„Откако ги порази сите непријателски оружја, великомаченику Георгие, ти си ја уништил идолската лага, извикувајќи: Пејте Му, луѓе, на Христа Бога, и превозносете Го во вековите“ (песна од канонот на Утрена на св. вмч. Георгиј Победоносец).
На 09.12.2022 година, денот на славниот спомен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец и на преп. Алимпиј Столпник, во храмот „Св. вмч. Гоергиј“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначакствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати во преполниот храм со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска нашата света Црква го прославува свети великомаченик Георгиј Победоносец. Секогаш кога го изговараме зборот маченик, ние обрнуваме внимание на физичката страна, на неговите подвизи за Христа, на мачењата преку кои мачителите сакале од маченикот да добијат одрекување од Христа. Мачениците страдале физички и со својата крв и своите животи посведочиле за Христа. На крај, со својот живот платиле за верата во Христа. Тоа е таа физичка страна на мачења, болка, биења, пролевање на крв и смрт заради Христа. Кај секој маченик е така, но тоа не е најважното во мачеништвото. Древните христијани, помеѓу кои се јавуваат и првите маченици заради Христа, маченикот го нарекувале свидетел за Христос. Тоа не значи само дека тој го дал своето тело, крв и живот за Исуса, туку дека тој свидетелствувал за Христа, и тоа првите христијани го сметале за најважно.
Нам можеби ќе ни биде појасно што значи тоа сведоштво за Христа, ако кажеме неколку збора како се разбирало сведочењето во тоа древно римско време, односно во Римската империја, каде се зародило христијанството и каде се појавиле првите маченици и маченички. Сведоци настапувале на судовите како и сега, но тогаш сведочењето било многу жестоко. Ако некој човек бил повикан во својство на сведок, се сметало дека е должен да ја каже вистината што ја видел, за делото за кое се одлучувало. Тој човек или сведок било дозволено да го тепаат и измачуваат за да ја каже вистината. Ако не се искористат овие средства со измачување, тогаш се сметало дека тој може и да не ја кажува вистината. Тогаш било општа појава никој да не сака да биде сведок пред судовите.
Првите христијани и првите проповедници – апостолите, не биле никакви водечки личности, учени, силни кои имале власт или пак било какво влијание над луѓето. Тие во основа биле прости галилејски рибари. Исто така и првите христијански заедници, во основа биле од обичниот работлив народ, или на современ јазик кажано – градски пролетеријат (сиромашни луѓе). Во почетокот христијанството се зародило во градови, за потоа да се прошири и по селата. Христијанството се зародува во големите трговски и културни центри во грчко-римската империја и се раширува помеѓу сиромашниот народ. Што можеле тие да кажат при средба со учените, силните или оние што имале власт во тоа време. Тие проповедале за Христа, Кој дошол како Спасител на светот, Кој правел такви чуда и учел како да живееме. Но, со што можеле да докажат дека тоа е така, за Тој непознат Христос, Кого римски чиновник го распнал на крст како најголем престапник? Тие сведочеле дека Тој е Христос и Спасител на светот. Тоа го посведочиле со својот живот и постапки и тоа токму како на суд. Ако сакаш да ми веруваш, јас сум спремен да го дадам својот живот, својата крв и сѐ што имам, со сето свое суштество, како доказ дека тоа што го зборувам е вистина и точно. Јас ти давам нешто најценето што имам, самиот себе и својот живот. Тогаш кога тие ги полагале своите животи како доказ за вистинитоста на проповедта, се родило мачеништвото, односно сведителството.
И ние како христијани сме повикани и имаме за задача да бидеме сведители за Христа. Од нас денеска не се бара никакво мачеништво, во смисла на физичко малтретирање, уште помалку и пролевање на крв. Точно е дека од нас не се бара тоа што некогаш се барало, но да не мислиме дека денеска е полесно да се биде свидетел за Господа Христа од тогаш. Затоа, секое време и епоха имаат свои форми и потешкотии во живот за да се сведочи или проповеда Христос, родениот од Дева Марија и Воскреснат за наше спасение.
Свети великомаченик Георгиј ја жртвувал својата младост, својата војничка кариера, богатсвото и удобниот живот, но од Христа не се откажал. Претрпел страшни измачувања, кои се натчовечки. Но, тој со помош Божја сето тоа го поднел и на крај маченички го завршил својот живот за Христа. Затоа, пак, Бог го обдарил со вечен венец во небесната Црква и сега тој има смелост пред Бога да се застапува за секоја христијанска душа, која со искрена молитва му се обраќа за помош и спасение. Па и ние да се обратиме со таква молитва. Свети Георгиј да ја зацврсти нашата вера и надеж, за и ние да го исповедаме светото православие и да живееме според правила на светата Црква. Така ќа го изодиме животниот пат во правда и вистина, за да спечалиме вечен и блажен живот во вечноста. Амин!
Свети Георгиј Победоносец – посен
Храм „Св. Георгиј Победоносец", Охрид
09.12.2022 г.