„Твојата смрт е навистина чесна пред Господа, славен Науме, оти, откако животот го исполни со благочестие и чистота и, изобилувајќи со секое благочестие, од нив ти се приложи обожение преку заедничарење. Затоа се молиме да им дарува на душите наши мир и милост голема“ (хвалитна стихира на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).
Споменот на преподобниот Наум Охридски Чудотворец и оваа година, во деновите на очекување на Рождеството на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, беше торжествено дочекан во Светинаумовиот манастир на водите на Охридското Езеро. Празнувањето на овој наш молитвеник и застапник пред Свеишниот Бог започна ден претходно, на 04.01.2023 година, со свечена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Утредента, на 05.01.2022 година, торжествата продолжија со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Атанас Казанџиски и Димче Азески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
„Сите ние многу грешиме. Но Оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го заузда и целото тело." (Јк. 3, 2)
Кога би се зеле сите лоши и празни зборови, што ги изговараат луѓето, и кога како некој ужасен гром би загрмеле истовремено, за еден миг овој свет би се претворил во прав. Сето тоа е многу тешко да се претстави сега. Но, ние знаеме како од лукави учења и од безумни повици настанувале метежи и војни, се разрушувале царства и оделе народи на погубување. Во зборовите е сокриена огромна моќ. Свештеното писание го нарекува Слово – збор, Оној кој е дојден да го спаси човештвото, Синот Божји. Отецот на светот вели: Оти Он роди по Својата волја, преку Словото на Вистината, за да бидеме почеток на Неговите созданија (Јк 1, 18). Дарот на зборот е бесценет дар Господов даден на луѓето. Но, тешко на тој кој ќе го исползува тој дар Божји за зло. Ниеден збор изговорен од нас не исчезнува без забележување, затоа што за секој искажан збор ќе бидеме должни да дадеме одговор пред Господа. Безумни, гневни или клеветнички зборови можат да убијат човек. Што е уште пострашно, лукави зборови може да ја погубат и бесмртната душа. И кон сето тоа да се додаде, дури и со без навредливи, но празни зборови, ние ја опустошуваме и сопствената душа.
Во секое време, а посебно за време на постот, како што сме во овој период пред Христовото рождество, треба да внимаваме на зборовите што ги има кажано св. Василиј Велики: за време на постот треба да го воздржуваме јазикот од празнословија, осудувања, клевети, лаги, ласкање и секое злочестие. Постот е време кога треба да се загледуваме подлабоко во сопствената душа, за очистување од гревовите што ја осквернуваат. А како ќе можеме да се вдлабочиме во себеси со празнословие, ако во нас сѐ е насочено кон надворешниот свет, каде човекот се украсува пред другите луѓе со своите зборови.
Постот го приведува човекот во општење со Бога. Но, како ќе го слушне гласот Господов во својата душа оној којшто е зафатен со своите зборови и оној кој го слуша само својот глас. Затоа и нѐ предупредува св. ап. Јаков: секој човек нека биде брз во слушање, спор во зборување и бавен за гнев (Јк. 1, 19). Самиот Господ Исус Христос се оддалечил во пустина, во безмолвие, за да зборува со Својот Отец Небесен. И првите христијани кои сакале совршенство, а тоа се подвижниците, се оддалечувале и се обединувале во манастири и скитови, каде на нивните души им се откривал Бог.
Ние денеска го прославуваме св. Наум Охридскиот Чудотворец. Тој како подвижник дошол во ова место кон крајот на IX и почетокот на X век. Но, треба да замислиме, дека во тоа време овој простор не бил пристапен како денес, каде по суво постои асфалтен пат, заради вистината многу тесен и со кривини за денешни услови, но во тоа време бил некаква козја патека. Но, тој тука се подвизувал и изградил манастир за служба, и во пост и молитва го поминувал времето. Затоа Бог, уште додека бил во овој свет, го дарувал со огромна благодат, да може да им помага на луѓето кои барале помош од него. Но, ние знаеме дека св. Наум е прославен уште повеќе од Божјата милост, и преку неговиот свет гроб и до денеска точи исцеленија на безбројни души кои искрено бараат од него помош за исцеление на разни болести. Како вистински угодник Божји, не гледа на луѓето ни кои се ни од каде се, ниту која вера имаат, туку на сите им помага, но само на оние кои вистински веруваат во Божјата милост и семоќност.
Па и ние кои сме собрани во неговиот свет манастир, да го прославиме овој Божји угодник и да се обврземе дека нашите јазици нема да ги користиме за празнословење и осудување, туку да ги користиме за славење на името Божјо и Неговите угодници, како што е св. Наум Преподобен Охридски.
Да се обратиме со искрена молитва кон св. Наум Охридски, па од нашите усти да не излегуваат лоши зборови, а Господ да ни испрати сладост и благодатни молитви за братољубие, мир и слога. Да се придржуваме кон советот на еден Божји угодник кој има речено: Да поставиме почеток на животот совршен и да се обновиме себеси и да се подготвиме за примање на идните и вечни блага. Амин.
Св. Наум Охридски
Манастир „Св. Наум Охридски“ Охрид
05.01.2023 г.