„Надлетувајќи ги црковните цвеќиња, како птица гнездо, која лета високо како ангел, Николае преблажени, непрестајно викаш кон Бога за сите нас, кои сме во неволји и искушенија, и нѐ избавуваш со твоите молитви“ (хвалитна стихира на Утрена на празникот на светиот Николај Мирликиски Чудотворец).

 

На 19.12.2022 година, денот на светлиот спомен на светиот Николај Мирликискиот Чудотворец, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Во светото Евангелие кое се чита за утрената богослужба на денешниот празник, Господ Исус Христос за Себе вели: „Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си го полага животот свој за овците; а наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците, ако види дека доаѓа волк, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и распрснува овците" (Јн. 10, 11-12). Покрај што Самиот Господ се нарекува пастир, пастири се и Неговите апостоли и нивните наследници во текот на вековите. Еве и ние денеска прославуваме еден од големите пастири во светот – свети Николај Мирликиски Чудотворец. Во Евангелието слушнавме дека Христос многу јасно прави разлика помеѓу вистински пастир и наемник. Вистинскиот пастир е тој кој ги води своите овци и се грижи за нив и размислува за нив. Кога ќе виде волк да иде, односно некој кој може да му наштети на стадото, тој го заштитува. Ако треба и самиот да го жртвува својот живот – како Христос за своето стадо – тоа и го прави. Од друга страна, наемник е оној кој кога ќе види било каква непријатност, бега од стадото. Бега далеку без да размислува што ќе се случи со стадото кое му е дадено да го чува.


Свети Никола живеел во време кога Црквата Христова била гонета од тогашните римски императори. Но, свети Никола не го завршил маченички својот живот, како што го завршиле многубројните светии од тоа време во III и почетокот на IV век. Тој умирал за своето словесно стадо секојдневно. Тоа значи дека тој, сецело се оддал за тие луѓе што го опкружувале. Благодарение на неговата извонредна љубов и неговата прекрасна доброта, како и на неговата пожртвуваност, постанал пример на пастир. И после толку изминати векови на сите страни во светот името на свети Никола не е само познато, туку и многу почитувано. Понекогаш тој е почитуван и од неверници, па дури и од друговерци – нехристијани. Постои пример од Кина, каде по револуцијата имало голема руска мисија. Во градот Хардинг пред иконата на свети Никола доаѓале Кинези, и палеле свеќи и покрај тоа што не биле христијани туку будисти. Но, свети Никола ги обединувал сите, затоа што тој ги сакал сите, се грижел за сите и ги водел во Царството Божјо.


И во денешниот ден, на оваа света Литургија, тој нѐ гледа од небото и присуствува со нас со многубројните Божји угодници и ни се обраќа на сите што ја слушаме оваа света служба. Свети Никола и нас денеска не охрабрува и ни дава сила и Божја благодат. Тој нè поддржува на нашите патишта, во подвизите, молитвите и во нашите стремежи да бидеме во Царството Божјо, за кое нашиот Спасител Господ Исус Христос рекол дека можеме уште денеска тука да го најдеме.


Светата православна Црква така торжествено го прославува свети Никола, како големите светители, светите три ерарси, кои уште се нарекуваат и вселенски учители. Тоа се свети Василиј Велики, свети Јован Златоуст и свети Григориј Богослов. Но тие, оставиле пишани дела преку кои се учат многу генерации на Божјиот збор. Свети Никола нема напишано ништо, но по служба се прославува рамно на нив и се доближува до дванаесетте големи празници. Можеби некој ќе праша: зошто е тоа така? Затоа што, во својот живот ја воплотил целата добродетел кон која Спасителот ги повикува учениците. „По тоа ќе ве познаат дека сте мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе" (Јв. 13, 35). Тоа е таа љубов, која ја проповедал многу години големиот проповедник и апостол на љубовта, свети Јован Богослов. Таа љубов, односно таа добродетел, свети Никола ја всадил во својот живот, како малкумина од другите Божји угодници.


Треба да знаеме дека свети Јован Богослов, апостолот на љубовта и свети Никола не повикуваат кон љубов. Тие самите светеле со љубов и нас нѐ повикуваат кон неа. Но, треба да знаеме дека љубовта и вистината треба да стојат на прво место. Ако човек се заблуди, потребно е да му се укаже за да се поправи. Но, ако тој се спротивставува на вистината, тогаш треба да се изобличи без страв, како што правеле светите апостоли и светите отци. Свети Никола на Првиот вселенски собор го вразумувал еретикот Ариј за да се откаже од своето погрешно учење. Но, овој останал упорен во својата заблуда и од 318 отци од овој собор бил анатемисан како еретик.


Ако ние во нашите постапки и во нашето живеење секогаш ги имаме љубовта и вистината, тогаш ќе бидеме вистински синови на Христовата Црква. Ќе бидеме вистински следбеници на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Да се обратиме со молитва кон свети Никола, за тој да ни помогне со неговите молитви. Во нашите срца и души да се всади силна и непоколеблива вера, љубов и вистина, та постојано да го славиме името Божјо и да добиеме милост Божја за наше спасение. Амин!


Свети Николај Мирликијски
Храм „Свети Никола Геракомија", Охрид
19.12.2022 г.

 

svnikola2022 1svnikola2022 2svnikola2022 3svnikola2022 4svnikola2022 5svnikola2022 6svnikola2022 7svnikola2022 8svnikola2022 9svnikola2022 10svnikola2022 11svnikola2022 12svnikola2022 13svnikola2022 14svnikola2022 15svnikola2022 16svnikola2022 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3