, ги сака вистинските испосници. Ја цени ревноста на првите и на вторите и на последните работници, а ги очекува оние што доцнат и нивниот подвиг, и го очекува нашето влегување во рајот ... Врвејќи по Него, ќе влеземе во тој рај кој, всушност, е патот што Тој ни го покажа: пат на чистота, кроткост, смирение, љубов, правда, милостина, воздржание, покајание; со покајанието, со постењето и со милостината се очистуваат гревовите" .


Овој грст на бисерно-воспитни и поучно-духовни совети, оваа длабока христијанска светиклиментова порака, треба секој православен човек да се потруди да ја разбере и да ја прифати, и за да ја живее секој може од неа да земе за себе пример за својот христијански живот, за да се охрабри себе си и да започне да расчистува со своите гревови, употребувајќи ги молитвата, постот и покајанието. Потоа да побара молитвено застапништво и помош од Пресвета Богородица и од небројните светии на небесата, за да го отфрли својот стар човек (Ефес. 4, 22) кој го води кон гревот и да се облече во новиот човек (Ефес. 4, 24). И да продолжи до крајот да се воспитува себе си во практикувањето на добродетелите. Бидејќи само на таков начин, изградувајќи се себе си во христоподобни личности, можеме да ја водиме борбата против злото, кое не само во нас и со нас туку денес сѐ повеќе и повеќе се обидува да се зацари во целиот свет. Но ние имаме цврста надеж, празникољупци, и надежта ни е Христова и Светиклиментова, бидејќи свети Климент со сигурност и храброст, велегласно ни вели дека Христос нашиот Бог го очекува нашето влегување во рајот.
Затоа, свети Клименте, наш Охридски Чудотворецу, сите ние, твоите верни чеда, дојдовме во твојов свет храм и ги слушнавме и ги исполнуваме твоите зборови во светите беседи и поуки, се зарадувавме и се развеселивме и извикуваме: „Радувајте се со нас сите македонски и панонски градови, зашто нашиот првопастир и заеднички застапник за сите, и бесплатен лекар, на денешен ден ги спасува сите оние што ги гледа собрани во неговиот чесен и свет храм. Достојно да го прославиме и да извикаме: Те молиме, превелики Клименте, заштити нѐ под покривот на твојата молитва" . Амин.

 

протоереј-ставрофор
Игор Никовски

ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид

07.12.2022 год.

 

svklimveczim2022 1svklimveczim2022 2svklimveczim2022 3svklimveczim2022 4svklimveczim2022 5svklimveczim2022 6svklimveczim2022 7svklimveczim2022 8svklimveczim2022 9svklimveczim2022 10svklimveczim2022 11svklimveczim2022 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3