„Како пчела слета во Карејската лавра и мудро влегувајќи таму, ги собра Божествените добра и медот на доблестите. Отче, подај им смирение на сите кои верно те чествуваат, те величаат и ти пеат славословија, биди им и по смртта поткрепа на оние кои те почитуваат“ (седален по полиелеи на Утрена на преп. Нектариј Битолски).

 

Споменот на преподобниот отец наш Нектариј Битолски и оваа година беше свечено прославен во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, чиј игумен, архимандритот Нектариј, го носи токму името на овој голем подвижник. Празнувањето започна на 17.12.2022 година, во вечерните часови, со свечена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и ѓаконот Марко Спасовски. По Вечерната богослужба и петтолебието, беше прекршен и празничниот колач во слава и чест на преподобниот Нектариј Битолски, а по повод именеденот на отец Нектариј. Торжествата продолжија утредента, на 18.12.2022 година, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноналаствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Од историјата знаеме дека ниту еден голем и успешен покрет не започнал со закони, туку со идеали и воодушевување и со настојување тие идеали да се прифатат во животот на луѓето. Законите доаѓале многу подоцна, откако биле прифатени од поголемиот дел од луѓето. Законите доаѓале за да ги озаконат придобивките постигнато со борба или со работа и кои се покажале како поволни за луѓето во одредено општество. Но, кога настапиле поинакви услови на економски, политички, научен и друг план, се бараат поинакви закони. Старите закони стануваат реакционерни, односно кочничари за напредокот во друштвото. Тогаш настапува промена на старите закони, со добро или со сила. Новите идеали носат нови закони.


Ова се случувало низ целокупната историја на човештвото. Тоа се случувало и на религиозен план. Кога една религија ги губи своите идеали и животните сокови, доаѓа друга со подобри погледи. Таков бил случајот и со религијата во Христовото време. Може да се рече дека христијанството е религиозна револуција, која се случила на теренот на формалниот Мојсеев закон. Тој верски закон бил ограничен само на еден народ – Еврејскиот и бил сведен на разни формалности, кои го попречувале човекот во многуте негови трагања за подобри верски, морални и меѓучовечки односи.


За тоа ни сведочи денешното Евангелско четиво. Во една сабота Господ излекувал една жена која осумнаесет години била згрчена. Тогаш бил обвинет од „чуварите на законот" зошто тоа го направил во сабота. Исус му одговорил на старешината: „Лицемере, не го одврзува ли секој од вас својот вол или осле од јаслите во сабота и не го води ли да го напои?" (Лука 13, 15). Овој пример ни зборува за апсурдноста и формалноста на овие прописи за саботата. Волот и магарето биле ценети повеќе од човекот кој имал потреба, зашто на неговото исцеление се гледало како на смртен грев. Истовремено, да се помогне на волот или магарето не било грев. Господ Исус Христос многупати чинел добро на луѓето во сабота и секогаш од закониците и фарисеите бил осудуван и обвинуван. Дури некои заради тоа сакале и да Го убијат. Од Стариот завет знаеме дека уште кога Евреите биле во пустина, еден човек собрал пустински гранчиња во сабота и запалил оган за да ги згрее своите деца, но според Мојсеевиот закон таквиот требало да биде убиен. Мојсеј го извел надвор од народот и бил убиен со камења (4 Мојс, 15, 35). Сето ова зборува дека било крајно време за да дојде Христос и да ги укине овие сурови закони. Христос донел нов закон, со кој го заменил стариот. Така се случила вистинска преобразба на луѓето – на сфаќањата, меѓусебните односи и законските прописи. Затоа апостол Павле вели дека Христос го укинал првиот закон за да го воспостави вториот (Евр. 10, 9).


Господ Исус Христос, кога се препирал со фарисеите рекол дека Мојсеевиот закон и учењето на пророците важеле до свети Јован Крстител, а од тогаш ќе стапи на сила Евангелието (Лк. 16, 16). Затоа Христос и вели: „Сте слушнале како е речено во Стариот завет, ... а Јас ви велам...". Со овие зборови се укинуваат старозаветните прописи и се поставуваат нови: „Нова заповед ви давам... по тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе" (Јн. 13, 35). Со овој нов закон на Евангелието, огрејува нов ден и се воспоставува законот на љубов и почит. Христос дојде да нѐ ослободи од законот кој убива. За Господ Исус Христос човекот е поважен и од саботата и од законот. Сѐ е споредно во споредба со човекот.


Зад нас е повеќе од двеилјадигодишната историја на христијанството. Можеме да го измериме интензитетот на неговото влијание врз човештвото. Може да забележиме и одредени неуспеси кои се пројавиле во некои прилики. Но, мора да признаеме дека овие нешта не се поради лошиот закон, туку поради нашите човечки слабости. За жал, многупати во историјата се донесувале закони и прописи кои ја спречувале слободата на развој. Но, тоа е поради сфаќање на христијанството по наша мера и вкус. Затоа е потребно да се избегне претворањето на Евангелието во мртво слово. Треба да се вратиме во вистинското значење на Евангелието. Неговата смисла е мир и правда кон секого.

Одамна започнало градењето на царството Божјо на земјата. Тоа е внатре во нас. Започнало тогаш кога Господ Исус Христос го укинал мртвиот формален пропис на Стариот завет и посакал да внесе нов закон во срцата на луѓето. Тоа е законот за љубов кон сите, зашто сите луѓе се деца Божји. Љубовта кон човекот е негово најголемо назначување и достоинство.


И ние да се угледаме искрено на Евангелските начела и да не бидеме христијани само формално, туку вистински да го восприемаме Евангелието. Да се однесуваме согласно со неговата порака, па така луѓето да познаат дека сме Христови следбеници, не по име туку по дела, онака како што ни заповедал Христос. Прославувајќи го свети Нектариј Битолски гледаме дека тој Го возљубил Бога, но ги сакал и луѓето. Воден од Евангелските начела, бил удостоен да се вброи во Божјите избраници. Тој е и наш застапник, зашто ние со вера и љубов му се обраќаме за помош.


Ја користам оваа прилика за да му го честитам именденот на игуменот на оваа света обител, архимандрит Нектариј, да му посакам здравје и духовен напредок за афирмација на МПЦ-ОА, просперитет на оваа света обител и за спасение на неговата душа. Амин!

Дваесет и седма недела по Педесетница и свети Нектариј Битолски
Манастир „Свети Наум Охридски", Охрид
18.12.2022 год.

 

prepnektarij2022 1prepnektarij2022 2prepnektarij2022 3prepnektarij2022 4prepnektarij2022 5prepnektarij2022 6prepnektarij2022 7prepnektarij2022 8prepnektarij2022 9prepnektarij2022 10prepnektarij2022 11prepnektarij2022 12prepnektarij2022 13prepnektarij2022 14prepnektarij2022 15prepnektarij2022 16prepnektarij2022 17prepnektarij2022 18prepnektarij2022 19prepnektarij2022 20prepnektarij2022 21prepnektarij2022 22prepnektarij2022 23

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3